Иако кај нас се уште не е застапен, сепак ваква иновативност и модерно решение не треба да остане незабележано. Uber Eats Delivery скутерот сега е опремен со „Uber Balance“ системот, кој вклучува стабилизатори со три оски, кои гарантираат дека пакетот храна ќе пристигне на конечната дестинација недопрен.

Корејските дизајнери, Мин Ју Ким и Хјеонџи Рох се обидоа да ја унапредат услугата за достава, особено во овој период кога ваквите потреби се зголемени поради пандемијата. Дизајнерите го искористија принципот на гироскопскиот систем, што значи дека врз системот не влијае наваленоста на возилото и ја задржува својата хоризонтална позиција со цел да го минимизира тресењето и спречува храната да се излее од своето пакување.

Uber Balance

Минималните потреси беа првичната цел на Uber Balance системот кој пристигнува со Uber Eats скутерот, како одговор на зголемените потреби за достава поради Ковид-19. Uber Eats доставата е услуга која бара – преку апликација – обични луѓе да учествуваат како возачи за достава. Наместо посебна деливери личност, секој може да направи достава до потребното место, користејќи велосипед, мотоцикл, па дури и одејќи пеш.