Современиот начин на живот го карактеризираат голем број на ризик фактори: нерегуларни оброци со храна со слаба нутритивна вредност, несоодветна хидратација, нередовна физичка активност, недоволен одмор и сон во вечерните часови, голема изложеност на стрес и многу други.
Нашиот организам сосема добро се справува со голем број на штетни агенси секојдневно, но проблем е кога нивното дејство е продолжено и компензаторните механизми повеќе не можат да одржуваат рамнотежа во телото. Тогаш настануваат најразлични болести кои може лесно да се превенираат доколку навремено се направат потребните промени во животниот стил.
Од стандардните препораки најзначајни се оние за редовно конзумирање на оброци со висока хранлива вредност и богати со свежо овошје и зеленчук, доволен број на часови за сон во текот на ноќта (оптимално 8), редовно практикување на физичка активност и неутрализирање на стресот на начин кој е најсоодветен за индивидуата.
Сепак, сè позначајна тема на многубројните современи истражувања е потребата од редовен внес на суплементи. Имено, храната која секојдневно ја внесуваме најчесто е процесирана со што се губи нутритивната вредност, а воедно и овошјето и зеленчукот не сме сигурни на кој начин се одгледувани и складирани. Поради тоа во препораките на многу експерти во медицината и здравиот начин на живот, суплементите имаат значајно место во секојдневната рутина.
Кога станува збор за мажите, постојат одредени специфични потреби кои треба да се суплементираат и кои зависат од стилот на живот, но и од возраста и придружните состојби.
Доколку станува збор за здрав маж, без хронични болести и редовна терапија, во основната секојдневна суплементација треба да бидат вклучени: мултивитамински производ со оптимален сооднос на витамини и минерали, омега 3 масни киселини, како и пробиотик за одржување на рамнотежата на цревната флора.
Мултивитамините содржат комбинација од сите најпотребни витамини и минерали кои може да ги надополнат потребите на телото кои не се добиваат преку исхраната. Доколку лицето пуши, треба да се зголеми дозата на антиоксиданти, особено на витаминот Ц и на тој начин да се неутрализира штетното дејство на слободните радикали.
Омега 3 масните киселини се значајни за одржување на здравјето на срцето, мозокот, а воедно ја подобруваат состојбата на зглобовите што е значајно за оние кои спортуваат. Спортистите исто така треба да се погрижат за заштита на зглобовите со суплементи кои содржат глукозамин, ходроитин сулфат и останатите компоненти на зглобот.
Пробиотиците кои ги содржат бактериите од цревната флора се значајни за здравјето на дигестивниот систем, но и за општото здравје на телото и функцијата на имунолошкиот систем. Мажите по 40-тата година имаат зголемени потреби кои произлегуваат од намаленото ниво на одредени материи кои нормално се синтетизираат во организмот.
Поради тоа, покрај наведените основни суплементи кај оваа категорија на мажи потребна е и поспецифична суплементација. Една од најзначаните материи неопходни кај секој маж по 40-тата година е коензимот Q10. Имено, организмот по 30-тата година постепено го намалува производството на Q10, додека пак потребите за истиот се зголемуваат.
Многубројни релевантни светски истражувања го потврдија неговото одлично дејство во подобрување на функцијата на срцето и заштита од срцеви болести, подобрување на мозочните функции, моќно антиоксидантно дејство што придонесува до заштита од малигни процеси, како и целокупно зголемување на енергијата и пероформансот. Болестите на простатата кои сè почесто ја афектираат популацијата на повозрасни мажи бараат адекватна свест и превенција.
Минералите цинк и селен покрај значајниот антиоксидативен ефект, докажано делуваат и на функцијата на простатата и генерално на репродуктивните органи. Билката пилестата палма е дел од сите модерни производи за подобрување на функцијата на простатата. Таа традиционално се користи во случаи на БПХ (бенигна простатична хиперплазија), а според најновите истражувања делува превентивно и од настанување на карцином на простатата.
Изборот за соодветен суплемент е индивидуален и секој свесен маж кој се грижи за своето здравје треба да ја надополни исхраната со соодветниот додаток за него. Здравиот животен стил кој подразбира и употреба на суплементи треба да стане дел од секојдневието, бидејки е круцијален за превенција на многу болести.
д-р Бисера Пандовска
лекар консултант во CaliVita Македонија