“Сум бил и горе и доле во животот. Доброто кога си долу во животот, ги согледуваш вистинските пријатели и тие си ги чуваш за навек. Животното искуство си го прави своето и сега ми е потребно многу помалку време да ги проценам вистинските луѓе“

Континуирано присутен веќе дваесет години како креатор и аниматор на ноќниот живот во Скопје, Зоки Столевски најпознат по прекарот Свила е синоним за урбаната матрица на забавата на градот. Неодминлив дел од животот како на сведоците на она култно време, така сега и на оваа млада, нова генерација.

ММАГАЗИН: Ако се тргне настрана патетиката и носталгијата, колку сведоците на „златното време“ на забавата се привилегирани со изјавата „Во наше време…”?

Не знам како сум размислувал во тоа време. Веројатно мене или на градот му фалело диско од тој тип. Јас бев постојано надвор, многу ме интересираше звук и техника и ги следев тие трендови и едноставно тој концепт го пренесов тука. Немаше таков вид на клуб или диско како што беше првиот„Колосеум“ во Домот на градежниците.

Вистинска револуција беше летниот клуб „Колосеум“, некаде 2000-та година каде започнаа првите големи журки со големи имиња на диџеи. Први донесовме диџеј од светски калибар. Сигурно имаше преку 500 гостување на големи имиња. И тоа траеше до 2015-та кога се измени и атмосферата и публиката и се разводени целата приказна, па беа потребни нови свежи концепти и прилагодување на состојбите.

 

Сега трендовски треба да се прилагодува. Нема повеќе масовни излегувања, освен неколку концерти годишно. Нема публика за да функционира клуб како оној на Железничка на пример. И да сака некој не може да присобере толкав број на публика.

Тоа е некое мое мото -во животот не успева оној кој е тврдолглаво упорен и силен туку оној кој се прилагодува на условите. Идејата е основата на сé. Треба идеја, но исто така и визија. Секако да се има увид за секое место. Лофт е пример за тоа. Тоа е прво место презентирано како rooftop во Скопје иако местото си постоеше три години пред тоа. Потребна визија за потребите на пазарот и клиентелата, но и самиот да знаеш што конкретно правиш. Како тоа да се изведе и што конретно правиш.

Крајниот резултат е збир од три дела: идеја(концепт), изведба и работа со сите потребни елементи. И сите три се подеднакво битни за да се успее. Денес дневната шема е доминатна додека ноќниот живот не бил никогаш во полоша кондиција, од кога паметам.

ММАГАЗИН: „Panta Rei” Сé тече, сé се менува- промените се тие кои носат напредок. Напредокот е во прилагодување на условите или на креирање нови можности?

Напредокот е во прилагодување на условите, но креирајќи нови можности. Секогаш треба да ги следиме трендовите и врз база на нив да креираме нови можности кои ќе понудат нешто различно. Сепак за што и да правиме потребна е добра анализа, бидејќи не можеме без да се прилагодиме на моменталните ситуации, условите или потрошувачката моќ кај луѓето, да правиме нешта кои притоа нема да бидат ниту прифатени, ниту препознаени.

Потребно е навистина човек да види, прошета, согледа, зошто реално светот оди постојано напред, за да може да воведе новини и имплементира нови содржини, се разбира прилагодено на домашните услови. Реално, концепт кој функционира во Њујорк или Лондон не може автоматски да се насади овде. Потребно е да се адаптира и изведе суштинската идеја според сензибилитетот и менталитетот на домашната публика. Не е можно да се поистовети сé со западниот начин на живот, пред сé поради куповната моќ. Секој вид на бизнис основно, треба да се таргетира според целната група. Градот е мал, публиката исто така.

ММАГАЗИН: Каков е Вашиот однос и став кон облеката, имиџот, животниот стил?

Стилот е вроден, не можеш да го научиш и парите не можат да го купат. Не купувам трендовски, освен ако не ми се допадне и функционира. Внимателно ги одбирам работите според останата гардероба и нешто што навистина би го носел и добро искомбинирал.

Целиот аутфит мора да е потполно заокружен и искомбиниран. Не ги носам парчињата заради нив самите туку за себе. Имам три основни бои во гардеробата и не купувам секоја недела. Инсистирам на квалитет, но не и на цена, а факт е дека квалитетот има подолг век на траење. Не купувам постојано ама секогаш е тоа внимателно одбрано. Иако целиот мој концепт на живот изискува среденост, сепак е вниманието кон облеката е некаква моја природна даденост, а и односот кон нив.

Се врзувам на некој начин емотивно со нив, зошто ме потсетуваат на одредени драги моменти, личности, места и ситуации. Затоа кога пред три, четири години ме ограбија до последниот предмет, емотивно ме скршија и ми се чини дека тоа беше смислен потег на некој кој точно знаел да ме погоди во најранливата точка. Се разбира секој предмет може да се замени и надополни, но не и реткиот или оној кој носи сентиментална вредност која е ненадоместлива. Ми требаше време да се опоравам од тој удар.

ММАГАЗИН: Која е Вашата пасија?

Моја пасија се автомобилите што ми е наследство од татко ми. Не станува збор за вредност туку за уникатност која е вредност сама по себе. Мојот автомобил секогаш бил препознатлив и уникатен иако можеби и не најскап.

Вљубеник сум во автомобилите и затоа се приклучив и на ексклузивната група истородни вљубеници One life rely. Седумдесетина луѓе со “бесни коли“ во ревијална трка која нема натпреварувачки карактер туку е пред сé дружба и своевидно уживање.

Свила

ММАГАЗИН: Менаџер(сопственик?) на ноќен клуб (дискотека) со навики на спортист-исклучок кој го потврдува правилото или побивање на стереотипите ?

Спортувам, сакам тенис и скијање. Многу сакам море, ме опушта и желба ми е пензионерските денови да ги поминам покрај море, не на ексклузивно место, доволно е само да биде покрај морски брег, по бермуди. Сега за сега го користам секој момент и желбата за Бич бар на море мислам дека не е неостварлива. Останувам во градов кој го сакам и во кој сум се дал себеси максимално, но желбата за пензионирање мислам дека не е неостварлива.

ММАГАЗИН: По години ”ноќна смена”, што е повеќе амортизирано, телото или духот?

Пред сé трпи неизбежно телото, иако и психата не е поштедена со целиот тој изместен ритам и реален притисок. Ова е работа која изискува постојано присуство. Иако од страна изгледа можеби привлечно во основа е работа која бара постојан фокус и тотална посветеност со целосно внимание, што одзема огромна енергија.

Покрај физичката активност во одржување на менталната и физичка кондицијата ми помага и животниот стил кој го имам од секогаш. Без цигари, алхохол или било каква зависност од тој тип, здрава ихрана се мојот рецепт на одржливост, ментална и физичка и тоа ме прави атипчен угостител.

ММАГАЗИН: Што ве прави среќен?

Сакам убави работи од храна, облека, автомобили до убаво друштво и убави места. Нека е малку но нека е добро. Работам многу и моментите на релаксација ми се пресудни.

Сум бил и горе и доле во животот. Доброто кога си долу во животот е, ги согледуваш вистинските пријатели, и тие си ги чуваш за навек. Животното искуство си го прави своето и сега ми е потребно многу помалку време да ги проценам вистинските луѓе.

Настрана од професионалното време моето драгоцено време сега го делам само со моите вистиски пријатели и моите најблиски. Времето е она што ни е единствено дадено и сé можеш да му дадеш некому освен време. Некогаш е лекција времето минато со некој, некогаш е казна, тоа така оди во животот.

ММАГАЗИН: Како еден од малкуте најпосакувани ергени во градот како се справувате со „ситуацијата“?

Велат дека со годините кај жените опаѓа критериумот, додека кај мажите се подига. Секојдневни се контактите, но она што јас го барам се неколку работи во едно. Оваа е работа која веројатно сеуште ќе ја работам и која бара разбирање, прифаќање и прилагодување и личност која ќе може да се справи со сето тоа.

ММАГАЗИН: Дали годините и искуството ви ги видоизменија приоритетите и гледањето на нештата и луѓето?

Нормално, со годините, но и со збогатеното искуство се менуваат и приоритетите. Но генерално, приоритетите се да го подобриме општеството во кое пред се ќе владее позитивна енергија. Ништо на светот не е поважно од среќата на луѓето, па така сметам дека само со холистички пристап кон подобрување и креирање на нови позитивни навики можеме да придонесеме за убава околина, а во убавата околина луѓето би биле повеќе среќни со што би придонело кон доближување на тоа за кое и Скопје беше препознатлив на времето – град на сите!

ММАГАЗИН: Тлее ли во Вас желба за нови предизвици?

Ако на било кој друг човек што добро ме познава му го поставите истово прашање, ќе ви одговори дека живеам за нови предизвици. Константно години наназад, размислувам на нови предизвици и нови подвизи, а тоа е она што ме држи во живот. Скопје секогаш заслужува многу и сите ние му должиме да го направиме поубаво место за живеење, со подобар ноќен живот и најважно од сé со повеќе среќни и позитивни луѓе.

Сопственик на Tribeca – Botanic Shop & Cafe, ноќниот живот го оставивме на помладите. Урбан локал во Скопје, збогатен со многу зеленило и цвеќара, во кој впрочем приоритетите се поставени на вкусна храна, со позитивна и опуштена атмосфера, со пријатна музика каде луѓето вистински ќе може да уживаат во ботаничкиот амбиент. Креирањето на ноќниот живот го оставивме на сега помладите генерации, кои сметам дека треба да ги „засукаат ракавите“ и да му го вратат на Скопје она што веќе неколку години му недостига.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.