Трегерите во минатото имаа само една функција – да бидат држачи на панталоните. Денес тие покрај што се употребуваат за таа намена, истовремено се и моден додаток на мажите кои се грижат за изгледот и имаат изграден стил

ТрегериОва лето и есента која ни претстои трегерите се и ќе бидат многу актуелни. Како интересен моден детаљ трегерите можат да се носат заедно со вратоврска, со кошула, со костум, со капут, со капа, со фармерки, со маица, едноставно можат да се комбинираат со сѐ, но треба да се внимава да не се претера во изборот на бои.

Во светот на модата трегерите веќе си го добија заслуженото место, па така моделите кои ја презентираа дизајнираната облека на голем број модни компании, на ревиите задолжително носеа трегери.

При изборот на трегери важни се неколку правила кои треба да ги почитувате ако сакате да бидете во тек со најновите модни случувања и да изгледате модерно.

Ако планирате да носите трегери заедно со костум внимавајте тие да не бидат со иста боја, ист дезен и ист материјал како вратоврската и секогаш треба да бидат во спротивна боја од бојата на кошулата.

Исто многу важно е да не се носат еластични трегери (со поспортски изглед) и со метални копчиња во комбинација со костум. За ваквата комбинација одберете трегери кои имаат елегантен и едноставен изглед. За полежерна комбинација, на пример за со фармерки и маичка и за со кратки панталони одберете трегери со интересни принтови, бои и дезени.

Трегерите покрај што можат да се носат на класичниот начин преку рамена, можат исто така да се носат и како интересен моден додаток при тоа што се пуштаат да висат надолу покрај ногавиците, но оваа варијанта е за оние кои се посмели во градбата на стилот.

Веројатно не треба да се напомене дека во никој случај не се носат заедно со ремен.

Но без разлика на начинот на кој ќе ги носите, она што е важно оваа сезона тие да бидат дел од гардеробата бидејќи нудат ултра модерен, актуелен и привлечен изглед.