Како архитект Мартин Пановски ќе го обликува градот однадвор, но како вистински градски човек ќе внесува дух на урбаност одвнатре. Успешен во својата професија, амбициозен во настојувањата за позитивни промени и културен како во суштинска така и формална смисла на зборот, во интензивна интеракција со градот, луѓето и природата и во постојана потрага по убавините на животот тој е вистинска рамка за профилот на „Урбан лик”. Вредност која Машки Магазин имаше чест да ја потенцира со наградата „Урбан маж на годината”.

ММАГАЗИН: Ве изненади ли наградата за „Урбан маж на годината“?

Да. Нормално. Не само изненаден туку бев и малку збунет. Кога добивате награда за нешто за коешто не сте работеле „директно“, наменски, туку некој воочил нешто кај вас или во вашата работа, тогаш не можете, а да не сте пријатно изненадени.

Мартин ПановскиММАГАЗИН: Како интимно го доживеавте признанието?

Секако дека признанието ми годи. Пред сѐ зашто мислам дека не може да сте успешен архитект без да имате солидна урбана култура. Ваквите награди кај нас немаат голема традиција и можеби од многумина се оценети како изнасилени, но сметам дека е потребно во едно општество да се обрне внимание и да се поттикнат овие урбани нешта, да се повлече како што, еве, вие повлековте и да се покаже дека урбаното живеење може да биде наше убаво секојдневие.

На овој начин, со овие и слични случувања, се создава граѓанство, оној слој луѓе кои, всушност, треба да ја движат државата напред. Кај нас, во ова наше крајно исполитизирано општество, овој слој луѓе со години наназад беше подзатскриен, како да го немаше.

Оттука, како архитект, признанието го разбирам како сигнал дека полека, но сигурно, архитектите излегуваат од транзицискиот маргинален статус кој го имаа во општеството во изминативе 30 години и стануваат активни чинители во општеството, пред сѐ, во креирањето на урбаниот простор.

ММАГАЗИН: Која ви е првата асоцијација за урбан лик?

Како што кажува и зборот „урбан“, тоа мора да е човек кој е во релација со градот. Кој активно живее со него, а не само во него. Човек кој е обликуван од градот, како што обично го нарекуваат, градски човек. Таквиот човек го посматра и го обликува градот независно дали тоа обликување е материјално или духовно.

Тоа мора да е човек кој е добро образован, културен, не само во смисла на восприемањето на културата како широка општествена дисциплина туку и во смисла на негувањето на пристојното домашно воспитание, амбициозен не само во професијата со која се занимава туку и во неговиот активен однос кон луѓето, градот, природата…

Урбаниот човек ја познава историјата на градот, но нема носталгичен однос кон него, ги препознава и прифаќа промените на современото време. Мислам дека носталгијата треба да си остане во интимата на човекот, како лично чувство. Кога ќе почнете јавно да ја споделувате постои опасност да ве зароби и да ве враќа непотребно во минатото.

ММАГАЗИН: Што кај себе подвлекувате под урбано?

Велосипедот! Користењето на велосипед како превозно средство во ваков сообраќајно задушен град како Скопје, ги содржи сите аспекти кои им се потребни на граѓаните за вистинско урбано живеење.

Со возењето велосипед ја исполнувате и вашата општествена одговорност со тоа што не ја загадувате околината, не создавате сообраќаен метеж, динамични сте и го доживувате градот многу поблиску отколку кога се возите со автомобил.

ММАГАЗИН: Како урбан лик се снаоѓа во дискутабилното урбано опкружување?

Нормално дека на моменти оптимизмот ме напушта, особено со сите случувања во Скопје во изминатава деценија, но секогаш има места, луѓе и настани каде што ќе се почувствувате градски. За да ја подобриме околината во која живееме, мораме да работиме на повеќе фронтови.

Урбаното опкружување не подразбира само урбано планирање и архитектура туку, пред сѐ, подразбира култура. Искрено мислам дека сѐ уште не сме решени сериозно да работиме на подобрување на нашата околина. Сѐ уште сме во фаза на воочување на негативностите и на искажување желби, без да го кажеме патот како да ги оствариме тие желби.

Зад сите оние градови кои ги гледаме како позитивни примери стојат децении заедничка работа на професионалци од различни области и децении на негување на образованието и културата. Град не се создава преку ноќ со волшебно стапче.

ММАГАЗИН: Како се сака сопствениот град?

Мислам дека кога живееш во еден град тој не може да се сака генерално, емотивно. Всушност прашањето е колку и дали си го сакате сопствениот живот кој го живеете во тој град. Од секогаш имало и ќе има носталгија за одредени делови од градот, но всушност тоа е носталгија за вашата младост.

Што поголема носталгија покажувате кон градот тоа значи дека во моментот животот не ви е доволно исполнет и интересен. Сте го изгубиле контактот со градското живеење. Можеби можам да кажам дека еден град се сака на начин што прво ќе се сакате себе си и ќе пробате да ја направите околината во која живеете поубава и попријатна за да може да живеете среќно.

ММАГАЗИН: Сте помислувале ли некогаш за потрага за поубаво(поурбано) место за живеење?

Не. Можеби како архитект една од работите кои ме преокупираат е моето место на живеење, мојот роден град, да се обидам да го подобрам во разни сегменти, и како физички изграден простор, но и како систем во кој се одвива живот, во кој има ред, дисциплина, правила на игра, без разлика дали е тоа преку работата во Радиус архитекти, преку ААМ или нешто слично во иднина.

Потрагата по поубаво место мислам дека е секогаш врзана за потрага по вас самите. Убавината на градовите не секогаш ќе ве направи среќни. На крајот, градот без меѓучовечките односи и духовноста се сведува на физичка структура. Како споредба може да јадете во најдобро дизајнираниот ресторан со најдобрата услуга и најдобрата храна, но на крајот сепак е најбитно со кого седите на маса.

ММАГАЗИН: Колку е важен широкиот поглед на светот за архитектот во своето креативно изразување?

Широкиот поглед на светот е важен за било која професија и за било кој човек, а за архитектите е пресуден. Без тој поглед станувате прост занаетчија. Да се разбереме, не го потценувам добриот занает, кој е само дел од професијата. Занаетчијата ќе ја заврши работата, но со ништо нема да придонесе кон општото добро.

Мислам дека во Македонија заборавивме што е тоа општо добро. Во одредени периоди од нашиот развој донекаде и сме знаеле, но тоа сепак биле некакви проблесоци и индивидуални пробиви. За жал погледите ни се толку тесни и ограничени што дури и не сме свесни дека и самите се наоѓаме во дупка.

Штета што и голем дел од архитектите кај нас го немаат широкиот поглед. Резултат на тоа не е архитектура туку градежништвото, а архитектурата е многу, многу повеќе од само градење.

Мартин Пановски

ММАГАЗИН: Што подразбирате под добар архитект?

За секој архитект кој ќе успее да направи баланс помеѓу праксата и теоријата можам да кажам дека е добар архитект, независно дали неговиот архитектонски израз лично ќе ме привлече.

Овој баланс значи дека при креирањето на некаков изграден простор се согледани сите аспекти: локацијата и нејзиното опкружување, потребите на клиентот и неговата економска моќ, современите текови и во архитектурата, но и во општесвените односи. Без овие работи не сте потполни како архитект.

Добриот архитект на секоја задача и приоѓа со иста посветеност, независно дали станува збор за мал или голем проект. Принципите се исти. Посветеноста и стремежот кон добар дизајн и функционалност на сè, треба да се водилки на секој архитект.

За сето ова да може да го оствари еден архитект мора постојано да го надоградува неговото знаење, и тоа не само од областа на архитектурата туку и од културата, технологијата, политиката итн. Архитектот мора постојано да е љубопитен.

Всушност создавањето на едно архитектонско дело е симбиоза на многу знаења кои на крајот треба да резултираат со функционална и естетска изградена структура.

ММАГАЗИН: Што подразбирате под слобода? Слобода на движење, слобода на изразување и слободно културно однесување. Како го трошите „непрофесионалното“ време? Во што уживате? Имате ли хобија, пасии, интереси?

Точна граница меѓу професионалното и непрофесионалното време немам. Тоа можеби е и една од работите што еден човек го прави урбан. Она време кога не сум професионално ангажиран најчесто е посветено на семејството, децата и разните заеднички активности, иако и тука нема видлива граница, во смисла точно време во денот кое им е посветено ним.

Сакам спонтани работи. Спонтаноста е најбитна за одржување на здрави односи меѓу луѓето. Тоа пред сè важи за односот кон семејството. Како што уживам кога ќе седнам некаде низ Дебар маало со пријателите исто така уживам да седнам и со нив. Она нешто за кое одвојувам време е спортот. Спортот е едно нешто без кое не би можел да се замислам и секогаш ќе најдам време, дали е тоа тенис, скијање, кошарка…

ММАГАЗИН: Што ви го храни духот?

Музиката, пред сè. Постојано мора да има музика. Дали е на работа, дали додека сум на велосипед или дома. Тоа е она кое ме инспирира знае да ми го смени расположението, знае да ме натера да се фокусирам или релаксирам. Ако влезете во Радиус архитекти и нема музика голема е веројатноста дека нема никој.

ММАГАЗИН: Како на иманентен естета, колку и како ви е важен Вашиот личен имиџ?

Имиџот на една личност е концепт кој го создаваме и градиме за сами себе, ако сакате, од мали нозе. Каков човек сте, или каков човек се стремите да бидете и како каков човек сакате да ве восприема околината, тоа е имиџот на еден човек. Од тој аспект, личниот имиџ ми е важен.

Таа слика за вас мора да е вистинска, оригинална, да се чувствувате свој и да ви е фино во сопствената кожа. Она што го носам на себе и работите кои секојдневно ги користам мора, пред сѐ, да ме прават да се чувствувам комотно. Се трудам сето тоа естетски да го склопам во една добра целина на надворешна пријатност.

Се разбира дека надворешниот изглед на човекот е само еден мал дел од целосниот имиџ на една личност, само првичниот впечаток. Другото е некаде внатре во него. Ставот, размислувањето, однесувањето, расположението, ако сакате и добротата на една личност, тоа се побитните особини кои го создаваат неговиот целосен имиџ. Без тие карактеристики имиџот би бил вештачка поза и би бил сведен на една обична маска.

ММАГАЗИН: Што е Ваша животна филозофија?

Да се биде среќен. Да успеете да ја најдете среќата и во малите нешта, но да се стремите кон големи работи. Постојано да се преиспитувате и да се усовршувате самите себе не само на професионален план туку и на приватен.

На тој начин растете и како човек и како професионалец. Сето друго ве прави набљудувач на животот. Убавината е во промените. Ако го погледате историскиот тек по кој се движат уметноста, архитектурата и општо културата, ќе сфатите дека најголемите дела се, всушност, производ на промена.

ММАГАЗИН: Што ви го прави денот убав? Имате ли дневна рутина?

Денот е убав кога е исполнет, кога не поминал во ветер и сте заборавиле дека воопшто постоел. Убаво ми е кога низ напорните дневни обврски ќе успеам да најдам време за мали нешта кои ќе ја разбијат работната динамика, понекогаш и монотонија.

Дневна рутина гледам да немам, барем да не ја регистрирам. Рутина е механички изминат пат. Не е многу интересно. Воопшто и не сакам да разговарам за рутински работи. Тие се прават, се извршуваат прецизно и точно и нема потреба да се размислува и дискутира за нив.

Можеби можам да кажам дека еден град се сака на начин што прво ќе се сакате себе си и ќе пробате да ја направите околината во која живеете поубава и попријатна за да може да живеете среќно.

Имиџот на една личност е концепт кој го создаваме и градиме за сами себе, ако сакате, од мали нозе. Каков човек сте, или каков човек се стремите да бидете и како каков човек сакате да ве восприема околината, тоа е имиџот на еден човек. Од тој аспект, личниот имиџ ми е важен. Таа слика за вас мора да е вистинска, оригинална, да се чувствувате свој и да ви е фино во сопствената кожа

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.