„Некако се знаеше дека јас за професија ќе ја имам уметноста. Прво беше танцот, а подоцна спонтано си дојде и актерството“

Наталија Теодосиева предодредена за јавна сцена, веројатно не можеше да избегне уметничка професија.

Позицијата ќе ја лоцира во актерството, но тоа ќе е само форма во која ќе се слеат сите нејзини таленти кои ќе придонесат за многу кратко време богато професионално искуство и уметничко портфолио.

Млада, талентирана, посебна, ги поседува сите претпоставки за успех, па иако веќе го искуси посакуваниот интернационален црвен ќилим со филмот „Врба“, се чини дека е тоа само вовед во нејзината кариера.

ММАГАЗИН: Со оглед на семејната ДНК, колку беше неизбежен изборот на уметничка професија?

Доаѓам од музичка фамилија. Ваквиот животен стил и сфаќањата ги стекнав уште од мала. Кај нас дома најчесто се зборува за музика, култура и уметност. Некако се знаеше дека и јас за професија ќе ја имам уметноста. Прво беше танцот, а подоцна спонтано си дојде и актерството.

Наталија Теодосиева ММАГАЗИН: Кога и како падна пресудата токму за актерска кариера?

Завршив средно балетско, имав план за заминување во друга држава, сепак тоа не се оствари. Мојата професорка ми ја всади идејата во глава за тоа дека би требало да пробам на ФДУ.

Некако си реков – па ајде што. Ме примија. Цело време си мислев дека е минливо и дека ќе заминам некаде за да продолжам со танц. Се воспостави дека се пронајдов во таа средина и театарот и ете останав. Секако дека не се каам. Танцот ми даде предност за време на стидиите.

ММАГАЗИН: И покрај богатото професионално портфолио од забележителни театарски и филмски улоги, ликот на Родна е значаен професионален исчекор. Што промени тоа?

Секој проект на кој посветено и темелно сум работела менува нешто кај мене. Се разбира помалку во карактерот повеќе во креативноста и искуството како сегмент од мојата кариера. Родна ме направи многу поискусна и поподготвена за следните филмски предизвици.

Работејќи на овој филм имав можност да се изразам и безусловно да се впуштам во креација. Добив повеќе самодоверба и здрави лекции и за пред камера и за пред животот.

ММАГАЗИН: Која е Вашата асоцијација за врба?

Имам многу толкувања и асоцијации за врба но првата мисла која ми поминува во глава кога ќе се спомне тоа дрво, мене ме враќа во детството. Имавме врба под тераса, имаше долги гранки кои пловеа во река. Со таа врба пораснав.

Голема прекрасна, жална, осамена и грациозна појава. Кога невремето ја собори, тогаш видов колку била силна. Нејзините корени беа толку цврсти што целиот бетон го имаше подигнато околу неа. Од тогаш за мене врбата е симбол на раскош, тага и сила!

ММАГАЗИН: Материјалот од кој се гради секоја уметност се чувствата. Во колкава мера градителите(уметниците, особено актерите) треба да знаат да го користат материјалот? Како Вие се справувате со тој деликатен материјал?

Веројатно секој актер си има свој сопствен систем. Верувам дека тој се гради со текот на искуствата. Мојот е се уште во изградба, и мислам дека многу години ќе биде. Материјалите се собираат со животот и случувањата па така и градењето на личниот систем трпи доградба. Убавите и лошите приредби од секојдневието ги чувам, знам дека ќе ми се најдат. Го одбирам погодниот момент и тогаш ги моделирам. Многу е лесно вака теоретски да се напише, во пракса е покомплексно.

ММАГАЗИН: Танцот ја збогатува Вашата професионална рамка. Во колкава мера и понатаму останува дел од Вашето внатрешно движење?

Танцот е мојата прва љубов. Секогаш кога има прилика за тоа го практикувам. А и кога нема! Дисциплината која сум ја стекнала изучувајќи го танцот ме прави тоа што сум денес. Ми помага во сценскиот простор. Некогаш кога имам дилеми за решавање на сцена, размислувам на тоа ако ова беше кореографија, во кој правец би ја носела мојата имагинација. Многу често ми дава решение.

ММАГАЗИН: Што содржи Вашето „време за себе“?

Прво место на листата има патувањето. Иако малку сум скарана со слободно време, секогаш кога има простор за „киднување” максимално го користам. Ако не сум на пат тогаш се вдомувам и бирам серија која веројатно ќе ја изгледам за два дена.

ММАГАЗИН: Од кое верување не сте се откажале никогаш?

Дека времето ја носи вистината. Низ годините само ми се потврдило ова правило и цврсто се држам до него. Времето ја носи правдата, времето ја носи вистината.

ММАГАЗИН: Колку стравувате од стравови. Стравот како инхибиција или како предизвик?

Секако дека стравувам, да не стравувам од стравови веројатно нема да прогресирам. Најчесто на почетокот ме инхибира но брзо испловувам на површината и го поставувам како предизвик. Натпреварувањето со самата себе сметам дека е многу важно за мојата самоизградба и како жена и како актерка.

ММАГАЗИН: Во што повеќе верувате како начин на исправање на работите, во револуција или во еволуција?

Еволуција! Револуцијата ни е секогаш попривлечна и би рекла “скратениот пат” кој носи брзи резултати, кои не знам колку цврсто стојат на своите темели. Еволуција е подолгиот пат, патот каде секоја одлука или потег доаѓа како последица на претходната акција, затоа верувам дека еволуцијата е здравиот начин. Верувам дека овој процес на време, трпение, учење и спонтаност носи поцврсти резултати и здрава почва за духовно и ментално растење.

ММАГАЗИН: Во животот искреноста генерално прави проблем додека во театарот одговара на прашања. Колку инсистирате на сопствената искреност?

Искреноста со сама себе пред сé! За тоа се трудам секогаш. Се трудам да бидам искрена за моите акции. Се трудам да бидам искрена и со луѓе кои најблиску кружат околу мене, затоа што најмногу од сé посакувам и тие да се искрени со мене, тоа го ценам кај моите блиски.

Наталија ТеодосиеваММАГАЗИН: Впечатливиот изглед на црвениот ќилим во Рим говори за изразено чувство за мода, но воедно и чувство за себе. Колку она што го ставате на себе говори за она што го носите во себе?

Преферирам да носам на себе, во било која прилика, нешто во кое прво ќе се чувствувам како Наталија па после сé друго. Она што го носам на себе говори за мене, но не би рекла дека кажува сé. Јована Филиповиќ добро ја прочита мојата природа и го создаде тој фустан, прекрасен и силен.

ММАГАЗИН: Што ви говори Вашето искуство и животот во други средини за македонските мажи?

Колку и да сакам да се оградувам од тоа, сепак, овде поголемиот процент од мажите, жените, се уште ги гледаат како сексуален објект. Кај нас мажите ми се чини не разликуваат љубезност од флерт!

ММАГАЗИН: Што според Вас може да го спаси светот, љубовта, убавината или уметноста?

Емпатијата и свесноста која кај поединецот игра подеднакво голема улога како и другиот во општеството. Уметноста како медиум дека може да допре до поединецот, а убавината пред која никој не е рамнодушен е често злоупотребена. Најголема предност и давам на љубовта, со неа почнува сé.

ММАГАЗИН: За што будна сонувате?

Чист воздух, праведно општество и европски филмови!

ММАГАЗИН: Велат имај убава мисла и светот е твој, која е вашата убава мисла водителка?

Не би знаела да кажам која е таа една мисла. Но имам една моја теорија дека никогаш ништо не е за џабе, секоја една инвестиција во себе верувам дека ќе ми се врати во некаква форма! И тоа е мојата водилка.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.