Долгогодишно негувана брада, умешно потшишана коса, класични Бади Холи рамки за очила, внимателно одбрани тетоважи, неколку парчиња накит како дел од сопствениот визуелен исказ, класично претежно црна, модерна, но непретенциозна ама и некомромисно удобна облека… и неизбежниот велосипед како дел од севкупниот аутфит. На прв поглед ќе ви заличи како модерен хипстер.

Но Карло Хорват… не е оној кој го следи овој веќе долго време актуелен тренд. Уште помалку би сакал да се поистовети со него. Всушност трендот е оној кој го следи ваквиот негов животен стил. Зошто тој од кога памети за себе е тој и таков. Токму онаков оргинален, со сите карактеристики од кои всушност и се роди ваквото култно движење.

Со автентично чувство за отпор кон модерната потрошувачка култура и спротивставување на униформираната маса, слободно, неоптоварено и неусилено ќе се движи низ животот и своето егзистенцијално функционирање. Инсистирањето на слободата во секоја смисла ќе го креира неговото животно делување.

Со вродено естетско чувство, кое е и верифицирано со диплома на Историја на уметност, постојано ќе бега од агресивниот кич на современото општество и мозоците испрани со популарната култура и начин на живот. Тоа е всушност неговата школка која го штити неговото интимно поле на постоење, својот изграден став за себе и светот околу себе, а со својата појава ќе остави впечаток на ултра урбан тип.

Слободоумноста во сите нивоа на неговиот лајфстајл овие денови ќе направи особено среќен со одлуката да го работи само она што навистина го сака и каде е потполно слободен во изразување на својата креативност- рачната изработка на производи од кожа. Допадливи минималистички и функционални класични дизајни. Место каде што неговата севкупна животна филозофија доаѓа до израз- едноставното е најубаво.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.