Видео игрите се привлечни за сите возрасти, но дали претставуваат проблем меѓу времето, обврските и желбите на младите родители?
Во 2019 Entertainment Software Association, глобална асоцијација на индустријата за видео игри, процени дека 164 милиони возрасни лица играат видео игри и дека во три четвртини од домаќинствата ширум Соединетите Американски Држави има по еден сериозен љубител на игрите. Истото истражување резултираше со податоци дека меѓу гејмерите кои се родители, 57% играат видео игри заедно со нивните деца барем еднаш во неделата и дека голем дел од гејмерите чија просечна возраст е 33 години, сега се веќе тазе родители.
За истите тие, играњето видео игри е дел од нивното детство, од секојдневното функционирање. За многумина претставува и еден вид социјализација и дружење со истомисленици, за многумина е извор на чувство за постигнување и самоактуелизација, а за посреќните и начин за зголемување на буџетот. Експертите велат, дека за одреден дел од гејмерите, оваа нивна страст е и одбранбен механизам. Многу од испитаниците во гореспоменатото истражување, изјавиле дека во првите 6 месеци до година откако станале родители, понекогаш жртвувале и неколку часови сон во текот на ноќта за играње видео игри, активност која ги релаксира и дејствува како издувен вентил.
Како и повременото парче калорична чоколадна торта или сочен хамбургер, така и повременото играње видео игри за да се ослободите од стресот не е ништо страшно. Но, кога не можете да престанете со играње, дури и тогаш кога одредени аспекти од животот стануваат запуштени, време е да кренете рачна кочница и да признаете дека постои проблем.
Д-р Laura Stockdale е психолог кој во моментов води лонгитудинална студија која треба да заврши дури за 20 години. Досега има податоци од 510 семејства кои играат и кои не играат видео игри. Нејзината цел е да го истражи развојот на децата под влијание на медиумите и патолошките тенденции за видео игри кои се развиваат кај децата во текот на животот. Загрижена е дека родителите погодени од активното играње видео игри, особено пред своите деца, несвесно запоставуваат да им искажат доволно вредност, активно да ги ислушаат или да им посветат доволно внимание на децата.
Минатата година, Светската здравствена организација официјално го класифицираше гејмерското растројство како болест. Не постојат конкретни мерки кои ќе воведат ред во вашиот дом и распоред, ако тоа не го направите вие самите. Stockdale препорачува да не надминувате повеќе од 2 часа поминати пред екраните, а што се однесува до децата, Американската академија на педијатри препорачува да не ги изложувате пред екраните децата помлади од 18 месеци, а за децата од 2 до 5 години, не повеќе од еден час дневно, задолжително со надзор.