Марлон Брандо во Кум, Џон Хам во Момците од Медисон, Френк Синатра и неговиот омилен Jack Daniel’s, Винстон Черчил го комбинирал Jonnie Walker со добра пура, додека Марк Твен рекол „Премногу од се може да биде лошо, но премногу од добро виски никогаш не е доволно“.

Вискито е предизвикувачко, мистериозно, секси. Богато со историја и традиција, несомнено не може да биде пијалок за секој. Не секој знае како да ужива во уметноста на течноста со боја на мед. Не секој знае да ја препознае компексноста на секоја капка која ја носи со себе „водата на виталноста“ како што ја нарекувале во далечната 1400 година кога за првпат било дестилирано вискито, некаде во мистичните предели на Шкотска, подоцна се проширило во Англија и Ирска, за на крајот да го преплива Атлантикот и да стане еден од омилените пијалоци на Џорџ Вашингтон.

Таткото на Америка, толку бил фасциниран од овој пијалок, што отворил дестилерија на планината Вернон, која станува една од најголемите во тогашна Америка (истата постои и работи до ден денес).

Софистициран маж, облечен во совршено скроено одело од твид, потпрен на шанк, со чаша виски покрај него и пура во десната рака. Нозете благо прекрстени, со поглед кој не издава ништо повеќе од префинет вкус и стил. Ако се пронаоѓате во описот (или претендирате да го постигнете), тогаш е време да позборуваме за уметноста на пиење виски како вистински џентлмен.

Вискито се дефинира како алкохолен пијалок кој се дестилира од ферментирани житарки и потоа се остава да одлежи (созрее) во дрвени буриња, начесто дабови. 70% од аромата доаѓа токму од бурето. Дрвото претставува своевиден сунѓер кој му помага на алкохолот да дише, додавајќи шеќер од самото дрво.

1. Запознајте го своето омилено виски

Ако сте љубител на виски, тогаш многу е важно да бидете поткрепени со основните информации за пијалокот, како не би се нашле во состојба ако ве прашаат „Зошто баш овој пијалок?“ да немате друг избор освен да кренете со рамената. Исто така, важно е да го знаете потеклото и староста на вискито како не би направиле погрешен избор. Кога некој ќе ве праша, ќе имате подготвено елоквентен одговор и точно ќе знаете да објасните што го прави вашот пијалок посебен.

Најлесниот начин на разликување на вискито е според националноста

Американско виски – сладок вкус, созреано во буре минимум две години. Може да биде Burbon– дестилирано од пченка 51%, Rye – дестилирано од ‘рж 51%, Tennessee – бурбон кој е филтриран преку јаглен.

Шкотско виски – димени и земјени вкусови, дестилирано во Шкотска, старо минимум три години. Може да се биде Blended Scotch – буквално бленд од повеќе шкотски виски. Single Malt Scotch – дестилирано од стопен јачмен.

Ирско виски – лесен вкус, дестилирано во Ирска, старо три години.

Канадско виски – лесен вкус на овошна нота. Дестилирано во Канада, старо три години, најчесто се среќава како бленд.

Доколку сте почетници, најдобро е да започнете со Канадско или Ирско виски како полесни за пиење и со недоминантен вкус, потоа да преминете на Американско како виски со покомплексен вкус. И конечно да се префрлите на Шкотско, како виски резрвирано само за искусни уживатели.

2. Уживајте во секоја капка

Сигурно сте забележале како вистинските љубители на вискито посветуваат внимание на секоја голтка. Прво го вдишуваат мирисот, примајќи ја целата арома. Потоа голтка по голтка полека, ја разложуваат комплексонста на секоја капка, на секоја арома. Вистинските уживатели посветуваат неверојатни 30 до 60 минути за една чаша виски.

3. Оставете го да дише

Експертите за виски велат дека треба да го оставите вискито добри 15 минути откако ќе го сипете во чаша, пред да го дегустирате. Причината се крие во тоа што вискито, исто како и виното си бара време за да ја открие својата комплексна содржина. Нежно провртете ја чашата во вашата рака, дозволете молекулите да се ослободат. Ќе бидете изненадени од промената на вкусот.

4. Неколку капки вода

Првата голтка секогаш нека биде чиста. Потоа, за да ги ослободите останатите вкусови потребно е да додадете неколку капки обична вода. Не повеќе од тоа. Оваа количина совршено го разбива алкохолот токму толку колку што е потребно за да ги почувствувате сите вкусови.

5. Внимавајте на количината

Никогаш не ја полнете чашата повеќе од една четвртина. Никогаш не практикувајте да ставате или нарачувате дупла доза. Ќе оставите лош впечаток, а нема да може убаво да го почувстувате мирисот, ниту пак да ја свртите течноста во чашата.

6. Прво пријателите

Секогаш прво наполнете ја чашата на оној со кој седите. Доколку не сте сигурни дали сака виски, оставте му можност сам да си ја наполни чашата. Откако ќе ја послужите, наполнете ја вашата чаша. Станува збор за манири.

виски
7. Подарете го

Внимателно одбрано виски е одличен подарок за вистински џентлмен. Доколку знаете дека личноста на која сакате да и подарите виски преферира определен вид, тогаш обидете се да најдете лимитирана или посебна серија од истиот. Одвојте време и вниманите и најдете нешто кое не е лесно да се најде. Секако, не заборавајте на персонализирана порака зошто токму тоа шише е посебно.

8. Почитувајте го вискито

Некои од најдобрите шишиња виски во светот, поминале години и години во буриња за да го добијат вкусот кој го имаат. Моралана обврска е да му ја дадете потребната почит која ја заслужува. Токму затоа, никогаш не го пијте како шот, ниту пак што би рекле „ради реда.“ Десет голтки е оптимално. Резултатот ќе ве изненади.

пишува: Т. Крстевска

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ  Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.