„Не би сакал да си давам посебна вредност, но еден од аспектите што го оправдува моето живеење во земјава е мојата едукативната работа, но и личното сведоштво дека нештата можат да бидат и поинакви“

За тоа колку интелектуализмот е важен во модниот дизајн се чини нема поелоквентен пример од модниот дизајнер Никола Ефтимов.

Растен и воспитуван во семејство со високи етички, но и естетски стандарди, задоен со љубов кон литературата, културата и уметноста, својот личен, но и професионален профил ќе го врами во портрет со исклучителна лична приказна поткрепена со извонредна едукација, непресушно љубопитство, жед за постојано осознавање и посебна перцепција на просторот и времето.

ММАГАЗИН: Модата секогаш е одраз на средината во која се создава. Што во моментов таа ни говори за нашето општество?

Тешко е да се даде кус и генерализиран одговор, но првите нешта што ми паѓаат на ум се комформизмот, одењето по „сигурни“ и здодевни патишта, сè поголемиот јаз меѓу толпата (толпите) и индивидуализмот, површноста, лагата, симулацијата, искривената (да не кажам провинцијална) перцепција на глобалните појави, вообразеноста без покритие, полуписменоста, тесните светогледи итн.

Но, исто така, се чувствувам благословено што познавам автори кои решија да останат доследни на самите себе и такви што носат огромен потенцијал, но прашање е дали сегашното општеството има капацитет и желба да го препознае нивниот квалитет.

ММАГАЗИН: Од дизајнерски предлог до мејнстрим, како оди прифаќањето на машката мода кај нас и што зборува таа за локалната модна култура?

Иако постои генерален пад во однос на квалитетот на изведбата, изборот на материјали итн, позитивното е што се прошири перцепцијата за машката мода, што всушност опфаќа таа и какви се можностите што ги дозволува за изразување и игра.

Секако, не постои сиот спектар на модната понуда, како во некои други земји со западна традиција и изградена модна сцена, но треба да бидеме реални за разликите во однос на општествениот, цивилизациски степен на развој и непостоењето на средната класа и едуцираната елита.

Кај нас недостасуваат цели општествени сегменти, профилирани според животниот стил, културните навики и потреби, па дури и идеологијата (идеологиите), кои потенцијално би се препознале во дел од пошироката модна понуда.

Ме радуваат некои млади луѓе кои се поотворени за идејата за различни избори, но и индивидуалците од сите генерации кои некако успеаа да ги преживеат сите премрежија. Потребно е уште многу работа на модната култура, на моменти за базичната писменост, во други случаи за нијансирањето.

Доброто е што дел од мажите решија да го ослободат умот од најрудиментираните балкански „мачо“ стереотипи, кои можеби би биле интересни за етнолошки студии, па, дишејќи послободно, станаа поотворени за прифаќање на некои идеи, што понекогаш и не се така нови.

ММАГАЗИН: Упатените знаат дека машката облека од секогаш била Ваш голем предизвик и желба, уште од мастер студиите во Италија, преку првата колекција на машка долна облека во Македонија во 2003-та година. Сепак, низ годините сè помалку работевте на дизајнот за мажи. Ви недостасува ли тој исказ и се крие ли некаде сè уште тој креативен порив?

Точно е дека машката мода беше моја голема пасија, ѝ посветив доста енергија и време преку работата, размислата, учењето, истражувањата итн. Имав среќа да ја почнам мојата кариера во деведесетите години на минатиот век, декада кога се преосмислуваше нејзината природа, изразните средства, а на моменти и суптилната игривост во дизајнерските решенија.

Во Италија ги доживеав тие процеси од прва рака, на самиот извор на дел од глобалните случувања. Во моите дизајни си играв со материјалите, кроевите, доработките, модните додатоци, пораките, стајлинзите итн.

Еден момент увидов дека за да приказната има логичен след, би требало да се направи преминот од дизајнерски уникат и прототип во индустриски производ. Тоа не се случи, па освен како медиум за комуницирање на одредена идеја, решив да се повлечам од оваа категорија.

Во моментов соработувам со неколку интернационални дизајнерски платформи кои во дел од понудата имаат облека и додатоци за мажи. Во оваа фаза, изборот на форми е ограничен, но има простор за игра со дезените, боите, печатените мотиви итн.

Секако, ми недостасува тој дел од работата, но после сето искуство, решив повеќе да не работам само за аплаузи. Си го задржав правото на избор што да правам од професионални причини, а што како желба за игра или волонтерски и од љубов.

Симптоматично е и тоа што најголемиот дел од работите што беа дел од машки изгледи во колекциите, во мојот некогашен дуќан ги имаа купено жени. Истите тие дизајни беа многу поинаку доживувани во модно поосвестени средини.

ММАГАЗИН: Која е Вашата асоцијација за урбано, урбан лик и урбано однесување?

За да постои урбано, треба да постои град (многу комплексна целина), со урбанизам (направен со визија за град, а не за населено место со помал број на жители), со целата инфраструктура, градска архитектура и содржини од најразлична природа.

Жителите на градот се урбаните, со најразлични бои, нијанси и лазури. Тие знаат дека живеат заедно, имаат свест за другиот, имаат домашно воспитување, а со својата различност ја даваат комплетната слика. На урбаните луѓе домот им продолжува низ градот. Тие се отворени за учење и нови искуства.

Самодоволноста и самобендисаноста без покритие се провинцијални особини. Урбаните ликови се горди што припаѓаат на одредена заедница, ја бранат и негуваат, но ја имаат и широчината за комуникација. Урбаните средини се мултикултурни.

Урбаните луѓе ја имаат свеста за заедничкото добро. Различните урбани групи имаат добар смисол за хумор, многу често и на своја сметка. Тие имаат поинаква перцепција за времето и просторот. Урбаните луѓе имаат различни културни потреби, кои ги задоволуваат на соодветени начини, во градот од почетокот на приказната.

ММАГАЗИН: Ако државата, меѓу другото, се познава по третманот на животните, колку емпатијата го отсликува урбаниот лик?

Целата историја на живеењето во градовите е означена со меѓусебната упатеност на луѓето и животните. Таа релација била повеќе или помалку хармонична, но во актуелниот историски момент во кој живееме, недостатокот на емпатија кон животните не само што ја доведува во прашање урбаноста, туку е еднаква на дивјаштво.

ММАГАЗИН: Настрана од наталоженото професионално искуство од секаков можен вид, колку и како искуствената содржина од животот во различни општествени култури и атмосфери Ве градеше како личност и професионалец?

Растев во Скопје и Загреб, а поретко престојував и во Белград, поради друг дел од семејството. И тоа искуство не беше помалку впечатливо за мене. Потекнувам од етнички мешано семејство, во мене тече македонска, хрватска, австриска, словенечка, чешка, еврејска итн крв.

Ваквата семејна позадина многу рано го прошири мојот светоглед, ме соочи со постоењето на различни култури, го наметна учењето на различните јазици, но ме изгради и во толерантна личност.

Доживував различни искуства, различни традиции и научив многу финеси за културата на живеењето. Бесценети беа искуствата кога ја имав можноста во приватни семејни збирки да видам сецесиски лустери, бидермаер мебел, рококо гравури, стари германски изданија на книги, стари учебници по латински јазик, манастирски книги, антички наоди, дела на модерни и современи уметници итн.

Можноста уште од најраното детство редовно да бидам во близина на делата на старите мајстори на сликарството во некоја од институциите во Загреб, засекогаш ми го промени животот.

Никола ЕфтимовММАГАЗИН: Космополитот осознава, не се ограничува. По сите заминувања и враќања и во секој момент сјајни можности за живот и творење во поблагодетни средини, каков оптимизам ја ложи одлуката за Вашето присуство во одржувањето на рамнотежата овде?

Доколку ги гледаме нештата само од аспект на финансиска надокнада за сработеното и релаксираното живеење, моите одлуки за враќање во земјава некому би изгледале налудничави.

Би лажел доколку би кажал дека не ми недостасуваат културните содржини од некои други средини и достоинствениот живот, но очигледно секогаш постоела некаква посилна емоција што ме враќала назад.

Не би сакал да си давам посебна вредност, но еден од аспектите што го оправдува моето живеење во земјава е мојата едукативната работа, но и личното сведоштво дека нештата можат да бидат и поинакви.

ММАГАЗИН: Без патетика и носталгија, што како на зрел маж Ви недостасува од Скопје на Вашата младост?

Ми недостасуваат луѓето кои си заминаа на различни начини. Тие го правеа Скопје, ги дефинираа неговата отвореност и дух. Ми недостасуваат местата во Скопје во кои се чувствував како дома, покрај познати и непознати луѓе.

Ми недостасува скицата за град со потенцијал што Скопје ја имаше како цел, ќе треба да изминат децении да се поправат штетите од болната транзиција. Сето друго, без песимизам, уште помалку патетика е само времено крпење на еден од многуте горливи проблеми. Ми недостасува одлуката да бидеме град.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.