За него нема дилема дека секогаш е во „Тренд”, но не само во еден од своите добро познати локали со исто име туку и по својот комплетен лајфстајл со кој го отсликува потполно името на најголемиот угостителски бренд во Македонија.
Предраг Васиљевиќ или попознат како Пеџа – Тренд, e добро позната скопска фаца, кој својата доминатна позиција на еден ултимативен урбан лик ја гради суверено долги години наназад, уште од раните младешки години. Но не само што со својот посебен усет ќе диктира трендови во овој тип на бизнис туку подеднакво ќе поставува и трендови на препознатлив имиџ,однесување и живеење.
Посветен и грижлив кога е изгледот во прашање, својата појава ќе ја прилагодува соодветно на приликата и пригодата. Без разлика дали е кафе-шема, бизнис состанок, на плажа или на скијање, Пеџа со вродено чувство го оформува секој аутфит, внимавајќи на изборот на соодветните аксесоари, од рачниот часовник, па сè до очилата за сонце.
Кажано со скопски жаргон, фраер со стил и шарм, кој без остаток води грижа за себе и својот изглед. Џетсетер во вистинска смисла на зборот. Но она што навистина го прави исклучителен и го издвојува во монотоната скопска шема е неговиот хиперактивен животен стил…
Како зависник од адреналин, екстремните спортови ќе бидат негова пасија а вљубеноста во моторите најголема страст. Во својата гаража ќе ги има дури седум на број, со посебна љубов кон секој од нив. Но подеднакво голема љубов и грижа ќе има и за животните, како за своите миленичиња така и за бездомните.
И она што е најпечатливо во целата приказна е неговиот став кон животот. Иако со професија која упатува кон постојана комуникација со луѓе, се чини дека тој едноставно си го живее животот по свои правила и желби.
ЗА СКОПЈЕ ЌЕ КАЖЕ: Скопје го сакам најмногу, но за жал губи од светлината со сѐ полош, понекултурен и поискомплексиран народ. Сами сме криви за сѐ што се случува, додека не тргнеме од себе, никој друг не може да ни го смени градот, затоа што побрзо да се освестиме.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.