Тим научници од САД развија нова технологија со која можат да ја прошират употребата на чиа семето во капсули или производи за убавина. Ако се прашувате зошто, тогаш добро е да знаете дека оваа состојка го забавува стареењето на клетката. Засега ова семе е само вкусен додаток на јогурти, чоколадни десерти, па дури и салати. Но чиата е позната по многубројните придобивки, без разлика дали се работи за срце, спиење или варење на храната.

Истражувачите од Purdue University во САД развија и патентираа нов метод за одделување на семето од слузницата, што претставува густа и леплива супстанца која го обвива семето и ја отежнува неговата преработка за храна и фармацевтски производи. Новата техника дава брашно од семе од чиа, богато со протеини, ветувајќи подобрена биоактивност и функционалност.

Како резултат на ова употребата на чиа семето кое потекнува од Мексико може да се прошири и во козметичката индустрија. Покрај брашното од семето, научниците тестираат и користење на слузницата и пептидите за развој на филмови што можат да се користат во капсули и други производи.