Исклучително комуникативен, дружељубив, бескрајно љубопитен и неуморно активен, тој е во постојана интеракција со градот секојдневно опипуваќи го неговиот пулс. Здравко Ситновски кого сите го знаат како Ситна, е живописен градски лик силно препознатлив од далеку, но исклучително разговорлив од блиску.

Неговиот карактеристичен, грижливо негуван рокерски имиџ ја раскажува сопствената животна филозофија, но неговата напластена меморија за урбаната култура на градот крие многу вредни, интересни и инспиративни приказни.

“Многу имам видено, многу прошетано и живеено надвор од земјава, така што знам дека она што е добро опстојува, она што не е се појавува како тренд за набрзо да исчезне.”

ММАГАЗИН: Која е за Вас асоцијацијата за урбан лик? Се доживувате ли самите како таков?

Во денешно време на социјални мрежи што би значело да си урбан лик? И кој тоа одредува кој е урбан, кој не е урбан лик? Да, јас сум човек од градот, имам многу пријатели, многу познаници.

Секој човек кој има многу пријатели, кој го препознаваат насекаде е урбан лик. Некој како мене, некој кој живее долго во еден град, кој го сака градот и луѓето што живеат тука е урбан лик.

Начинот на кој се облекуваш, со кого се дружиш, каде излегуваш, што има да кажеш и каде ќе кажеш, сето тоа е она што те одредува како лик од градот или урбан лик. Јас само го живеам својот живот онака како што мислам дека треба, а средината со која сум опкружен кажува кој сум.

Здравко СитновскиММАГАЗИН: Како и кога почнува Вашата доживотна љубов со градот?

Од моите најрани детски години. Роден сум блиску до градскиот парк, имав безгрижно детство. Кога родителите ќе ти дадат многу љубов, таа љубов ја пренесуваш кон пријателите, роднините, градот и потоа еден ден кон своето семејство, децата, тие ја пренесуваат љубовта понатаму. Колку даваш нешто некому, толку, а можеби и повеќе добиваш.

ММАГАЗИН: Како современик, сведок сте на раѓањето и растењето на македонската Рок сцена, но и во директен контакт со неа по многу основи. Многу историја се има напластено во Вашето сеќавање. Се чувствувате ли како некој вид неформален хроничар на една урбана култура?

Цел живот сум со музиката. Најпрво, од најраните училишни денови како консумент на рок музиката, преку плочи, потоа доаѓаат концерти кои можев во она време и на моја возраст да ги гледам.

Потоа доаѓа моето дружење со македонските рок музичари кое трае до денешен ден. Можеби имав среќа да растам во времето кога се создаваше рок музиката во светот, а многу набрзо и кај нас.

Растев со првите плочи на Битлси, Ролинг Стоунси, Енималси, Јардбрдс и многу други, со музиката на Елипси, Црвени Корали, Силуети, со Република 903, Торр, Бисери и Безимени кои потоа ќе се фузионираат во Бисбез. Паметам многу!

Рок музиката и дружењето со рок музичарите за мене не беше само нешто што прави да ти биде поубаво, туку појдовна точка од која светот околу нас го набљудувам и дефинирам.

Работев со многу македонски и екс југословенски групи како човек кој се грижеше за осветлувањето, озвучувањето и сè она позади сцената за еден концерт да звучи добро. Имавме голем удел во успешноста на секој концерт и ние од позади сцената.

Работев со многу познати југословенски, македонски, но и групи од странство, да не ги наведувам и би можел да ви раскажувам многу случки, за убавите денови кога се создаваше нашата рок сцена, за нашиот ентузијазам.

ММАГАЗИН: Пред некое време се најдовте во селекцијата на урбаните личности во книгата „Урбани легенди“. Покрај тоа што се тоа ликови кои средината ги препознава, се чини дека е тоа збир на ликови од кои сите се познаваат меѓусебно. Се должи ли тоа можеби на фактот дека е тоа всушност есенцијално градско јадро кое е изродено од специфичното градско миље?

Да, тоа е книгата на новинарот Васко Марковски. Повеќето од луѓето објавени во таа книга и наречени како урбани легенди се мои пријатели. Се познаваме сите многу добро. Тука е и мојот брат познат како Бојс. Сите имаме свои приказни и сите сме на некој начин препознатливи.

ММАГАЗИН: Урбаните ликови освен по својата жива интеракција со градот, како по правило се издвојуваат и по изгледот. Вие со текот на годините, до ден денес останувате верен на својот сопствен рокерски стил. Што значи тоа за Вас?

Рокерскиот стил од секогаш бил во мода, а гледаме и денес многу модни рок детаљи повторно се враќаат. Во овој стил има нешто магнетски привлечно, особено во рокерската лежерност, смиреност, но на рок забави и концерти знаеме добро да се забавуваме.

Ова е мојот стил на облекување и мојот стил на живот. Зошто би менувал нешто, во кое се препознавам и се чувствувам добро? Се разбира кога одам на некоја свеченост, свадба, прием, знам да ставам костум, но секогаш е тука некој рокерски детаљ, како мојата марама на глава или црн шешир, некогаш кожен долг мантил и чизми.

Рокот одсекогаш претставувал побуна против востановените норми и затоа овој стил не им робува на строгите правила на облекување, а воедно нуди многу различни варијации. Мене тоа ми се допаѓа и јас велам Rock on!

Здравко Ситновски

ММАГАЗИН: Во својот повеќе од половина век животен пат, во својата сеприсутност во животот на градот, сведок сте но и директен учесник во дефинирањето на урбаната матрица на градот. Како денес ја доживувате агресивната асимилација на урбаноста од новите колонијални ликови?

Се дружам со моите пријатели, ги гледам моите деца и нивните пријатели. Секое време е различно и е подложно на промени. Кога ние бевме млади им изгледавме чудно на постарите, ги разбирав тогаш постарите, но ги разбирам сега и помладите.

Секој треба да го живее своето време. Ние сме хипи генерација, на толеранција и мир, ние бевме дел од рок генерацијата која направи многу позитивни промени во светот, во сверата на музиката, модата, литературата, сликарството и воопшто во светската култура.

Многу имам видено, многу прошетано и живеено надвор од земјава, така што знам дека она што е добро опстојува, она што не е се појавува како тренд за набрзо да исчезне.

ММАГАЗИН: Исклучително комуникативен, дружељубив, бескрајно љубопитен и неуморно активен, ништо не ве спречува секојдневно да го опипувате пулсот на градот. Од каде ја црпите таа животна енергија?

Животот треба да се живее. Родителите ме научиле да бидам љубопитен. Многу е важно во животот да знаеш кој си и од каде доаѓаш. Знаете, животот е една голема креација и за да го живееш квалитетно треба да внесеш голема енергија.

Ако имаш нешто во себе, што другите го препознаваат, ако луѓето те сакаат, добиваш енергија од секаде. Љубовта што ја даваш некому и што ја примаш од некого… тоа е таа животна енергија која ме прави среќен и ме тера, како што велите, секојдневно да го опипувам пулсот на градот.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.