Еден од најголемите и најсаканите кошаркари во историјата на спортот – Коби Брајант, настрада во хеликоптерска несреќа во текот на вчерашниот ден. Големата ѕвезда на Los Angeles Lakers се наоѓал во леталото со уште осум лица, а меѓу настраданите е и неговата најстара ќерка Џијана.
Коби и неговата ќерка го загубија животот на пат да го прават она што најмногу го сакаа, а тоа е да играат кошарка. Имено, тие, заедно со останатите лица во хеликоптерот заминале на тренинг во неговата „Mamba Academy“.
Брајант летал во својот приватен хеликоптер од марката Sikorsky C-76, а до падот дојде во десет часот наутро по локално време во местото Калабасас, во Калифорнија. Причината за падот се уште се истражува, а според неофицијални информации, до падот дошло поради големата и густа магла.
Коби Брајант отсекогаш ужувал во возењето со хеликоптер. Додека играше кошарка беше познат по тоа. Редовно патуваше со своето летало од Њупорт Бич до „Staples Center“, славниот дом на Lakers.
Шампион каков што ретко се раѓа
Брајант е роден на 23 август 1978 година. Во кариерата го носеше дресот на Los Angeles Lakers од 1996 до 2016 година. Освои пет NBA шампионски титули во 2000, 2001, 2002, 2009 и 2010 година. Во два наврати се закити со MVP NBA Finals титулата, во 2008 ја понесе MVP наградата за регуларниот дел од сезоната, а во два наврати беше и најефикасен стрелец во најсилната кошаркарска лига на светот.
За колкава кошаркарска величина станува збор доволно говори податокот дека 18 пати беше дел од NBA All Star натпреварот. 11 пати беше избиран во првиот тим на NBA лигата, два пати се најде во вториот тим на NBA и два пати во третиот тим. Каков мајстор беше и во одбраната говори податокот дека девет пати беше во најдобриот дефанзивен тим во NBA и три пати во вториот дефанзивен тим. Еднаш успеа да го освои и натпреварувањето во забивање, во 1997 година.
Тој е единствениот играч во историјата чии два дреса се повлечени од употреба, оној со бројот 8 и со бројот 24. Двата ги носеше играјќи за Lakers.
Коби во својата NBA кариера успеа да постигне 33.643 поени (25 поени во просек по натпревар), имаше 7.047 (5,2 во просек) скокови и 6.306 (4,7 во просек) асистенции. Со репрезентацијата на САД освои два златни медали на Олимписките игри во 2008 и 2012 година.
Кога имаше 34 години и 104 дена, Брајант стана најмладиот играч во NBA историјата кој дојде до 30.000 поени. Стана најдобар стрелец на Los Angeles Lakers на 1 февруари 2010 година кога го надмина Џери Вест…
Светот се простува од кошаркарската легенда
Кога замина во пензија многумина мислеа дека тоа е најголемата трагедија. Во последната сезона патуваше низ сите арени во NBA лигата каде публиката со стоечки овации се простуваше за последен пат со него, не очекувајќи дека ќе мораат тоа да го направат повторно, за многу потажна и потрагична последица, пропратено со многу поголема болка и повеќе солзи.
Коби Брајант успеа да се закити и со Оскар во 2018 година со што стана првиот Афро-Американец кој ја добил наградата на Академијата за најдобар анимиран краткометражен филм и прв поранешен професионален спортист кој воопшто ја добил познатата статуетка за неговиот филм Dear Basketball, инспириран од писмото кое го напиша по неговото пензионирање.
Светот денеска се простува од кошаркарската легенда и во неверување ги следи информациите околу смртта на Коби Брајант. Ширум паркетите во NBA се одиграа голем број натпревари, но никому не му беше до кошарка, кога еден од најдобрите во историјата на оваа игра и сосема сигурно еден од најсаканите во историјата на овој спорт прерано нѐ напушти.
Култниот њујоршки Madison Square Garden беше обоен во жолто и виолетово, во боите на LA Lakers во чест на Коби, неговиот дрес со бројот 24 беше повлечен и од страна на Dalas Mavericks, иако Брајант никогаш не заиграл за тој клуб, публиката во Денвер со овации се прости од легендарниот играч. Ширум Америка, играчите во негова чест пуштаа да изминат 24-те секунди за напад, како симбол на неговиот број, ја држеа топката на својата половина… Се во чест на популарната „Мамба“, кој претставуваше еден вид Мајкл Џордан на својата генерација. А ниту најголемиот на сите времиња не остана имун на овие вести и со порака се прости од својот, како што вели помал брат. Не го заборавија ниту неговите најголеми ривали и најблиски соиграчи како Леброн Џејмс и Шекил О’Нил кои не можеа да ги сопрат солзите.
Фудбалски клубови, претседатели на земји, актери, музичари, фудбалери, кошаркари, тенисери… Сите тие синоќа и утринава се простуваат од Коби Брајант. Бидејќи малкумина беа поголеми од него, а прашање е дали имаше некој што беше повеќе сакан.