“Постојат професии во кои нема работно време, нема канцеларии, нема правила и мора да си добар во брзи одлуки и импровизации. Тоа е особено важно во ваков тип на работа каде имаш „жива“професија… која секој ден има непредвидени ситуации…“
Неговото второ име е „Оној со животните”. Но, Војо Иванов е далеку повеќе од несекојдневна, за некои помалку и екцентрична приказна за блискост со животните.
Тоа е повеќе животна мисија на момчето кое ќе биде „промената која ја сака во светот” покажувајќи на дело дека во светот на бизарна отуѓеност на човекот од природата, но и од самиот себе, урбаноста започнува и завршува со светот како целина.
ММАГАЗИН: Колку детското „Кога ќе пораснам сакам да бидам…“ се разликува од сегашното „сум“?
Воопшто! Јас и денес сум едно големо дете, така наивно им верувам во нештата кои ги посакувам. Како растеме/старееме и ни се наметнуваат милиони рамки и окови на општеството кои пак сметам дека ни ја уништуваат нашата природа/карактер.
Нејќам да пораснам.
Сакам да сум оној што сум, тоа ми помага во комуницирање со животни и деца… Уште на 5-6 години знаев дека сакам ова да го правам и никогаш не ме напушти детскиот сон.
ММАГАЗИН: Ве изненади ли кога институцијата која ја имавте за свој втор дом, ве присвои и како формално свој член? Колку е тоа нов и амбициозен предизвик во стилот на она “биди промената која ја посакуваш во светот“ ?
Скопјани особено знаат и ме гледаат таму од мал, Македонија низ годините низ разни медиуми ме запознаваше и секогаш ме поистоветуваа со оваа институција, што ми е особено драго.
Ама Ѓорѓи(новиов директор) беше првиот што ме побара да бидам официјално дел од институцијава, со идеја да направиме позитивен пример и промени. Не е лесно да се работи со мене, мојата амбиција некогаш ги нервира соработниците, знам, ама затоа и ветувам во теоријата дека ако не припаѓаш на систем, не може да направиш промена во системот, а фала Богу да беше добар до сега ќе имавме Дизниленд.
ЗОО градината постои 93 години… Револуции правеле индивидуи, прашање е само дали ќе имам доволно followers сега во живо, во секојдневната работа. Тоа може да го смени системот, ова мора да биде тимска работа.
Муза во моментов ми е Господинот Станко Караман, човекот на кој му должиме многу! Кој знае како му било во 1920 кога почнал да раскажува дека сака да отвори Градска Зоолошка, парк, Природонаучен музеј… „еееј ние од цреша топче сме напраиле“, тој тврдел дека е прав момент за наука… којзнае колкави ѕидови рушел 1926тата ја отворил… и некогаш имам чувство дека во истото наидувам и јас на работа, ама си велам „Кога Станко можел со „опинци”, можам и јас со хохштаплери“.
ММАГАЗИН: Кога животниот стил станува професија, може ли да се разграничи приватното и професионалното?
Уф не, и не гледам зашто тоа би било проблем… постојат професии во кои нема работно време, нема канцеларии, нема правила, и мора да си добар во брзи одлуки и импровизации, тоа е особено важно во ваков тип на работа каде имаш „жива професија“… која секој ден има непредвидени ситуации.
ММАГАЗИН: Вие сте веројатно најкомпетентниот кој може да ја протолкува изјавата „Кој не сака животни не сака ниту луѓе“?
Навистина немам поим што сакале да кажат. Едно знам, има добри и лоши луѓе, има етички освестени и хохштаплери, имало и ќе има. Наше е да се бориме против тие што прават зло на планетава и животните, ама и на остатокот од луѓето… тоа не прави битие… човек.
ММАГАЗИН: Да се преведе јазикот на природата (животните) на јазикот на „таблет генерацијата“ претпоставува извонредно познавање на обата. Ако првиот го изучувате цел живот, колкав е Вашиот интерес за светот на технологијата?
Минимален, не дека не следам ама гледам колку да не заостанам тоа е често начинот на кој „влегувам“ во светот на новата генерација… која не си игра пред зграда или двор… не расте на улица туку во виртуелно општество и мрежи и тоа е ок… светот оди натаму.
Наше е да се вклопиме, всушност повторно тоа не прави совршени битија, можноста да се адаптираме лесно на секаква ситуација и околности. Што фајде од нас што учевме домаќинство, екологија, техничко.
Еве кај стигнавме веројатно треба да го смениме пристапот на едукација во нешто реално, непосредно, опипливо… да го адаптираме на новото време и тоа е еволуција.
ММАГАЗИН: Што значеше во Вашиот живот престојот во Африка, колку и како ве промени?
Многу, веројатно ми даде ново гледиште на видот на кој и самиот припаѓам- ЧОВЕК, се останато ми беше очекувано… од дете растев со сонот за Африка… да шетам по савана со животни, да снимам и пренесувам знаење тоа е мојата мисија, да бидам урбан месинџер на животните и природата.
ММАГАЗИН: Што урбаната џунгла може и мора да научи од дивината?
Искреност! Човек знае да глуми, да манипулира… тоа не постои во природа!
…аплицирам за Американска виза и човекот на шалтер го гледа пред себе моето минато и CV и ме прашува: Добро што бара човек како Вас во New York?:)
Велам: Го затварам посленото четиво од Биологијата, тоа е Човекот, каде на друго место ако не во „Бетонската Џунгла”.
После Африка тоа беше мојот фокус, заборавив на својот вид… затоа неколку години работев со луѓе од ранливи категории, деца, па дури и бев неговател на стари лица… за да го затворам циклусот еве ме пак на своето – Зоологија.
ММАГАЗИН: Дали Вашите пријатели иманентно се во истиот филм на животни вредности?
Не верувам дека некој калкулира во тоа, ама веројатно да. Каква енергија зрачиме таква ни се враќа.
ММАГАЗИН: Што за Вас претставува слобода?
Слободата е состојба во која природно припаѓаме, ама општеството, околината, родителите, партнерите ни ја загадуваат, ускратуваат ама тоа е наша одлука или не сме се бореле доволно за неа…
ММАГАЗИН: Каде завршува, а каде започнува слободата во контекст на зоолошките градини? Нивната еволуција во нови концепти ?
Хм знам… контрадикторно звучи/сакаш животни ама сакаш зоолошки?!.. демек како ова заедно… Едно е дека и тие се како луѓето, има добри и лоши, друго е дека сите треба да го сменат пристапот дека зоолошките не треба да постојат за да забавуваат луѓе туку да ги потсетуваат на етика кон природата, еколошко однесување…
А од друга страна пак, како знаеме дека детето се раѓа и чувствува природно во памперси, играјќи со полиестер?!.. климатизирани простории, озонери и јонизатори. Парфеми и вештачки бои, happy meals?!… молам?
Дајте му ја слободата на едно дете родено по 2000 година, извадете го од имагинариум, однесете го на Галичица без ништо, без smart играчки, дајте му ја слободата… појдете и Вие нема да е убаво искуство сигурен сум. Премногу се оддалечивме од природата, не ни е природно.
Сите животни во зоолошките се родени така… во урбана средина… тешко оди враќањето назад… да не збориме колку стана небезбедно за нив…
ММАГАЗИН: Каква треба да е еволуцијата на македонскиот маж? На што да се надогради, а што да надмине?
Веројатно дел од нашата култура е: за све не бива!.. што во повеќе ситуации е и предност, веројатно тоа е е генералната слика за Балканец… што пак се поклопува со мојата идеологија дека природно ни е да се адаптираме брзо.
Ама нешто што Балканец не се труди е да си најде свој печат да биде уникатен… некако тоа стереотипно размислување е нешто што мора да се смени- примитивно е.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.