Петокот во Скопје беше резервиран за формирање на Балканска винска мрежа. Иницијатор на новата регионална мрежа за соработка е здружението „Вина од Македонија“ и заедно со организациите: Центар за винска култура „Wine Q“ од Србија, здружението „Салон Жилавке“ од Босна и Херцеговина и Винската Академија на Црна Гора како партнери на проектот, како и други вински здруженија од земјите на Западен Балкан, го реализираат проектот„Виното како мост за поврзување на земјите од Западен Балкан”.

Вкупно 15 здруженија на вински производители, лозаропроизводители и сомелиери, потпишаа меморандум за соработка. На конференцијата присуствуваа и претставници на професионални здруженија и асоцијации од неколку земји од регионот – Грција, Бугарија, Словенија, Хрватска и Романија, кои добија официјална покана да се приклучат кон мрежата со кои Балканската винска мрежа ќе соработува во иднина.

Балканска винскамрежа - вина

Формирањето и функционирањето на Балканската винска мрежа финансиски се поддржани од „Фондот за Западен Балкан“ (Western Balkan Fund), што е основан од Владите на Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, во рамките на напорите за унапредување на регионалната соработка и интеграцијата на земјите од регионот во Европската Унија.

Светски ден на вранецот 2019

Саботата од беше резервирана за сладокусците. Се одржа Светскиот ден на вранецот 2019, во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје од 12 до 22 часот.Оваа винска сорта ќе се постави на исто рамниште со останатите денови кога се слават меѓународните сорти ширум светот. Настанот, Vranec World Day 2019, којшто е од исклучителна важност за винската индустрија во земјата, го организира здружението „Вина од Македонија“ (Wines of Macedonia).

„Вранецот“ е нераскинлив дел од винскиот и културниот идентитет на земјава, но и на целиот балкански регион. Сортата оригинално потекнува од Црна Гора, кај нас е најзастапена и тоа со приближно 11.000 хектари лозови насади. Токму „Вранецот“ овозможува создавање на овошни вина со ароми од капина, темни зрели сливи и ноти на слатки зачини, многу препознатливи и карактеристични по својата интензивна боја. Често се користи и за блендирање со други сорти, бидејќи дава структура на виното, моќ и полност, како и потенцијал за понатамошно зреење. Се работи за автохтона сорта која е секогаш интересна за меѓународната винска публика, а една од омилените и кај домашната, има голема отпорност на високи температури – вели Елена Младеновска-Јеленковиќ од здружението „Вина од Македонија“.

Манифестацијата ја поддржаа вински професионалци од регионот (сомелиери, истражувачи, специјализирани новинари, вински фотографи, блогери) од Словенија, Хрватска, Србија и од земјава. На настанот се одржа и првата дегустација во насока на дефинирање на посебна чаша за „вранец“.