„После љубов на прв поглед, а особено кога е во прашање „VESPA“, не се ни обидувате да испробате нешто друго. Успехот на Веспата е феномен кој никогаш повеќе нема да се повтори, колку и да го барате“

Напишани се книги, посветени се филмови, а во историјата на мото светот не постои ниту еден модел на моторцикл на кој е потрошено повеќе талент од колку на „Vespa“. Како синоним на „слаткиот живот“ и препознатлив знак на добриот вкус овој модел-бренд стана стил на живот на сите генерации и дел од урбаната легенда. Нејзините облини и препознатлив стил ќе го заведат на прва пасионираниот веспаџија Тони Младеновски толку што веќе од првиот допир неговиот живот ќе се одвива во знакот на оваа заводлива „оса“.

ММАГАЗИН: Како се вљубивте во Vespa моторот… колку беше тоа резултат на случајна одлука?

Тоа беше љубов на прв поглед и не беше воопшто резултат на случајна одлука. Пресуден беше првиот поглед, првото искуство. Со купувањето на мојот прв Vespa моторцикл во далечната 1999 година, со сребрена боја и јачина на мотор од 50 кубика, започна нашата врска која се уште трае.

ММАГАЗИН: Имаше ли во меѓувреме обид за авантура со друг вид на мотор?

После љубов на прв поглед, а особено кога е во прашање овој, не се ни обидувате да испробате нешто друго. Успехот на Веспата е феномен кој никогаш повеќе нема да се повтори, колку и да го барате.

ММАГАЗИН: Веспата е харизматична и денес е синоним на одреден стил на живот. Ви го обликува ли таа во некоја смисла начинот на живот. Однесување, изглед, манири?

Веспа-(на италијански значи оса), не е моторцикл, туку начин на размислување и стил на живот. Тоа е душа на две тркала. ТОА е специфичен стил на живот, опуштено возење било во град или во природа, било во облека за формални прилики или пак само во костум или шорцеви за капење. Тоа е унисекс возило кое е 73 години со нас, возило со харизма, една и единствена, генијална, шармантна, елегантна, која потсетува на незаборавната младост, која претставува збир на најдоброто во италијанскиот дизајн и инженерска генијалност која докажува дека 73 години не е старост.

Томи Младеновски

ММАГАЗИН: Љубовната приказна прераснува во животна сторија. Од оформување на Веспа клуб до Вашето „Стар кафе“ како официјално свртувалиште на љубителите на славното име, сè е во духот на Вашата пасија. Би можеле ли да си го замислите животот без оваа посветеност?

Во трката на животот, секојдневните обврски во и надвор од работата, дојдовме на идеја да формираме клуб во кој заедно ќе ја делиме љубовта, пасијата и ќе го негуваме култот. Љубителите на Веспата се луѓе со различни професии, од различни социјални средини.

Намената на овој клуб беше токму тоа, овие луѓе кои навидум немаат ништо заедничко да се поврзат преку оваа нивна посветеност, да разменат искуства, да дадат предлози, да одат на еднодневни екскурзии и подалечни авантуристички патувања.

ММАГАЗИН: Страст, пасија, хоби, колекционерство. Што севкупно подразбира тоа?

Со текот на годините станав сопственик на 6 моторцикли. Воедно во мојата кафетерија која покрај другите е симболично и свратилиште на љубителите на овој бренд, има многу сувенири, подароци кои ми ги носат моите пријатели од патувањата, мали модели, макети на Веспи, признанија, благодарници од посетени собири организирани од клубови во соседните земји, па и подалеку, оригинални делови од моторцикли кои воедно се и декорација на ѕидовите и сл. Сè е во духот на овој бренд.

ММАГАЗИН: Колку семејството ве подржува и ја дели Вашата пасионираност? Можно ли е Вашите деца да останат недопрени од ваквата љубов и предаденост?

Што се однесува до подршката од моето семејство, јас не би нашол задоволство во сето ова доколку ја немам. Пред сè од мојата сопруга, која секогаш има разбирање за моите дополнителни обврски и време, како и за дополнителните финансиски трошоци кои секако доаѓаат од нашиот семеен буџет. Што се однесува до моите деца, сè уште е рано да се каже.

ММАГАЗИН: Што подразбирате под урбан маж и колку Веспата ја означува урбаната култура кај нас?

Маж кој ја познава културата на живеење во град, маж кој знае да функционира и да се снаоѓа во метежот на секојдневните обврски како на работното место така и надвор, маж кој постојано посетува социјални настани сам и во круг на пријатели, џентлмен, информиран за сè околу него и на сето ова би додал и маж кој поседува барем еден Vespa моторцикл покрај својот автомобил, се разбира доколку го има.

Не би можел да кажам за цела Македонија, би можел само за градот каде што живеам. Во Скопје постои урбана култура и таа зема сè поголем замав со текот на времето, особено кај младата популација.

Томи Младеновски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.