Ако дефиницијата за современ џентлмен подразбира интегритет, самопочит, посветеност, дисциплина, љубопитност, храброст, емпатија, смисла за хумор, емоционална интелигенција, искреност, харизматичност, каваљерство, страст и пасионираност, тогаш е тој нејзина подвижна манифестација. Со име и појава која се забележува од прва, Ламбро Патче во само четири децении живот ќе достаса до завидни и престижни професионални позиции на менаџер за јавни работи и комуникации во Пивара Скопје, координатор за управување со кризи во Пивара Скопје, координатор за управување со иновациите за развој во Пивара Скопје, член на управен одбор – Стопанска Комора на Македонија, член на управен одбор – Ракометна федерација на Македонија.
Но она што ја суштински ја засјајува востановената слика за бизнис авторитет и ја разубавува рамката на успешно реализиран живот е одлучноста да биде најдобра верзија од себе навлегувајќи со подеднаква страст во професионалните ангажмани во иста мера како и во фотографирањето, летањето, нуркањето, па сè до уживањето на правењето домашни таљатели со семејството.
ММАГАЗИН: Необично и интригантно, Вашето име се памети од прва. Каква семејна приказна носи тоа во себе?
Ламбро се издвојува од останатите имиња, лесно се лепи за уво и се врежува во меморијата на луѓето. Мене тоа ми беше големо олеснување на училиште. Во средно учев во гимназија „Јосип Броз Тито“ и бевме многу палава генерација, и тогаш не добив никаков прекар.
Едноставно останав Ламбро – прекар впечатлив, сам за себе. Од друга страна многу често ми се случувало да ми го згрешат името и да направат симпатични варијации кои ги чувам во посебен фолдер и знам со нив често да се пошегувам со пријателите на своја сметка.
Во слободен превод Ламбро означува „светлина“, „човек што сјае“. Во православието најчесто се поврзува со Велигден. Ламбро е едно од имињата кои во овие краеви е малку подзаборавено, иако тоа во минатото, во времето на источното римско царство било често име во областите по патот „Виа – Егнација“ кој поминувал низ Македонија. Денес е најчесто застапено на Кипар и Пелопонез, а многу топоними околу градот Милано го носат ова име.
Името Ламбро го носам по мојот дедо. Можеби токму тоа ја мотивирало мојата пра-баба Ксантипи, која по потекло била од подалечните крајни предели во Грција, да употреби малку дипломатија и да го предложи, а мојот пра-дедо кој потекнувал од многу стара револуционерна Охридска фамилија Патче бил познат охридски трговец, да ја поддржи во тоа. Посебно ме исполнува фактот што моето име го симболизира миксот на обединување култури кој му дава особена препозналивост и белег и на Балканот во целост.
ММАГАЗИН: Вашата животна нарација и во оваа релативно млада животна возраст е приказна на која секој мотивациски говорник може да ви позавиди. Каква амбиција ве водеше низ лавиринтот на животот?
Во животот отсекогаш ме водела мислата дека не постои невозможна мисија или недостижна цел, туку само треба да се пронајде вистинскиот пат за нивно постигнување. За мене зборот амбиција има две значаења: истрајност и посветеност. Многумина ме познаваат како човек кој во секоја прилика сака да ги инспирира луѓето околу себе.
Сакам да веруваат дека и најневеројатните и најнеоставарливите цели може да претставуваат дополнителен мотив. Што е поголем предизвикот, тоа за мене претставува поголема движечка сила. Во животот ме води и амбицијата да правам добри дела. Многу често го користам и последниот атом сила секому да помогнам, да ги направам луѓето среќни и задоволни.
Оној што дава, тој и добива, секогаш без исклучок и сам двојно се усреќува. Тоа ми дава дополнителна енергија да го пронајдам полесно вистинскиот пат за совладување и на најтешките предизвици и моменти во животот. Кога ми е најтешко стаменоста и силата ја добивам од помислата дека ќе направам разлика во нечиј живот, дека некого ќе направам среќен денеска.
Мојата досегашна животна приказна е исполнета со многу искушенија, па дури понекогаш и многу тешки моменти проследени со предизвици на кој никој не би им позавидел. Тие искушенија можеле да ме натераат да го изберам полесниот т.е погрешниот пат, но јас секогаш сум го избирал оној вистинскиот, иако тој секогаш без исклучок бил потешкиот.
ММАГАЗИН: Не растеме кога работите се лесни. Растеме кога во животот сме соочени со предизвици. Колку Вашето завидно животно достигнување и професионално и приватно, е исправање пред искушенијата?
За мене искушенијата биле добро утро, добар ден и добра вечер. Можеби од денешна преспектива работите не изгледаат така, но ништо во животот не сум добил лесно. Мојата досегашна животна приказна е исполнета со многу искушенија, па дури понекогаш и многу тешки моменти.
Често проследени со предизвици и одговорности од многу рана возраст како единец на самохрана мајка, на кој никој не би им позавидил. Тие искушенија можеле да ме натераат да го изберам полесниот т.е погрешниот пат, но јас секогаш сум го избирал оној вистинскиот, иако тој секогаш без исклучок бил потешкиот.
Но, токму тие околности влијаеле кај мене да се развијат инстикти и техники за опстојување, и повторно исправање тогаш кога е најтешко. Кога си долу немаш многу време на самосожалување.
Овие особини што сум ги развил ми помогнале тогаш, а денес станале доблесен дел од мојот карактер и ми помагаат во справување со сите предизвици со кои секако се соочуваат сите оние што менаџираат мошне одговорни процеси. Или бараат совладување нови техники и функции кои од нив бараат да донесуваат одговорни, брзи и решителни одлуки.
На искушенијата сум гледал како на предизвици чие што совладување ќе ми помогне да остварам некоја своја цел или да постигнам нешто повеќе. Истовремено, ваквите мои карактерни особини ми овозможиле да воспоставам и одржувам квалитетни релации со многу луѓе, да заслужам кредибилитет за себе, да изградам трајни партнерски односи, да создадам среќно функционално семејство, и да реализирам мошне успешна кариера.
Кога би можел да се вратам во времето со стариот DeLorean од „Back to the Future“, би го направил истото. Само така можеме да се искалиме и да бидеме подготвени за она што ни претстои.
ММАГАЗИН: Дисциплина и креативност, навидум се спротивставени поими, но веројатно обата неопходни во корпоративниот бизнис. Ако вториот е талент, како се стекнавте со Вашата очигледна дисциплинираност и како успевате да ги аранжирате?
Оние кои што се добро упатени во креативноста во корпоративниот свет знаат дека еден нејзин дел е длабоко вкоренет во дисциплиниран процес на иновирање. Тука треба да бидеме вешти во, како што велите вие, аранжирање на не креативниот дел како правење на анализи, истражување и следење на процеси со креацијата.
Многу рано научив дека потребна е и слобода, out of the box разлислување и смислување на идеи и решенија кои на нестандарден начин ќе решат одреден проблем или ќе ни овозможат да искористиме некоја можност.
Она што е најважно при комбинацијата на овие спротивставени нешта е добриот баланс и поставување на јасни граници кога се занимаваме со процесните активности, а кога креираме и сакаме да бидеме иновативни. Лично знам и да прекршам некој процес за сметка на поголема агилност и креативност.
Јас сум човек кој секогаш се стреми кон перфекција. Тоа го барам од себе си, но исто така го очекувам и од сите останати. Се разбира, до перферкција не може да се стигне без голема дисциплина. Без оглед дали се работи за вежбање наутро, да направам совршена фотографија, да се подготвам за деловен состанок или за организација на накаков настан, јас секогаш кон сето тоа му приоѓам со максимална посветеност.
Животот ме научи дека со импровизации и без дисциплина нема напредок. На пример, во тинејџерските денови, кога повеќето мои врсници единствено размислуваа во која летна дискотека ќе се забавуваат до раните утрински часови, јас морав да најдам начини како да го заработам мојот џепарлак.
Најдов работа како организатор во телевизиска продукција за што морав да станувам многу рано и да ги правам сите неопходни подготовки, кои многу често беа комбинација на физичка и умствена работа и кои бараа исклучителна дисциплина. Уште од тогаш, научив дека без почитување на рокови и правила на организирање на нештата, едноставно работите нема да функционираат онака како што треба.
Без стремеж кон совршенството не би ги имале скапоцените „Fabergé велигденски јајца“, „Создавањето на Адам“, „P-51 Mustang“, „Apollo 11“,„Sony Walkman TPS-L2“, „La vita è bella“…
ММАГАЗИН: Кога имаме избор, тоа е среќна ситуација, но секој избор носи и дилеми. По кој клуч ги донесувате важните одлуки во животот, и професионални и приватни?
Токму така, среќни сме кога во одредена ситуација го имаме луксузот да избираме, но исто така и таа наша одлука треба да биде умно донесена. Секоја одлука со себе носи одредени последици, без разлика дали тие се позитивни или негативни и дали ни одат во прилог или не.
Кога ги донесувам најважните одлуки многу често се потпирам на мојата интиуција. Но, пред да донесам некоја одлука секогаш се обидувам да ја согледам пошироката слика, што се вели „да го видам распоредот на шаховската табла од малку повисоко“, да ги претпоставам сите можни потези, за да можам да го одберам вистинскиот.
Се чувствувам по исполнето кога ќе ги консултирам сите кои се инволвирани или имаат кредибилитет и експертиза да дадат своја додадена вредност. Потоа правам анализи за кои не ми треба многу време и се трудам да ја изберам најдобрата варијанта што ќе донесе придобивки, или како што се вели – да биде „win-win” ситуација за сите страни.
Не само за мене лично, туку и за сите оние кои се засегнати од ваквите одлуки, почнувајќи од моето семејство, моите пријатели, колеги, деловни соработници, за компанијата, како и за сите останати во околината во која живеам и работам. Луѓето тоа го забележуваат, многу го почитуваат, подготвени се да го поддржат и веруваат во успехот. Се случувало и да не успеам. Тогаш настапува “Ctr Alt Del” краток reboot позитивнa мисла и сè од почеток.
ММАГАЗИН: Секој си има свој концепт во животот. Некој оди во кафеана, некој во црква… Кој е Вашиот?
Во животот сум научил да не се „врзувам“ со места и предмети, туку со луѓе, искуства и уникатни доживувања. Во секоја прилика и на секое место се обидувам секогаш да се опкружам со пријатни луѓе со кои можам отворено да разговарам, со кои можам да разменам мислења, да научам нешто ново, да стекнам нови искуства и при тоа да го дадам својот придонес.
Едноставно, поврзувајќи се со луѓето, се трудам да ja извлечам најдобрата верзија од нив или најстрашната, да стекнам нови сознанија и искуства што ќе ми помогат во остварување на мојата животна цел – да ги менувам работите кон подобро, од што позитивни ефекти и придобивки би имале сите.
Инаку имам многу концепти кои звучат хектично и шашаво, но функционираат. Мене никогаш не можете да ме најдете осамен или во статична положба. Најчесто полнам батерии со музика од Queen, Bowie, Elton John, Marlene Dietrich.
“Memories of green”, “Tears in the rain” на Вангелис од Blade Runner како и Pool man сцената од Breathless со Ричард Гир и Валери Каприски со музика на Филип Глас аранжирани со исклучителен саксофон, можам да ги слушам во loop секоја вечер.
Сакам добри филмови, многу пријателства, забави и излетани километри на пат. Знам да имам свои ритуали. Уживам во pizza морски свет во „Енрико”, Велешка пита во „Марија“, салата „Бакал” по препорака на Мики, ќебапи во „Дестан“ со ледена Coca-Cola во стакло, орасница од „Ригара“ во чаршија, летање со хеликотер со Борјан, Драги, Деки, прелет над крстот со Стефанија, Никола, Саздо, Јане, Оли, Филип, бербер исклучиво кај „Вито” наздравен со 2-3 ѕидарски пива, па макар се разминале со слободни термини за резервација (сега знаете зошто сум бушав повеќето од времето).
Во животот ништо не ми било, како што се вели – „сервирано на тацна“. За секој успех сум морал да се изборам, при што имало и многу неуспешни обиди. Во мојот досегашен пат до успехот сум почнал од најниското скалило и при тоа сум се искачувал постепено, во ниту еден момент не заборавајќи дека животот е полн со предизвици и битки кои во секој момент можат да те вратат назад
ММАГАЗИН: Ван Гог ќе рече : „Успехот понекогаш е резултат од цела серија неуспеси. Постојат ли нешта во Вашиот живот кои ги сметате за свој гаф?
Во животот ништо не ми било, како што се вели – „сервирано на тацна“. За секој успех сум морал да се изборам, при што имало и многу неуспешни обиди. Во мојот досегашен пат до успехот сум почнал од најниското скалило и при тоа сум се качувал постепено, во ниту еден момент не заборавајќи дека животот е полн со предизвици и битки кои во секој момент можат да те вратат назад.
И едно е сигурно, ретки се работите во животот кои можете да ги направите идеално уште при првиот обид. Клучот на успехот е да не се обесхрабрувате и демотивирате од неуспешните обиди кои ќе ве следат на патот, туку да учите од нив, да ги согледате можностите и да бидете упорни.
Мислам дека ваквиот начин на гледање на работите, што е карактеристичен за културите од далечниот исток, како животна лекција сум ја научил уште во најрана возраст, преку моите обиди да направам совршена фотографија, совршено парче ентериер или при составувањето на совршен аквариум (каде за совршена аквариумска тревка имам нуркано во Црн Дрим и во јануари, па сѐ до процесот на учење како да управувам со авион).
ММАГАЗИН: „Никогаш не бев луд освен во ситуации кога срцето ми беше допрено“, ќе рече Едгар Алан По. Што сè ви го допира срцето?
Веќе 21 година срцето ми го допира само една личност. Во моите контакти на телефон стои под едно име: „love of my life”. Сите околу мене знаат за кого зборувам: таа е мојот најголем пријател, сопатник, личност која досега можела да ја следи таа енергија… тоа е мојата сопруга Славица Патче, мајка на моите две прекрасни ќерки Бисера и Јана.
Голем вљубеник сум на совршенството, и тоа во сите сфери од животот. Хедонистички, се трудам да му се радувам и додека можам го живеам и животот „со полни гради“ до последниот атом и сето тоа сакам да го споделам со моите најблиски.
Пред сè со Славица, Бисера, Јана како и со мојата мајка Биљана, мојот татко Владимир, мојата сестра Ева, останатите членови на семејството, како и моите драги несекојдневни пријатели. Љубовта кон сите нив, во различни форми, најмногу ми го полни срцето и ми дава најголема животна енергија.
Кога сум уморен и ми е неопходно „полнење на батериите“, јас едноставно морам да летам. Тоа ми го разбиструва умот. Тоа ме полни со адреналин и возбуда без кои јас не би можел воопшто да функционирам. Кристијан Беил во „Империја на сонцето” совршено ја има доловена таа фанатична љубов кон летањето
ММАГАЗИН: Поговорката вели: по дождот доаѓа сонце. Што се обидувате да барате (што правите) кога ви е сиво во душата? Што најубаво ви ја смирува душата, надобро ви го разбиструва умот, а што најефикасно ви го релаксира телото?
Доколку сте храбри и не ме цензурирате, тоа е водењето љубов. Дефинитивно следно на списокот е летањето она што најдобро ми го избистува умот и ми ја смирува душтата кога сум најпотиштен. Кога сум уморен и ми е неопходно „полнење на батериите“, јас едноствано морам да летам. Тоа ми го разбиструва умот.
Тоа ме полни со адреналин и возбуда без кои јас не би можел воопшто да функционирам. Кристијан Беил во „Империја на сонцето” совршено ја има доловена таа фанатична љубов кон летањето. Секој слободен момент го користам за да „избегам“ во височините. И тоа што повисоко и подалеку, тоа подобро. Тоа ми овозможува да ја почувствувам убавината од една друга перспектива, да ги наполнам батериите и почнуваме сè од почеток.
А, она што најефикасно ми го релаксира телото е „нуркањето”. Уживам да нуркам во длабочините, затоа што тоа, слично како и летањето, ми овозможува на најдобар начин да го составам мозаикот, да ги средам сопствените мисли, во тишината што ја овозможуваат длабочините или висината, сеедно.
ММАГАЗИН: Се опишувате себеси како перфекциониста и тоа е повеќе од очигледно во Вашето делување, дејствување и остварување на целите. Ако се земе предвид дека не сите го имаат тој капацитет, веројатно понекогаш тоа е и фрустрација за оние наспроти себе. Како се справувате со тоа?
Да, лично секогаш се стремам кон перфекција, но истовремено сум свесен и сум научил дека тоа не можам да го очекувам и добијам од сите, без оглед дали се работи за моето семејство, за мојот тим, за соработниците или пријателите.
Искрено, сеуште постојат ситуации кога од сите луѓе барам да постапуваат со истата енергија и посветеност како мојата, што може да создаде и одредени фрустрации, но се обидувам да се адаптирам во такви ситуации, што се вели да „кренам рачна“ и да најдам начин како да се распредели тој „товар на совршеноста“, при што сепак работите да се релизираат на најдобар можен начин и на задоволство на сите. И „Hall 9000“ се покажа несовршен 🙂
ММАГАЗИН: Што ви пречи во животот во Македонија?
Она што посакувам да се смени во нашата земја, во поглед на мажите, е тие да почнат многу повеќе да се грижат за своето здравје, како и за својот стил, изглед и однесување. Мислам дека свесноста за значаењето на редовните здравствени прегледи, за правилната исхрана, за физичката активост и спортувањето се генерално на многу ниско ниво меѓу мажите во земјава и тоа мора да се менува.
Исто така, треба да се менуваат и одредени навики и стереотипи во поглед на усогласеноста на физичкиот изглед со персоналниот стил, а особено внимание мажите треба да посветат на однесувањето. Џентлменството мора повторно да се врати во мода.
Мажите мора да почнат да се ценат и според тоа како ги почитуваат жените, сопственото семејство, пријателите и останатите членови во заедницата и каква е нивната дополнителна вредност што ја даваат во општеството.
Од исклучително значење е мажите постојано да работат на својата културна и духовна надградба, на пример преку читање книги, одење во театар, на оперска или балетска престава, да посетат некоја изложба… Животот на мажите не може да се ограничи само на посети на кладилници и одење во кафена.
Тој мора да добие и друга поширока димензија, во која мажите треба да ги прошират своите видици и искуства кои потоа ќе ги споделат со други и при тоа ќе емитуваат позитивна енергија и со своето добро однесување ќе бидат пример во своето опкружување и во пошироката заедница.
Едноставно мажите мора да стекнат и да ја развијат својата емоционална интелигенција, а таа најдобро се учи од жените кои, за разлика од мажите, природно ја поседуваат. Во овој контекст, лично се сметам за исклучително среќен човек поради тоа што во животот сум опкружен со исклучително многу силни и успешни жени кои поседуваат огромна емоционална интелегенција и стаменост.
Почнувајќи од мојата сопруга, од која добивам огромна љубов и поддршка, добивам одлични совети кои ми помагаат во надминување на најголемите предизвици, па до моите две алфа-ќерки, мојата мајка, мојата сестра, сите тие ми помогнале многу во мојата изградба како личност.
Влијанието на овие силни и успешни жени во мојот живот креирале кај мене високо ниво на емпатија која ми овозможува денеска многу лесно и отворено да комуницирам со многу луѓе, да ја добијам нивната доверба, подршка и заедно создадеме еден поубав заеднички универзум.
Во мојот развој како личност, а пред сè како професионалец, имав можност да се профилирам при соработката со плејада истакнати и искусни менаџери од Пивара Скопје кои доколку дозволите морам да ги истакнам: Јаневски, Чадиковски, Роглев, Поповска, Тодорова, Ружевиќ, Радосављевиќ, Косијер, Тимотин од кои многу сум научил и кои секој на свој сопствен начин на однесување и однос кон работите за мене оставиле посебен печат и претставувале модел. Доколку денес би имале повеќе вакви прекалени менаџери нашиот економски footprint би бил завидувачки и за многу поразвиени економии.
Исто така, ми смета што во нашата земја сè повеќе ги губиме семејните вредности. Семејството е јадро и основа за градење на одговорни личности. Токму во семејството сите ние ги обликуваме нашите основни карактерни црти и го дефинираме нашиот однос кон другите луѓе, што потоа го надградуваме низ системот на образование и останатите општествени системи.
И затоа според мене, негувањето на добрите односи во семејството е можеби најважно нешто кое треба да го зајакнеме во нашето општество. Семејствата денеска се соочуваат со многу предизвици. На нас останува да се прилагодуваме и бидеме иновативни за среќен семеен живот.
Потоа доаѓа и промената во системот на образование, менувањето на односот на наставниците кон децата и обратно, како и на односот на родителите кон наставниците.
ММАГАЗИН: Она што се нарекува прв впечаток (изгледот, визуелното, безговорното) кај Вас е јасна слика на некој кој води особена грижа за себе, од фит изгледот, па до беспрекорно одбраните и искомбинирани детали. Тоа е резултат на вродено чувство за естетика или развивана желба за себеусовршување?
За да го постигнам она што го посакував кај себе, во поглед на мојот изглед и стил, неопходно беше да вложам голем труд, желба за сопствено усовршување и многу да учам. Во минатато, пред скоро две децении, јас воопшто не изгледав вака како што изгледам денес.
Александар, еден мој драг колега сеуште на шега покажува фотографија од мене на која се гледа мојата несовршеност, во секој поглед. Мислам дека исклучително е важно да сите го поминеме патот на самоспознавањето. Јас 17 години подоцна изгледам и се чувствувам многу подобро, во секој поглед.
Таа промена е резултат пред сè на мојата огромна желба за усовршување во секој поглед, пред сè во начинот на исхрана, во физичката подготвеност и кондиција, во облекувањето и креирањето на целокупниот личен стил.
При тоа, внимавам сите овие елементи кои го дефинираат стилот да бидат совршено усогласени и да бидат рефлексија на мојот карактер, затоа што од огромно значење е она што го носите на себе, вашиот изглед да одговара и да се вклопува со вашата целокупна појава, вашата личност, карактер и однесување.
Лично сметам дека имам уште многу, многу работа на себе. Живееме во толку динамично општество што не принудува да секојдневно се менуваме, учиме и се унапредуваме на секое поле.
ММАГАЗИН: Психолозите велат дека децата не ги слушаат советите што им ги кажуваме туку го следат примерот што им го даваме. Ван Гог пак рекол: „Советот е човечкиот компас“. Какви совети (примери) им давате на своите деца?
Се трудам на моите деца да им ги отворам целиот спектар на можности уште од најрана возраст. Ги поттикнувам да ги откријат своите персонални афинитети, но истовремено и да им развијам чувство и вистински однос кон природатата, уметноста, литературата, науката, спортот…
Но, истовремено не сум родител кој се обидува да им наметне нешто на своите деца. Ги охрабрувам, се обидувам да ја „разгорам“ нивната желба и фантазија, но ги оставам самите да го почувствуваат и да го развијат својот афинитет и својата љубов кон одредена работа.
Во одредени периоди посетуваа или сеуште вежбаат одбојка, јазици, стрелаштво, јаваат, нуркаат, летаат, свират на инструменти. Ги подготвувам за Bond девојки, храбри се, знаат да направат избор, при тоа, останувам постојано блиску, преку разговор со нив да им укажам на сите можности и перспективи, како и за евентуални слаби страни за некоја работа, со што им помагам да ја согледаат целосната слика и да донесат вистинска одлука.
Тие го гледаат, оценуваат и следат тоа што го зборуваме и правиме. Во таа насока, како во приватниот, така и во професионалниот живот се стремам да водам со лични примери за однесувањето и вредностите со надеж дека ќе го следат истото. Многу разговараме за идинатата, па дури и на теми, како што се професиите што ќе исчезнат или ќе се појават во иднина.
ММАГАЗИН: Колку и како учествувате во креирањето на семејната атмосфера. Во што највеќе уживате во семејните мигови?
Уживам кога сме сите заедно посветени еден на друг. Секој член на нашето семејство има своја област и улога во која посебно се пронаоѓа. Кога би требало да направам груба поделба за тоа кој за што е одговорен, тогаш би рекол дека мојата сопруга е одговорна за својот сопствен бизнис, организацијата на домашните активности.
Таа е стожерот околу образованието на децата, а јас знам да помогнам во готвење (за тесто не се давам никому). Кога можам, уживам да чистам и средувам инфраструктурно сè во домот, но мое главно задолжение е забавниот дел на семејството, во што се разбира ми помагаат и ќерките.
Во тој дел јас ги планирам сите излегувања, забави, патувања, кои се периоди кога сме сите заедно и со нетрпение ги очекуваме. Изборот на дестинацијата за следното заедничко патување е оставен целосно на мене, а јас секогаш се трудам до последен момент тоа да биде изненадување за сите. Спонтаноста и чувството за авантура предизвикува возбуда кај сите нас и секогаш прави да си поминеме одлично. Уживам во спонтаноста.
ММАГАЗИН: Прашањето за тоа колку сте задоволен со курентниот животен миг може да биде само реторичко. Вистинското е – на што највеќе себеси сте си благодарен?
Најнапред, мора да кажам дека сум исклучително задоволен и благодарен од сè она што сега го имам и сум го постигнал досега во мојот живот. И тоа во секој поглед и во секоја сфера од животот, почнувајќи од домот и семејството, со себе си, со пријателите, како и во професионалниот живот.
Можам слободно да кажам дека не сум „роб“ на сопствените амбиции и останувам свесен дека во животот постојат предизвици кои можат да те натераат да се вратиш чекор наназад или многу лесно да те врати на самиот почеток, осамен како Чарлс Фостер Кејн и неговата детска санка Rosebud.
Но, дефинитивно имам уште многу што да понудам, имам многу планови, многу нови идеи што сакам да ги реализирам, и многу точки на мојата Bucket листа на животни желби кои сакам допрва да ги заокружам. I’m just warming up!!!
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.