Фасцинантната слобода која ја нуди морската шир, е нешто кое кога еднаш ќе се доживее, ве навлекува да сакате повеќе. Мирисот на бродско дрво, благиот ветар и широките едра, во комбинација со дозираниот адреналин, прават соврешна симбиоза на еден спорт под закрила на Посејдон. Едрење. Ердал Љушо е младиот едриличар кој веќе 20 години храбро ги освојува нашите, но и светските води. Предизвикот за големи остварувања, е тој што буквано му дава ветер во едрата!

ММАГАЗИН: Несомнено едрењето е еден неверојатен, но сепак не толку чест спорт, поради условите кои ги изискува. Кога првпат се качи на едрилица, беше ли тоа љубов на прво едрење? Се сеќаваш ли на чувството кога првпат ги освои водите на Охридското езеро?

Се сеќавам на многу работи од моето детство, но чувството од првото едрење пред точно 20 години е многу поинтензивно во однос на сите други сеќавања од тоа време. Беше прва недела на јуни, облачен ден со силен и студен северен ветер, а јас воден од глава до пети, изгубен во просторот и исплашен.

Ми требаше цела сезона да го надминам тоа, но работите почнаа за многу брзо време да стануваат интересни и предизвикувачки. По две години кога веќе почнав да стекнувам самодоверба за поминување време во вода во „секакви услови“ и помислив дека сум доволно подготвен, се случи да останам без ветар на зајдисонце, 14 км далеку од брегот, сам на осум години. Чекав да ме најдат после 4 часа потрага, по што следеа тон пцофки по автоматизам за тоа што не сум им кажал дека ќе го направам тоа.

ММАГАЗИН: Потекнуваш од фамилија која се занимава со бродарство. Колку бродарската професија на твојот татко беше клучна за да продолжиш професионално да се занимаваш со едрење?

Не се гледам и не се сметам себеси како професионалец, но максималната посветеност кон тренинзите за спортското едрење ми беше предизвикана од желбата за постигнување на значајни и сè уште непостигнати лични резултати, особено натпреварувачкиот дух кој ме водеше да направам нешто повеќе.

Пред сè, морам да напоменам дека, ми е особено драго тоа што мојот татко(иако едриличар) никогаш не ме форсирал на ниеден начин, да го правам ова. Со самото тоа што едриличарскиот клуб се наога спроти мојата куќа каде што живеам, честата релација дома-клуб, уште од мал, многу деца на едно место за дружба и огромен фрижидер со разни слдоледи, беа иницијалната каписла за мојот интерес. Изгледа дедо Перо е виновен што продаваше сладоледи до клубот.

ММАГАЗИН: Како се развиваше низ годините? Од кого најмногу научи за едрењето и каде се досега имаш настапувано?

Развивањето беше рутинско со прекрасни среќни моменти. Единствена работа ми беа образованието и тренингот, со огромна дисциплина. Не многу забавно, но сепак здраво, успешно и полно задоволства. Сепак, за едрењето најмногу научив од самото едрење. Факт е дека едрењето е комплексно и се учи цел живот, но секако постојат неколку имиња што имаат значителен допринос во тоа. До сега во мојата спортска кариера, имам настапувано на повеќе од 220 натпревари од кои 170 се интернационални. Претежно низ Европа. Во 2010 година бев рангиран на 47 место во светот.

ММАГАЗИН: Каде тренираш и дали практикуваш некој посебен режим на исхрана за да се одржиш во форма? Што најчесто знаеш да зготвиш?

Домашниот терен ми е Охридското езеро, има солидни услови кои знаат да бидат перфектни на моменти. Егејско море, Јадран, Медитеран и Атлантскиот океан се неизбежни. Немам посебен режим. Само гледам здраво да си ги внесам калориите во потребна количина. Готвењето од секогаш ми било забавно, а најчесто готвам тегла „Нутела“ со лажица.

ММАГАЗИН: Денес, покрај дирекното учество во едрење, твоето знаење им го предаваш и на младите едриличари. Колку Македонија има услови за развој на овој спорт и колку има заинтересираност? Кои се предизвиците со кои се соочуваш?

Пред сè самиот спорт зависи од географските и временските услови. Развојот е лесен, но настанува проблем во одржувањето на континуитетот, меѓутоа според функционалноста на државата и нејзината сила сепак сме оптимисти. Заинтересираноста постои секогаш но не би рекол дека е голема бројката што е сосема природно.

ММАГАЗИН: Што се однесува до стимулација на активниот туризам и едрењето, на кои проекти работиш и како преку бизнисот/спортот придонесуваш за развој на оваа гранка во туризмот?

Секои фотографија или видео кои се појавуваат на социјалните мрежи со едрилица на Охридското езеро, се основна промоција и стимулација за едрењето,во широки рамки, не само како спорт туку и како активност односно дел од авантуристичкиот туризам, достапен за секој. Мојата едрилица се трудам да биде што е можно повеќе (скоро секој ден) во езерските води.

Покрај онлајн маркетингот, сепак визуелната присутност на едрилицата на езеро е реклама сама за себе и воопшто не е за потценување. Не ретко случајни минувачи, покажуваат интерес за бродот и едрењето и ги интересира како може тие тоа да го искусат. Така што покрај спортското едрење на нашето езеро почна да се развива и комерцијалното едрење, на мое големо задоволство, затоа што едрењето како активност е за секого.

Исто така со моите пријатели едриличари со нашите едрилици, сме биле дел од мноштво различни проекти, од кои би го споменал последниот, септемврискиот од минатата година, односно акцијата за чистење на Охридското езеро, потпомогната од ЕУ делегацијата во Македонија.

ММАГАЗИН: Велиш дека 80% од твојата едрилица ја поправаш и одржуваш сам. Од каде се стекна со овие вештини?

Едрилицата е изградена од страна на сопствениците на кафе Регата во Струга, каде што јас бев присутен и при помош цело време. Познавањето на бродоградителството почнува уште од првите часови во Едриличарскиот клуб Снегар. Покрај едрењето се учи и како да се сервисираат и изградат модели на бродови. Очигледно е дека оваа работа одзема доста време, бара знаење и искуство така што поголем дел од моето слободно време сепак го поминувам покрај едрилици.

ММАГАЗИН: Кои се техниките и вештините кои ги научи низ годините? Што е тоа што сакаш да им го пренесеш на твоите ученици? Имаш ли тајна состојка за успех или некаква формула за справување на вода?

Едрењето е дел од поморството. Вештините кои се стекнуваат се вистинските вредности на еден човечки живот. Секој различно доживува. Дисциплина, напорна работа, посветеност, одговорност, љубов и грижа. Секако дека постојат тајни но не би биле тајни ако ви ги откријам.

ММАГАЗИН: Како изгледа твојата едрилица? Дали таа е местото каде се чувствуваш свој и безбеден?

Па, 8 метарската убавица рачно изработена од дрво, елегантна, цврста, прилично брза е најбезбедна за мене без разлика на временските услови. Драгоцено време во целосна слобода.

ММАГАЗИН: На што најмногу те научи едрењето? Како едрењето се пресликува во секојдневието?

Од самиот старт ти се дава едрилица од 3 метри. Тој брод станува дел од твојот живот. Сигурно се прашувате што може да те научи брод од 3 метри? Љубов и одржување на истото, адаптирање на услови, отвореност за промени, предвидување и планирање на следни чекори. Тактичност.

ММАГАЗИН: Облеката за брод, барем онаа комерцијалната може да се каже дека сама по себе зборува за луксуз и префинетост. Колку го негуваш овој начин на облекување? Дали преку стилот може да се познае твојата страст за едрење?

Самиот спорт и самата појава на едрилица е луксуз и елеганција на повеке места. За жал денес со социјалниве мрежи е многу значајно да изгледаш важно во тоа што го правиш, посебно ако не си. Јас не сум човек кој сака да носи едриличарска опрема на копно, било за спорт или за шетање низ град. Сакам еднобојни едноставни работи и не мислам дека потсеќам на едриличар.

ММАГАЗИН: Која е твојата животна филозофија?

Мојата филозофија е едноставност. Повеќе едрење и помалку драми.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.