“Научив нешто што е многу важно во изминатиов период, да елиминирам сè што ми делува негативно и ми одзема мир. Можеби тоа изгледа себично меѓутоа никој таа работа нема да ја заврши за тебе.“

Во животот за секој од нас, доаѓа таков момент кога треба да направиш избор кон каде ќе се движиш. Дали тоа ќе биде кон самоуништување, самосожалување и чувство на несреќа или кон пронаоѓање на сила во себеси за трансформација на самиот себе во најдобрата верзија. За Лејла Рамковска втората опција беше единствениот избор, а јогата беше начинот како да го изведе тоа. Со силна посветеност, континуитет и љубов кон својата присвоена активност оваа млада, атрактивна жена денес е во мир со себе и светот околу неа.

Лејла Рамковска

ММАГАЗИН: Делувате свежо, смирено и фит. Дали е тоа резултат од Вашата пасија со јогата?

Ви благодарам. Сигурно е резултат на тоа што преку јогата се осознав себеси, се прифатив таква каква што сум, но и со голема свесност каде и што можам да се подобрам. Верувам дека тоа на кој начин делуваме е резултат на вистинскиот однос со самите себе.

ММАГАЗИН: Како јогата влезе во Вашиот живот?

Некои не толку сериозни здравствени проблеми кои верувам дека се секогаш производ на некористење на цел свој капацитет за да си го направиш животот за себе и другите посреќен и полесен. Тоа беше одлука во еден момент, кога решив да си ја превземам целосно контролата во свои раце на тоа да бидам поисполнета.

ММАГАЗИН: Што претставува јогата за Вас? Колку ви помогна во успешното справување со предизвиците во животот или тоа е последица на Вашиот карактер?

Секогаш активно сум превземала чекори за решавање на одредена ситуација, меѓутоа пред јогата да ми стане секојдневие, сум имала понекогаш проблеми со фокус и истрајност и помала самодоверба пред некои предизвици.

ММАГАЗИН: Од лична потреба до јога инструктор за само 4 години. Што ве мотивираше толку страсно да влезете во тој езотеричен свет?

Промената која ја доживеав психо физички, просторот кој се создава во мене за нова убава енергија која се пренесува и на другите.

ММАГАЗИН: Јогата е денес Ваше секојдневие, но и професионална преокупација. Колку таа ви го промени животот?

Носи одговорност, не можеш да пренесуваш некое знаење и учење без да си го искусил самиот. Затоа ќе продолжам и понатаму да учам…

ММАГАЗИН: Се определивте за Аштанга јогата која изискува одредена физичка подготвеност, мускулна активност, поради Вашиот темперамент?

Се определив за обука по аштанга поради стекнување на дисциплина, во тој период од животот тоа ми беше потребно за да ја продлабочам својата пракса, меѓутоа мојата домашна пракса и часовите кои ги држам се малку поразлични и секој час поинакви, повеќе базирани на стекнување на сила, истрајност и присутност секако.

Лејла Рамковска

ММАГАЗИН: Колку семејството ја дели оваа Ваша предаденост? Успеавте ли да ги привлечете блиските на овој терен?

Многу сум среќна што голем број на луѓе привлеков заедно со моите блиски, да и дадат можност на јогата, а прв чекор кон тоа беше да се промени гледањето на тоа што е јога.

Кај нас луѓето имаа предрасуди кон јогата, но и кон себе како: не сум флесибилен/на, тоа е многу споро, не е за мене ја сум темпераментен/на,.. добра работа на инстаграм што малку од малку јогата стана попристапна и поприфатлива и иако за почеток повеќето започнуваме само поради убавината на позите и само заради физичкиот дел, со текот на времето праксата станува полична и духовна, која не треба да се сили и споредува со другите. Дефинитивно семејството ми е најголема подршка.

ММАГАЗИН: Што друго ве радува во Вашето секојдневие?

Моите деца, планинарење, патување и еден тесен круг на луѓе со позитивна енергија, взаемна подршка и почитување. Научив нешто што е многу важно изминатиов период, да елиминарам сè што ми делува негативно и ми одзема мир.

Можеби тоа изгледа себично меѓутоа никој таа работа нема да ја заврши за тебе. Секој си е одговорен првично за својата среќа за понатаму да можеш да ги правиш среќни блиските луѓе и пошироко.

ММАГАЗИН: Која е Вашата животна мантра?

Верувај во себе, биди апсолутно присутна во сегашниот момент и гледај напред.

ММАГАЗИН: Денес како самореализирана личност кои се Вашите понатамошни цели, желби и соништа?

Секако тие се поврзани со јога, исцелување и подобро психофизичко здравје. Да бидам достапна на многу поголем број на луѓе. Имам големи планови меѓутоа рано е за детали.

ММАГАЗИН: Кои се добрите, а кои лошите страни на македонскиот маж?

Не би можела да ги генерализирам луѓето па ни мажите на вакви или такви според тоа каде живеат. Ама еве генерално ако треба да кажам: малку повеќе добронамерност и почит.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.