Кинеската компанија Xiaomi, заедно со италијанскиот производител на суперавтомобили Lamobrghini го создадоа Ninebot GoKart Lamborghini Edition. Овој производ е картингот над сите картинзи. Lamborghini секогаш ја имале способноста да ве вратат во детството, но оваа нова „играчка“ е едно сосема друго ниво, а е направена со цел да се прослави 10-годишнината на кинеската компанија.

Доколку сте изненадени од оваа соработка, треба да знаете дека кинескиот електронски гигант претстави уште еден неверојатен производ по овој повод – првиот транспарентен телевизор на светот.

Назад на соработката меѓу Xiaomi и Lamborghini, овој Ninebot GoKart е финиширан во боја наречена Giallo Orion која е карактеристична за Lamborghini Huracan моделите. Картингот може да достигне брзина од 40 километри на час, а се карактеризира со LED „Ice Lake Blue“ предно светло за подобра видливост ноќе, со специјално изработени гуми со кои се овозможува полесно дрифтање во свиоците. Најдобриот дел, сепак, е емулацискиот аудио систем кој го имитира звукот на моќните мотори на Lamborghini.

Кога станува збор за брзината, можеби 40 километри на час не ја рефлектира моќноста на Lamborghini, но овој специјален картинг веќе е 5 km/h побрз од регуларната верзија, а исто така е многу помал и полесен, со што перформансите се уште подобри и понагласени.

Картингот се напојува со 432Wh батерија која е доволна за да се извозат 62 круга на 400 метри долга патека со едно полнење. Иако е мал, во оваа „играчка“ можат да седнат повеќето возрасни лица и може да носи товар до 100 килограми.

Xiaomi Lamborghini

Xiaomi Ninebot GoKart Pro ќе биде достапен на почетокот во Кина, а глобалното лансирање се очекува во иднина. Со цена од 1.200 евра, ова дефинитивно е најевтиниот Lamborghini кој ќе биде достапен на пазарот.