По третото издание на фестивалот „All you need is love“, што се случи во неделата вечер, на 23 декември, во СРЦ „Борис Трајковски“, може да се говори како за уште една новогодишна традиција што ја воспоставија скопјани.

Главни ѕвезди на фестивалот беа: „Фанк шуи“, “Влатко Стефановски трио“ и гостинот од Хрватска – Џибони со неговите пријатели од целиот регион.

Музичкото загревање го започна бендот „Фанк шуи“, група која со својата автентичност и авангардност, сепак допира и до пошироката публика. Секако тие веќе имаат своја публика, која реагира и нивната најновата песна „Деца“, што излезе деновиве, како и нивните претходни хитови: „Архетип“, „Виулица“, „Стаклени нозе“…

„All you need is love“

Со излегување на сцената на Влатко Стефановски, Ѓоле Максимовски и Дино Милосављевиќ, атмосферата на концертот доби друга динамика. По неодамнешните концерти во регионот и во Австралија, Влатко и пренесе на публиката она по што Македонија ја препознаваат странците, секако се и песните како: „Јовано, Јованке“, „Учи ме мајко карај ме“, „Сеир“, „Бистра вода“, „Џипси сонг“, „Скопје“….

На концертот првпат пред поголем аудиториум засвире на тапани и неговиот син Јан Стефановски, кој одлично се снајде со палките.

„All you need is love“

На таквата концертна енергија, одлично се надоврза и Златан Стипишиќ Џибони, уште од првата песна го почувствува флуидот и и се поклони на македонската публика. Падна и заедничко селфи со публиката. Џибони со својот шарм и музичка вештина уште еднаш успеа да ја „купи“ македонската публика со своите стихови и рими, со песните-пораки кои го положија текстот на времето, како: „Либар“, „Опрости“, „Чиним прави ствар“, „Цесарица“, „Миракул“, „Људи, звири и бештимље“, „Темпера“….