Бидејќи свеста кај мажите за есенцијалноста на негата на кожата станува поголема, решивме да наброиме неколку од вообичаените проблеми со кои мажите се соочуваат. Животниот стил влијае на кожата, но од друга страна пак козметичката индустрија рапидно се развива и успева да се справи со скоро секој проблем.

Акни – Ако мислите дека само тинејџерите се соочуваат со овој проблем тогаш се лажете. Акните се застапени и кај возрасните. Причинителите за појава на акни кај возрасните не се разликува многу од таа кај тинејџерите. Една од главните причини за појава на акни кај возрасни е употребата на масни производи за коса, кои можат да ги затнат порите. Друга причина што може да предизвика акни кај возрасните е употребата на одредени стероиди, кои некои мажи ги користат за градење на мускули.

Според експертите и истражувањата заклучено е дека акните кај возрасните мажи најдобро реагираат на соодветна антибиотска терапија препишана од дерматолог. Некои терапии вклучуваат витамин А кој помага кај хроничните проблеми, со што се намалува можноста за лузни. Во процесот на лечење на акните се користат и третмани со ласер и хемиски пилинг.

Бричење – Бричењето создава низа проблеми. Но прво! Дали треба да се бричите во насока на растење на влакното или спротивно? Иако ние преферираме да се бричиме во насока спротивно на растење на влакното, тоа доведува до многу проблеми кои се рефлектираат на кожата, како чешање, црвенило, рани и појава на поткожни влакна.

Битна работа на која забораваме а која специјалистите ја препорачуваат е стерилизирањето на бричот. Второ, битно е да ја смириме кожата после бричењето, па за ова препорачуваат мала количина гел од алое вера и со капка бензоил пероксид 2,5% измешана со вазелин, еднаш дневно – прави чуда при смирување на вашата кожа.

Лузни и дамки – Постои разлика помеѓу лузните кои се појавуваат кога колагенот во основата на кожата се оштетува и се формира јама и дамки кои претставуваат пост-воспалителни хиперпигментации. Во случај на пигментација треба да се избегнува изложување на сонце, бидејќи тоа ја влошува ситуацијата. Потоа користете производи за осветлување на кожата, што ќе го намалат производството на меланин.

Кај лузните пак бидејќи оштетувањето е подлабоко и засегната е текстурата на кожата има повеќе начини на кои тоа го решаваат дерматолозите и козметичките специјалисти, а како најдобар третман за поттикнување на колагенот е ласерот.

Темни кругови околу очите – Прекумерното гледање во екранот на вашиот компјутер или телевизор, замор, недостаток на сон и стрес се најчестите причини за темни кругови и подуени очи. Овој проблем најдобро се решава со промена на животниот стил, но исто така се препорачува и одржување на подрачјето околу очите навлажнето со производи кои ќе ја осветлат кожата околу очите и ќе ја намалат подуеноста.

Сува кожа – Конзумирање на премалку вода, премногу кофеин, недоволно спиење, прекумерна изложеност на сонце… се најчестите причинители на сува кожа. Промените во животниот стил, како хидрирање на телото, здрава исхрана треба да а надополните со користење на крема со заштитен фактор и крема која ќе ви ја хидрира кожата.