Филмскиот фестивал во Рим по 14-ти пат ќе биде во центарот на вниманието на италијанската публика од 17 до 27 октомври. Со најновото филмско остварување на Милчо Манчевски, македонската кинематографија ќе освојува нова територија. Токму на Филмскиот фестивал во Рим, како дел од официјалната програма ќе биде прикажан и филмот „Врба“.
Прв македонски филм селектиран во официјалната програма на Римскиот фестивал.
„Врба“ е во официјалната селекција меѓу 30-на филмови на фестивалот, заедно со најновото остварување на легендарниот Мартин Скорсезе „The Irishman“, како и „Motherless Brooklyn“ на Едвард Нортон, меѓу другите. Годинава добитник на наградата за животно дело е актерскиот великан Бил Мареј, кому наградата ќе му ја врачи прославениот американски режисер Вес Андерсон.
„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Филм за мајчинство, љубов и доверба. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.
“По десет години, убаво е пак да снимам тука – во меѓувреме снимив филм во Њујорк, краток филм во Куба и уште еден во Њујорк. Овој пат искуството беше одлично оти имав поддршка во организацијата како никогаш досега. Овој пат работев со одлични продуценти, посветени, чесни, професионални. „Врба“ е приказна за три мајки, филм за лојалност, љубов, мајчинство и доверба“, изјави на конференцијата за печат Манчевски.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето на филмот траеше два месеци, од крајот на октомври до првата половина на декември 2018 година, низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје. Процесот на снимањето на филмот помина во совршен ред, благодарејќи на професионализмот на целата екипа, и успеа да се сними дури и неколку дена порано од предвиденото.
„Врба“ ќе се емитува на Филмскиот фестивал во Рим на 19 октомври.