Општо познат факт е дека мажите ги сакаат сите жени. Се додека знае да им „го вози филмот“, да е доволно привлечна и забавна и секако да можат да сврзат два реда муабет, тогаш се видно заинтересирани. Ах, да и сексот. Ако сексот е добар тогаш имате Royal Flush! Но, дали она „возење на филмот“ им дава предност на постарите и поискусни жени? Женски сениорат во кратки црти.

Традиционално и општо прифатено мислење е дека мажите би требало да бидат 2 до 5 години постари од жените – сѐ што се движи под и над таа граница во минатото претставувало абнормалност (иако според црковните правила старосната граница се движи до неверојатни 15 години разлика!).

Нормално, причината зошто луѓето се држеле строго до правилото мажот да е постар од жената биле чисто финансиски. Мажите биле тие кои со текот на годините просечно заработувале многу повеќе од жените, па затоа колку биле постари толку тоа значело дека се финансиски постабилни.

Но, 20тиот век ни ги подарува Симон де Бовоар и нејзината женска дружина и одеднаш работите се менуваат. И велиме збогум на женската финансиска зависност, на сталежите, на договорените бракови. Добредојде на сексуалната револуција!

Жените почнуваат да стануваат свесни за својата вредност и независност, за моќта да одбираат наместо да бидат одбрани и за контролата која можат да ја имаат врз мажите. Стереотипите се рушат и нештата кои некогаш биле табу стануваат секојдневие.

Во 90тите години Мадона започнува еден нов тренд кој дамите низ светот почнаа слепо да го следат – самоуверено за рака ги шеташе своите помлади момчиња и во моментот кога ќе се заситеше од нив ги менуваше за свежо “парче месо”. Во моментов, нејзината листа на трофеи ја краси младиот модел Абубакар Сумахоро.

Не се голема разлика, само скромни 26 години. На листата така наречени кугарки следи Деми Мур со нејзиното поранешно момче (во буквална смисла на зборот!) Ештон Качер. Таа со своите 41 година го однесе пред олтар младиот Ештон кој имаше едвај 25 години.

 

Ни политичката сцена не заостанува, Емануаел Макрон и Брижит Троње со својата љубовна приказна ја ставаат Франција на пиедесталот на Едиповиот комплекс! Се запознаваат кога тој има 15, а таа 39 години. Професорка во средно училиште, тој нејзин ученик. Денес, претседател и прва дама.

И тука меѓу сите овие информации, парови, коментари и критики, мене во главата ми се врти само една филмска реплика „Stifler’s mom.“ Култната премиера на новиот поим – MILF (mom I would like to f**k). Кугар може да оди во пензија. Американската пита ни ја објаснува желбата на младите мажи во определен период од својот живот да експериментираат со својата сексуалност и како една од главните фантазии им е секс со постара жена, т.н милфица. Толку млади, згодни девојки околу него, а тој баш решил да експериментира со жена која е близу со годините да му биде мајка.
Што вели науката?

Според едно истражување (спроведено во Скопје од Институтот за етнологија и антропологија на Природно математичкиот факултет) мажите на ова прашање велат дека постарите жени имаат поголема самодоверба, поедноставни се, се чувствуваат пријатно во сопствената кожа, знаат што сакаат, поискусни се и можат да дадат соодветен совет, со нив може да се разговара на секоја тема.

Повозрасните жени имаат поголемо разбирање, потолерантни се и емоционално се урамнотежени. Тие се позрели, во нив има одредена мудрост која е многу привлечна за младото момче. Овие жени имаат поголемо сексуално искуство, а ова можеби е и најинтересниот елемент ги наведува младите момчиња да фантазираат за постара девојка.

Но, ако машката страна се сведува на чиста љубопитност и сексуална фантазија, тогаш што е она што една зрела дама ја тера да се вплетка во врска со „крцкалче“? Според истото истражување, жените кои биле вклучени биле едногласни за следново – Помладите момчиња се полни со енергија, убави, нежни, авантуристи, спремни за експериментирање, поприлагодливи се, физички поиздржливи, позабавни, што ја прави врската динамична, енергична, забавна.

Како и да си докаже себеси дека е сѐ уште во форма и дека сѐ уште вреди, го нема чувството што го има секоја жена во брак, обврска, монотонија, сервилност. Жените се секогаш посамокритични од мажите, опсервираат околу себе, свесни се за реалноста дека има многу помлади, поубави, понегувани девојки од нив, а некое прекрасно младо момче сепак се заинтересирало за неа.

Сосема е јасно дека тоа ќе ја фасцинира и воодушеви возрасната жена и е голем комплимент затоа што ако “изборот на пазарот е голем” секој е среќен што некој го одбрал токму него, и на тој начин се чувствува посебен.

Двојни стандарди

Токму во филмот „Prime“ Ума Турман вели – „Сега кога пробав помлад маж сфаќам што е она што ги привлекува мажите кон помлади девојки – целата таа наивност, неискусност, отвореност кон нови нешта.“ Нејзината љубовна афера завршува неславно. Разликата од 14 години беше посилна од љубовта која ја имаа еден кон друг. Но, филмов ме наведе да помислам на нешто друго.

Жените и тоа како одгледуваат двојни стандарди. Во еден момент ја гледате Мерил Стрип како во функција на психијатар за охрабрува Ума да ја продолжи врската со помладото момче, да си дозволи да се врати во живот и да се опушти, додека веќе во наредната сцена ја гледате истата таа психијатарка во форма на мајка, како го советува својот помлад син да ја прекине врската со жената која е постара од него.
Колку постаро е престаро?

Колку и да барам оправдувања во науката, психологијата и воопшто низ искуствата на луѓето, сепак за мене ваквата врска на постара жена со помлад маж е осудена на пропаст уште на самиот почеток. Пред сѐ тука е интелектуалното ниво на развој, мажите по природа подоцна созреваат од жените, на таа ментална разлика ако ја додадете и физичката ќе добиете можност само за авантура.

Во еден момент биолошкиот часовник на жената ќе посака репродукција, а стабилноста за основање на семејство тешко дека ќе може да ја најде кај момчето кое сѐ уште не знае што сака од себе и животот. Токму тука се враќаме на малата разлика од 2 до 5 години, која со текот на годините станува незабележителна.

За крај се поставува прашањето, каква врска воопшто имаат годините кога станува збор за љубовта, разбирањето и сексуалната компатибилност? Ако постојат поголем број на успешни врски каде мажот е значително постар од жената, зошто не би било и обратно?

Пишува: Лилит