Сте го слушнале ли некаде правилото дека мажите треба да бидат со жена која е пола од нивната возраст плус седум? Ако мислевте дека Леонардо ДиКаприо и неговите 20 и нешто годишни манекенки (кои патем ги менува штом наполнат некоја година плус) е лидер на трендов, се лажете.

Правилово постои уште од 1901 година, и истото се појавува во книгата Месечината е сина, на Макс О’Рел. Фактот пак, зад кој стојат неколку научни студии дека мажите кои имаат помлада жена живеат подолго, само се надоврзува на истото (ете зошто Лео изгледа се помлад и помлад, а Трамп не ја испушта Меланија од видик).

И ако сега, на големата возрасна граница се гледа како на нешто што е табу, неприродно, па дури и се врзува за некој Фројдовски коплекс, во златните години на минатиот век немало апсолутно ништо чудно во тоа, мажот да е 10, 20 па во некои случаи и повозрасен, од жената. Од друга страна пак, на жените не се ставале денес добро познатите ептитети.

постари мажи помлади жени

Софија Лорен и Карло Понти биле разлика 22 години, Џејн Бркин и Серж Геинсбург – 18 години, а да не ги споменувам музите – љубовници на Пабло Пикасо и големите уметници на 20-тиот век и Чарли Чаплин и неговата Уна. Никој не ги нарекол маживе Sugardady ниту пак дамиве Sugarbabes, а дефинитивно никаде не е спомнато нешто како daddy issue.

Освен во случајот со Хју Хефнер и неговите зајачици. Но, тоа е веќе нешто друго. Едноставно кога станувало збор за љубовта дури и боговите молчеле, а предрасудите исчезнувале. Истово, претворено во холивудска бајка е претставено во еден од најубавите љубовни филмови Есен во Њујорк, со Ричард Гир и Винона Рајдер, додека нешто порано на еден малку похумористичен начин оваа тематика на платното, во црно – бела техника е прикажана во Љубов на попладне, со Одри Хепберн и Гери Купер.

Да бидам искрена, темава на муабет не се нашла еднаш на маса, можеби не сме навлегувале во драстични возрасни разлики, ама дефинитивно од 5 присутни жени 4 се согласиле дека попрво би биле со постар, отколку со помлад маж.

Зошто?

Едноставно, постарите мажи имаат искуство, знаат како да се однесуваат, не се детинести и дефинитивно не играат игри. Со нив знаеш на што си и секако го избегнуваш моментот на ненадејно исчезнување или неоснована љубомора.

Разговорите се сосем друго ниво, а на романтиката не гледаат како на нешто што би им ја уништило машкоста или не дај боже репутацијата пред другарите. Плус, стабилни се во секој поглед, а за една жена нема ништо попривлечно од тоа да знае дека може да се потпре на својот партнер.

Од правилово, секако постои и исклучок, а секако и некоја субјективно поставена црвена линија (особено кога ќе помислиш дека за 10 години од сега нештата нема да бидат во потполна функција), но не попусто секоја девојка гледа партнерот да биде барем две – три години постар. Не дека постои некоја математичка формула која ќе даде совршена возрасна разлика. А и кога би постоела, правилата постојат за да бидат прекршени!

Како и да е, доколку се најдете во ситуација да сте заинтересирани или можеби вљубени во помлада девојка од вас, треба да знаете неколку основни правила.

1. Не го потенцирајте фактот дека е помлада од вас, но во никој случај не се обидувајте да се однесувате како да сте нејзина возраст. Зрелоста е тоа што првично ја привлекло кон вас, па токму затоа модерните топло ладно игри, секс повици во ниедно време и ненадејни исчезнувања тргнете ги од вашата агенда. Незрелост од зрел маж е нешто што вашата девојка дефинитиво не го очекува од вас.

2. Не ја базирајте целата врска само на секс – малку романтика, внимание и интелектуална страст, може да ви донесе многу повеќе возбуда од обичен секс. Плус, сексот е достапен секаде, а интелектуалната стимулација е поретка.

3. Дозволете и да има свој живот без да бидете сеприсутни – не ја форсирајте кога станува збор за брак, деца или заедничко живеење. Дозволете и да ужива во младоста, без да се чувствува дека се однесувате кон неа како да сте и татко. Оставете и доволно простор без да ја гушите.

4. Искреноста е најважна – разговарајте отворено за тоа кои се вашите очекувања, ако сакате само кратка и несериозна врска кажете го тоа, така нема да давате лажна надеж за нешто посериозно кое во иднина можеби би се очекувало од вас.

5. Подгответе се за предрасуди – од нејзитите пријатели, родители, околината…
Сепак, на крајот од денот, сите стигми, предрасуди и табуа се тотално безначајно кога станува збор за љубовта. Ако Џанлука Вачи и неговата 27 години помлада партнерка Шерон Фонсека можат да живеат во љубовна бајка без да се грижат за она што ќе кажат соседите, можете и вие!

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Пишува: Лилит