Сашо Самарџиоски повеќе од десетина години е прв човек на Прилепска пиварница, а според резултатите во работата во тој период – постојано на водечката табела во македонската економија… Сепак, се чини дека и покрај успесите во работата, јавноста малку знае каков профил на човек стои зад оваа компанија
За себе ќе рече дека е човек кој има свои принципи преку кои тешко поминува, па сепак има разбирања за многу различни погледи на светот. Човек кој на моменти е слаб, но знае да биде и безкомпромисен и одлучен.
Човек кој сака хумор и сака да се смее. Сака да биде меѓу луѓе и да се дружи. Човек кој сака да му верува на секој поединец, а во исто време да биде и безмилосен доколку е изневерен.
„Секогаш постои едно прашање на кое сеуште немам јасен и прецизен одговор. Тоа е – дали сум доволно добар во она што го правам? ”
ММАГАЗИН: Дали она што сега го работите беше во проекцијата на вашите детски соништа? Некаде во интернет-просторот се појавува приказната дека Вашите професионални амбиции во раната младост биле насочени кон ветерината. Гледате ли понекогаш со носталгија на таквите желби?
Да, добро сте забележале дека како дете имав голема љубов да бидам ветеринар. Тоа беше една љубов која кај мене се разви уште од најраните детски денови. Имав еден учител по биологија кој предаваше со таква љубов што веднаш го засакав тој предмет.
Иако учителот беше многу строг и принципиелен (тогаш сметавме дека е лош, а подоцна сфатив дека бил само принципиелен) јас секогаш со кеиф ја учев секоја лекција и оттогаш ја засакав таа наука.
Посебно засакав да учам за животните, гледав многу едукативни емисии на ТВ за животни, а да бидам искрен до крај и сега не ретко знам да завртам на Animal Planet или на Discovers Nature каналот и со сласт да уживам во преубавите емисии за животни.
Едноставно таа љубов од детството сеуште трае и најверојатно нема да згасне. Секогаш, уште од дете имав некакво животниче дома, најчесто кучиња и мачки, а и ден денес дома чуваме куче кое е неизоставен член на семејството. Мислам дека е најгаленото и најразмазеното куче што постои.
Но знам дека тоа не е така зошто секој кој чува дома животинче, за своето смета дека е најдоброто и најгаленото на светот! Инаку не знам дали сега сум носталгичен по тоа што не завршив ветерина, но дефинитивно ги сакам животните и им се радувам секогаш кога ќе наидам на некое.
И знам многу често кога ќе видам незгрижени кучиња или мачки, да застанам, да влезам во продавница и да им купам нешто за јадење и да ги нахранам. Веројатно сеуште детето во мене живее и се радува на такви работи.
ММАГАЗИН: Да се наследи семеен бизнис бездруго е привилегија. Но колку е тука одговорноста и притисокот поголем , особено ако е тоа успешен бизнис?
Имате право. Да се наследи еден успешен бизнис навистина е привилегија која ја немаат многу луѓе, а посебно не кај нас. Барем така беше пред 20-тина години. Сега веќе има доста успешни фамилијарни бизниси кои ги наследуваат следните генерации, но кога јас стасав да се вработам, не беше баш така.
Во нашата држава знаете дека имаше еден долг период на транзиција, некои велат дека сме уште во транзиција, и во тој период (90-тие години) многу компании се соочуваа со секојдневна борба за да опстанат и да преживеат.
Прилепска пиварница не беше воопшто поинаква од сите нив. Разликата е што таа е една од компаниите која ги преброди тие периоди, преживеа и сега стана успешна приказна на македонскиот пазар. Но како се постигна сето тоа, малку ќе биде да раскажувам на уште 50 страници.
Татко ми, кој беше генерален директор во компанијата цели 30-тина години и цел живот работеше и ѝ го посвети на пиварницата, го опишува во својата книга која ја објави пред три години и е дело во кое го сублимира цел негов работен век во комапнијата. Во неа тој ги објаснува сите убави и неубави моменти од животниот век на компанијата.
Е сега, да се расте во такво семејство, каде живееш секој ден уште од најраните детски денови со проблемите на компанијата која значи егзистенција за целото семејство, не беше лесно ниту беше без жртви.
И јас и сестра ми сме биле свесни уште од деца низ што сè помина пиварницата за да денес биде една успешна приказна на македонската економија. И кога си растен со проблемите на фирмата уште од најраните детски денови, кога ќе ја превземеш да ја водиш тоа е уште поголем товар кој го носиш на своите рамена и уште поголема одговорност која ја имаш за да ја одржиш компанијата, но и да ја унапредиш.
Верувајте не е ни малку лесно да се носиш со сите предизвици кои ти ги носи работењето секој ден, особено кога во компанијата работиш со своите најблиски, татко и сестра.
Треба да внимаваш да не се нарушат принципите на раководење кои си ги поставил или си ги усвоил веќе поставените, а од друга страна треба да се грижиш да не се нарушат фамилијарните односи кои колку и да сакаме да ги изолираме од професионалниот живот, не можеме.
Едноставно тие односи се провлекуваат меѓу себе и лесно можат да се нарушат и без да сакаме. Лесно е да се каже дека „ок, овде сме на работа од 8-16 часот и работиме професионално, а после 16 часот ќе бидеме фамилија“. Тоа не поминува воопшто така.
Ние и кога сме на работа знаеме да правиме муабет и да решаваме фамилијарни проблеми, а пак кога сме дома и на фамилијарни прослави да правиме муабет за работата. Едноставно тоа сме, луѓе од крв и од месо и не можеме да поставиме остри бариери во животот. А тоа го прави раководењето уште понапорно и поодговорно.
Во неговата книга има многу аманети кои ги спомнува и кои ни ги остава во наследство на мене и сестра ми и верувам дека досега добро се придржуваме до нив. Тие аманети важат и сега и ќе важат и во иднина во било кое време. Тоа се препораки кои не се временски детерминирани туку важат како постулати кои едноставно се битни за секој човек кој сака да биди чесен и успешен човек во бизнисот, но и во обичинот живот.
ММАГАЗИН: Колку аманетот од Вашиот татко во форма на книга ви помогна во надоградба на компанијата и нејзиниот прогрес?
Татко ми во својот животен и работен век стекнал огромно искуство и неговото знаење и препораки секогаш се од огромно значење за нас, за мене и мојата сестра. Не можеш да го занемариш она што го кажува, зошто очигледно е дека успеал да направи со свој труд едно дело кое сега ние се трудиме да го одржуваме и да го надоградуваме.
Во неговата книга има многу аманети кои ги спомнува и кои ни ги остава во наследство на мене и на сестра ми и верувам дека досега добро се придржуваме до нив. Тие аманети важат и сега и ќе важат и во иднина во било кое време.
Тоа се препораки кои не се временски детерминирани туку важат како постулати кои едноставно се битни за секој човек кој сака да биди чесен и успешен човек во бизнисот, но и во обичниот живот. Многу од нив тој ги има наследено од неговиот татко, кој своевремено држел продавница (бакалница), а татко ми таму работел кога бил на школски распуст.
И така, тие аманети се предаваат од колено на колено, само што плус се надополнуваат со некои позитивни препораки кои ги носи и ги бара модерното време. Јас по истиот пример работев во бутик во чаршија во детството, додека моите другари одеа на одмор за летниот распуст. Едноставно сакав сам да заработам за одмор.
ММАГАЗИН: Дали човек кога е на лидерска позиција во својата професија полесно е да се избори за „луксузот“ наречен слободно време или чувствува обврска сето свое време да го посвети на бизнисот?.. која е цената?
Кога сте на лидерска позиција во една компанија или во била каква институција едноставно треба да се сфати дека немаш слободно време. Кога водиш поголема компанија ( па не мора да биде и голема) едноставно стануваш workaholic.
Колку и да сакаме да се дистанцираме од работењето и да се опуштиме, неретко се случува повторно да се започне муабет за работата и да не понесе темата. Цената на таквата состојба е секогаш да биде човек напнат, под стрес, помалку сон, немаш трпение за многу работи, а најчесто за тие што најмногу ти значат, семејството, родителите, пријателите.
Успешноста се гледа и во тоа колку успешно знаеш да балансираш помеѓу професионалното и приватното, да ги менаџираш и тие процеси за да не дојде до превагнување на било која страна на вагата, дали само професијата или приватниот живот, зошто тогаш нема задоволство и кеиф во животот.
Цел живот е баланс и добро менаџирање. И тогаш кога не си менаџер по професија, ти менаџираш со својот живот. Тоа го правиме сите ние. Само не сме сите успешни во тоа и по тоа се разликуваме еден од друг. Во балансот е успехот.
Јас се трудам добро да балансирам и според мене мислам дека сум добар во тоа. Иако нормално има периоди кога работата бара поголем дел од времето да бидеш посветен таму, па потоа ќе си земам дел од времето кое треба да ми припаѓа мене и на моите блиски.
Вистина е дека ако не си дадеш сам на себе одмор и опуштање тоа никој нема да ти го даде. А во вакво динамично и турбулентно време мора да се најде испуштен вентил преку кој ќе се растерети човек од сите стресови, нервози, секојдневни стравови и ќе ги наполни батериите за да може и понатаму да функционира како што треба, без да му наштети на своето здравје.
Не зборувам овде за летен и за зимски одмор. Тоа го правам секако, но јас зборувам за активности кои треба да го правиме секој ден и на секое место. Јас на пример тоа го наоѓам во играње баскет со пријателите, пешачење во природа, возење велосипед (кога ке се стопли времето), дружба со пријателите, шетање на различни места, прошетки со кучето.
Не е битно што е, битно е човек да најде нешто што го исполнува и што ќе го натера барем одреден период да ги растерети мислите. Денес скоро 70% од сите болести се предизикани од нервози и стрес и кога тоа го знаеме мора да бараме начин да го растеретиме тој стрес и да го релаксираме нашето тело, за да може да ни служи подолго.
ММАГАЗИН: Кои ви се приоритетите во животот?
Приоритет е нормално, семејството. Да ги изведам на правиот пат двете ќерки (сега се на 12 и 10 годишна возраст). Да им овозможам сè она што јас сум го имал како дете, па дури и повеќе. Да станат добри личности и да го почитуваат она што го имаат, да станат она што сакаат да бидат без да имаат било какво оптеретување од она што сè.
Потоа, друг приоритет ми е компанијата да расте и да се развива секоја година, да излезе и во регионални и пошироки пазари. Но пред сè да биде една компанија во која ќе биде чест и задоволство да се работи.
ММАГАЗИН: Кои се Вашите особини со кои се гордеете?
Ќе ви кажам некои работи што мислам дека се ок и не толку ок. За себе сметам дека сум човек кој сака и знае да слуша, а помалку да зборува. Оставам кај другите околу мене да мислат со своја глава, а не секогаш јас да сум тој што ќе ги носи сите одлуки.
Сакам да ја поттикнувам креативноста кај другите и верувам дека секој има свои квалитети само треба да се пронајдат и да се поттикнат. Исто така имам свои принципи преку кои многу ретко поминувам и тоа го знаат тие што се околу мене.
Инаку ја почитувам многу точноста. Ја сакам прецизноста и не сакам заобиколување на работите и проблемите. Ја ценам искреноста, а ме нервира лагата. Кај кражбите сум немилосреден и безкруполозен.
А од мааните, би ја спомнал незаинтересираноста, па дури и дефокусирањето од одредени теми и проблеми. Може да се случи доколку некоја работа не ми е доволно предизвикувачка, да ја занемарам скроз и да изгубам интерес воопшто за неа. Исто така сум перфекциониста, па многу често ништо не е доволно добро, што од друга страна пак е позитивна страна за да ги движиме работите постојано кон подобро.
ММАГАЗИН: Кое прашање најчесто си го поставувате сами на себе и имате ли одговор на него?
Секогаш постои едно прашање на кое сеуште немам јасен и прецизен одговор. Тоа е – Дали сум доволно добар во она што го правам?
ММАГАЗИН: Што за Вас значи достоинствено живеење?
Живот во кој даваме, помагаме колку што можеме на сите оние кои имаат потреба од нашата помош, дадена со чисто и искрено срце, без интерес и потреба од возвратна услуга. Живот во кој она што го имаме и колку го имаме, го споделуваме со нашите ближни, она што го заработуваме не е крадено или по цена на некоја друга несреќа, живот во кој не повредуваме друга личност за наша благосостојба.
ММАГАЗИН: Што ви пречи, а што привлекува во комуникацијата со луѓето?
Ги сакам луѓето кои се позитивни и имаат ведар дух. Сакам кога имаат јасен став, кога се прецизни во она сто го кажуваат, а не да ги заобиколуваат работите или да ги кријат. Сакам луѓе кои знаат да слушаат и имаат добар тоналитет во говорот.
Многу ми пречи кога луѓето не се искажуваат целосно, па јас треба да ги дешифрирам што сакаат да кажат. Исто така ми пречи одреден тоналитет на гласот кога е многу висок или многу низок. И сакам кога се разбираме „на прва“ што се вели, а не по десет пати да објаснувам едно те исто.
ММАГАЗИН: Која човечка особина највеќе ја почитувате?
Па тешко е да се каже само една. Чесноста, дисциплината, прецизноста, искреноста се едни од особините кои ги почитувам најмногу.
ММАГАЗИН: Кој е најважниот совет кој сакате да им го дадете на Вашите деца?
Да бидат добри и чесни луѓе. Да ги сакаат своите најблиски и да имаат верба во себе. Исто така, да учат и работат многу за да можат да бидат успешни во животот. Да имаат среќа да го работат тоа што го сакаат најмногу и да го живеат животот, а не животот да ги живее нив.
ММАГАЗИН: Кои очекувања ви се нереални, а Вие и понатаму ги имате?
Па немам некои посебни очекувања. Не сакам да живеам во преголеми очекувања зошто разочарувањето може да биде огромно. Задоволен сум со ова каде што сум и кога би се случило нешто убаво, супер. Но предвреме не очекувам ништо посебно.
ММАГАЗИН: Постои ли обврска која тешко ви паѓа?
Кога треба да станам за на работа. Хахаха… Не знам, немам нешто што ми е обврска, а да ми паѓа тешко. Знаете како викаат србите „кад се мора, онда чу добровољно“ 🙂
ММАГАЗИН: Кога и каде се чувствувате најслободни?
Сега најверојатно се чувствувам најслободен кога одам во природа или кога возам велосипед. Некако тогаш умот го пуштам во лер и не размислувам многу за секојдневни проблем и настани.
Кога бев млад, пред да се вработам, татко ми ми овозможи да живеам 6 месеци во Америка и бев сам, сместен во американска фамилија. Морам да кажам дека тие 6 месеци во тој дел од животот се чувствував најслободен. Бев оставен сам на себе, далеку од сите мои блиски и се чувствував дека сега сум сам на своето. Тие моменти ќе ги паметам цел живот.
ММАГАЗИН: Кој е Вашиот најголем сон, професионален и приватен?
Ах со тие соништа. Како да немам сон?! Приватно, да ги видам своите деца како стануваат успешни луѓе во она што ќе го работат. А професионално, да ја видам компанијата како лидер на пазарот на пијалоци.
ММАГАЗИН: Кои особини треба да ги поседува модерниот деловен човек ?
Денешното време на работење бара од деловниот човек многу брз и динамичен живот. Прво, чесност, искреност, отвореност, networking, брзо концизно размислување и тимски дух. Многу може да се кажува што сè треба да има еден деловен човек во денешно време, но еве ова би требало да ги има неизоставно.
ММАГАЗИН: Колку е важно семејството во градењето успешна деловна приказна?
Од мое искуство сметам дека семејството е основна клетка за раст и развој на секоја единка. Од тука се црпи сето знаење и сила за сите предизвици во животот. Замислете колку е полесно кога знаеш дека имаш некој кој ќе те разбере најискрено и кој ќе те прифати најотворено.
Нема друго место каде што можеш да разговараш и да ги размениш сите свои мисли и чувства, а да бидеш најискрено разбран и прифатен. Тоа е столбот на секоја здрава личност.
ММАГАЗИН: Колку е за вас важен визуелниот имиџ? Односно дали ги следите и применувате трендовите во машката мода? Колку е тоа важно за успех во деловниот свет и воопшто за создавање култура на функционирање на модерните мажи?
Добро сега, точно е дека облеката не го прави човекот, но сметам дека во деловниот свет треба да се има еден, во најмала рака кажано, достоинствен изглед. Не мора да се биде роб на трендовите и на моментната мода, но јас преферирам облека која мене најдобро ми стои и во која се чувстувам најпријатно.
А сепак тоа да е културно и да изгледа добро. Во последно време забележувам дека во бизнис светот полека се напушта оној стереотип дека мора да се носи костум, кошула, вратоврска по секоја цена.
Денес се прифака сè повеќе трендот дека на работа треба да се чувствуваш пријатно во облеката и дека не мора да биде толку строго формална. Па се прифака дека е сосема нормално да се носи бизнис кежуал, што мене лично многу ми одоговара.
Па и јас во последно време многу ретко носам костум со вратоврска. Повеќе сум на тој помалку формален начин облечен. Сепак тоа е работа на свој личен вкус и како сам се гледаш на својата позиција.
Јас сум задоволен што живеам во Прилеп и си го сакам својот роден град. Нормално дека има свои предности и маани, впрочем како и секој друг град, но да имаме развиена патна инфраструктура во Македонија, верувајте нема воопшто да имам потреба да престојувам во главниот град.
ММАГАЗИН: Родени сте и живеете во Прилеп. Сметате ли дека би било некоректно првиот човек на Прилепска пивара да има друга главна локација за живеење, освен Прилеп?
Хахаха… не, воопшто не ми пречи што живееам во Прилеп. Јас сум задоволен што живеам во Прилеп и си го сакам својот роден град. Нормално дека има свои предности и маани, впрочем како и секој друг град, но да имаме развиена патна инфраструктура во Македонија, верувајте нема воопшто да имам потреба да престојувам во главниот град.
Замислете да имаме развиена железничка патна инфраструктура, убав магистрален пат или автопат до Скопје, па на никој нема да му треба да седи во Скопје. Немам ништо против Скопје, тоа е главниот административен, културен, спортски и бизнис град во Македонија, но доколку имаме можност да дојдеме за 40-тина минути од секоја точка од Македонија, за било каква потреба, замислете колку би било поубаво живеењето во Скопје и колку другите градови би биле поразвиени и поживи!
А сега Скопје е преоптеретено со народ, заглавен е со сообраќај, не се дише во зима( не дека во другите места е нешто почисто), а сето тоа е затоа што не е плански развиван тој град. Наместо да го земеме примерот на Словенија која ете по жители и квадратура е најблиску до нас, како го реши проблемот со растот на Љубљана, ние направивме грешка во чекори и сега нема назад.
Грешка која ќе ја плаќаат многу, многу генерации по нас. Словенците инвестираа во секаква инфраструктура и ги заживеаа сите мали места и градчиња и сега никој не чувствува потреба да дојде и да живее во Љубљана. За секоја работа може да стаса за најмногу еден час време и да си се врати дома за спиење. А кај нас сите комуникации со главниот град ни се катастрофа.
ММАГАЗИН: Од друга страна колку е практично за водење на бизнисот да се биде на час-час и половина возење од „центарот на случувањата“ во државава?
Па да се надоврзам на претходно кажаното, кога сè би било поинаку не би имало никаков проблем да бидеш понастрана од главните збиднувања во државата. Што е 130 км за еден германец во Германија? Тоа му е секојдневна тура до работа и назад.
Ама да ги возиш патиштата на кој вози тој или да користиш воз што го користи тој. Па замислете колку ќе заштедиш во време да патуваш со воз кој ќе може да стаса во Скопје за еден час!! Ќе се качиш на воз, немаш гужва во сообраќај, можеш да работиш нешто додека стигнеш на дестинацијата или пак да преспиеш и да се одмориш додека стасаш и потоа си подготвен за на работа.
И по работно време повторно се качуваш за назад и за час време си дома. Која е таа привилегија, наместо сега секое возење до Скопје да ти е мачење и секогаш да си на работ дали ќе ти се случи нешто по пат или дали ќе има некаков застој, па никако не можеш да си го планираш времето. Замислете за што правиме муабет во 21 век!!?
Нешто што нашите врсници го живеат секој ден во Европа!! Е тоа ме нервира и ме вади од такт мене! Изгубивме 30 години од нашите животи за да докажеме кои сме и што сме, за да се раскараме меѓу себе до точка да не сакаме да се видиме, се исподеливме на ваши и наши, на Македонци и Албанци.., а светот замина со брзина на светлината напред!
И сега правиме муабет за нешто што е основно во животот и во бизнисот ако сакате. Комуникација, слобода на движење, брзина, сигурност, развој!! Не ми се верува каде сме!! Луѓето во светот планираат да патуваат на Марс или да ја посетат месечината, а ние правиме муабет за магистрален пат и железничка пруга 30 години!! Имаме голем психички проблем дефинитивно.
ММАГАЗИН: Што ве прави среќен?
Хммм… многу едноставно прашање кое бара многу објаснување. Среќен ме прават многу работи, многу едноставни нешта. Среќен ме прават моите околу мене, пријателите, работата, среќен ме прави една насмевка, една песна, еден убав гест, еден збор, среќата всушност е секаде околу нас само треба да ја видиме, да ја почуствуваме, да ја сакаме.
Јас мислам дека среќата е во малите нешта. Ако ги чекаме само големите нешта во животот, ќе заборавиме и ќе се одвикнеме да сме среќни зошто тие работи се случуваат многу ретко во нашиот живот. Затоа убаво е да си среќен со мали нешта кои ти се случуваат секој ден, тогаш цел живот ќе го имаш чувството на среќа.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.