Шведскиот производител на автомобили Volvo го направи најекстремниот тест, фрлајќи неколку автомобили од 30 метри висина. За овој тест автомобилскиот производител користеше кран. Од компанијата изјавија дека екстремниот тест за пад е дел од симулација која ќе им овозможи на спасувачките служби да се подготват за најекстремните несреќи.

Со овој тест всушност се создадоа сценарија како автомобилска несреќа при голема брзина, несреќи при кои автомобил удира во камион со голема брзина или несреќи при кои автомобилот добива сериозен удар од страна. Бидејќи сите овие ситуации би ги довеле луѓето во автомобилот во многу критична состојба, приоритет во ваквите несреќи би било патниците да се извадат од автомобилот со хидраулични алатки наречени „jaws of life“.

Volvo е компанија која години наназад соработува со шведските служби за спасување. Но податоците од ова тестирање овозможува наоди кои се достапни за спасувачите и кои би помогнале многу во развивањето на подобри способности и вештини при спасување на луѓето кои би се нашле во ваква ситуација.