Трендовите се појавуваат и исчезнуваат, модните дизајнери доаѓаат и си заминуваат. Ништо во модната индустрија и модниот систем не е сигурно и вечно, освен нејзиниот календар – Пролет/Лето колекциите се прикажуваат на есен, Есен/Зима колекциите се прикажуваат на пролет, а и двете се продадени неколку месеци подоцна.

„Кога ќе се обидете да објасните како функционира модата на луѓето кои не се дел од тоа, невозможно е. Никој не може да разбере“, вели Дрис Ван Нотен, кој заедно со претседателот на Lane Crawford Ендрју Кит, повлекуваат иницијатива за промена на самиот систем според кој функционира модниот свет. Тие ги открија деталите во нивното отворено писмо до модната индустрија, кое собра повеќе од стотина потписи од нивните колеги дизајнери, извршни директори и продавачи.

Нивниот тајминг не можеше да биде подобар. На почетокот од пандемијата на коронавирусот, модните настани беа откажани, продавниците беа затворени, а брендовите се мачат да состават крај со крај. Сепак, пандемијата исто така претставува и нешто како deus ex machina, необјаснива моќ која пристигнува во спас на една неизгледна и безнадежна ситуација, катализирајќи ги промените кои модната индустрија одамна требаше да ги направи. По неколку недели шпекулации околу иднината на модата, отвореното писмо нуди поглед во една ветувачка иднина.

Менување на календарот и укинување на mid-season sales

Како прво, се предлага календар кој има смисла. Тоа значи продажбата на Пролет/Лето и Есен/Зима во нивните соодветни сезони. Тоа значи дека Есен/Зима 2020 колекцијата, која беше прикажана во февруари, ќе пристигне во продавниците во септември, наместо во средината на летото во јули, како што е обичајот. До тогаш, светот полека ќе навлегува во постудените месеци, па нема да биде воопшто глупаво и смешно ако одлучите во тие моменти да се подновите со нов капут или кондури.

И ќе морате да платите полна цена за нив, доколку се оствари предлогот за укинување на mid-season продажбите. Тоа не е нешто за што треба да се очајува – масовните продажби како Black Friday и Cyber Monday ги хранат нашите навики за прекумерен конзумеризам, што на крајот на краиштата и штети на околината. Исто така тие ги потценуваат вредностите на брендовите како Marine Serre, Burberry и Giorgio Armani, кои се дел од потпишаните во писмото. Но, тие имаат и свој предлог – попусти единствено на крајот од секоја сезона со цел да се дозволи повеќе продажби по полни цени.

Rewiring Fashion

Тоа секако ќе им помогне на помалите, независни модни бизниси, оние кои се најпогодени од пандемијата, да останат на површина. Брендовите како Craig Greenn, Erdem и Gabriela Hearst кои ја поддржуваат Rewiring Fashion, уште една иницијатива која се поклопува со барањата на отвореното писмо.

Гледајќи да се размисли за тоа како модната индустрија може и треба да функционира“, оваа иницијатива се надоврзува со нудење на детален моден календар 2.0. Исто така, оди и еден чекор понапред – сака да ги промени и модните ревии еднаш за секогаш.

Нарекувајќи го актуелниот формат на модниот систем застарен (се нема променето цели 50 години), предлага модните шоуа и ревии повеќе да не бидат правени по мерките на медиумите, купувачите и инфлуенсерите, туку за клиентите. Уште порадикално, бараат дизајнерите и брендовите да бидат слободни да презентираат онака како што ќе посакаат и кога и да посакаат. Да нема повеќе правила од организациите кои ги надгледуваат модните недели (Fashion Week) како што е Советот на модни дизајнери на Америка (CFDA) или Federation de la Haute Cuture et de la Mode, кој ја надгледува француската модна индустрија.

Големите играчи се уште одолеваат на иницијативите

Замислете да погледнете нова колекција, веројатно виртуелна, од Christopher Kane или Rodarte и потоа да имате можност да го купите тоа што ќе ви се допадне по само неколку дена. Тоа е совршено за светот кој е навикнат за се да биде инстантно.

Дали тоа ќе биде лесно изводливо е друго прашање. Заедно, двете иницијативи во моментов се поддржани од повеќе од 1.000 компании, повеќето независни брендови и продавачи. Очигледно недостасуваат големите играчи како LVMH и Kering, кои ги поседуваат лускузните марки како Dior и Givenchy, или Gucci и Bottega Veneta. Овие мулти-милијардерски компании ја имаат вистинската моќ да ги направат овие планови реални и да ја ослободат модата од своите старомодни начини на функционирање.

Rewiring Fashion веруваат дека треба да го направат тоа. „Ние се наоѓаме себе си во ситуација каде се соочуваме со моден систем кој е се помалку погоден и адекватен за вистинската креативност и на крајот служи за ничии интереси – ниту на дизајнерите, ниту на продавачите, ниту на клиентите – а дури ниту на нашата планета. Време е да забавиме малку и повторно да ја откриеме магијата на модата“.