Модата може да има многу форми, особено кога станува збор за дизајнот во светот на автомобилите. Ако погледнеме подобро, компактниот SUV и кросовер сегмент е зоната каде што се одвиваат најголемите активност во индустријата. Инспирирани од успехот кој го постигнаа со првата генерација креаторите од Peugeot својот потенцијал го прикажаа при создавањето на новата генерација на моделот 2008.

Иако визуелно доста наликува на моделот 3008, од кого е само 150 мм пократок, компактниот 2008 е поставен на платформата за мали автомобили на PSA групацијата. Сепак директорот за стилизирање на надворешноста во Peugeot, Јан Беурел, на моделот 2008 му даде уникатен лик и јак сопствен карактер, особено на предната страна каде што целото осветлување се карактеризира со канџи и дневни светла кои длабоко навлегуваат во предниот браник.

Peugeot 2008

Профилот открива остри триаголни потези кои се протегаат на каросеријата над тркалата и се спојуваат на средината каде формираат единечна линија која ги поврзува предните и задни врати на автомобилот. На задниот дел, црно обоениот дел од браникот се придружува на светлосните кластери за да ја истакне ширината на автомобилот. Вреди да се напомене дека во подножјето на автомобилот се сместени и два отвори на издувниот систем, сосем фунционални и со забавен звук, за разлика од повеќето конкурентски модели каде се само маски. Новиот Peugeot 2008 е еден автомобил кој сè уште го потенцира чувството на сензибилитет во сè поконкурентната класа каде што секој играч сака да ги наметне сопствените правила.

Дарежливи пропорции полни со нова технологија

Во внатрешноста кај моделот 2008 сè наликува на она што сме го сретнале во поновите модели од гамата, но сепак е подигнато на едно ниво погоре, а користените материјали и завршната обработка го сместуваат 2008 во врвот од класата. Пред возачот, главната улога ја игра новиот i-Cockpit во 3D изведба на кој сите најважни информаци се прикажани во прв план како холограм, неговата персонализација дозволува повеќе опции на приказ со што е загарантирано дека во секое време ќе ги имате најважните податоци на увид.

Peugeot 2008

Инфозабавниот систем е вториот екран кој доминира со внатрешното опкружување, како што е општо прифатена пракса истиот се поврзува со системите на мобилните телефони од типот на Android Auto и Apple Car Play. Бројот на хардверски копчиња и прекинувачи во кабината е сведен на минимум, командувањето со сите примарни елементи е изведено преку клавриските типки кои се користат како кратенки за брз пристап до избраната функција. Системот делува интуитивно и не е комплексен за употреба при управување со возилото, единствено што би посакале се одвоени команди за климатизација. Зголемените габарити од 14 сантиметри во должина најдобро се одсликува во кабинскиот простор, од новата конфигурација најголемиот бенефит го добиваат патниците на задната клупа кои добиваат далеку повеќе простор во сите правци, а тука е и делот предвиден за багаж кој сега има волумен од дарежливи 434 литри веќе во основната положба.

Peugeot 2008

Економичен со забавен карактер

Понудата кај моделот 2008 со бензински погон се базира на еден од најдобрите трицилиндерски единици во моментов, кој од зафатнина еднаква на 1.2 литри помогнат со турбо полнач овозможува три верзии на моќност: 100, 130 и единствено во GT изведба со 155 КС. Сите двигатели од понудата се со ниско ниво на штетни издувни гасови кои ги исполнуваат Euro 6 d-Temp нормативите. Во оваа прилика ни беше одстапена верзијата со 130 КС што својот максимум го нуди при 5.500 врт/мин, додека пак целосниот вртежен момент е на располагање веќе од 1.750 врт/мин, во спрега со исклучително добро пресметан 6 брзински мануелен менувач. Овој франциски пар во зависност од потребите на возачот нуди избор за начини на возење: Eco и Normal, но запомнете, во ниту една комбинација 2008 не нуди погон на сите тркала, едноставно таа опција е целосно исклучена како и кај повеќето конкурентски модели.

Прочитајте повеќе на AVTOPLUS.MK