Во Kia одлучија силно да ја притиснат педалата и на моделот Sportage да му обезбедат комплетно нов и особено карактерен екстериер, создадено е целосно дигитално решение во кабината, а тука е и новата линија на мотори. Набројаните елементи се задолжени за создавање на целосно нов печат и многу појасна слика за моделот што со генерации тивко се пробивааше на пазарите низ светот.

 

 

Во минатото, моделот Sportage забележа особен успех и добри пазарни резултати, а генерација која беше присутна на пазарот до крајот на 2021 година се сметаше за најуспешна до сега, не само како изведба туку и како најпродаван модел со беџот на Kia во светот. Одговорните лица во компанијата добро знаат кои се најважните состојки за приготвување на успешен SUV модел, затоа за новата-петта по ред генерација го употребија комплетното акумулирано знаење со цел моделот да го постават уште повисоко во сегментот.

Карактерна и целосно своја надворешеност

Kia Sportage ТестНовиот Kia Sportage секако изгледа сосема поинаку од моделот што му претходеше. Предниот дел е местото каде што може да се најде најголемиот дел од дизајнерскиот пресврт. Големиот отвор на решетката од ладилникот која се протега по целосната ширина од предниот дел делува драматично, а тука се и новите обемни ЛЕД светла со облик на стрелки вперени кон патот да го дополнат севкупниот впечаток. Во профилот се одсликува динамичениот пристап прикажан преку преку линиите на прозорците кои благо се стеснуваат кон задниот дел, акцентирани со никлувани лајсни. Стилската трансформација е дополнета со успешниот и возбудлив заден дел чиј облик црпи инспирација од електричниот автомобил EV6, што секако е дел од новиот дизајнерски јазик на брендот Kia.

Екраните во прв план

Kia Sportage ТестВо внатрешноста, Sportage зема нов залет и целосно се збогува со минатото и аналогниот пристап. Како што е случај со задниот дел од надворешноста многу од дигиталните решенија во кабината се позајмени од брилијантниот електричен автомобил Kia EV6. Тука се истите два меѓусебно поврзани дигитални дисплеи, секој со големина од 12,3 инчи кои поседуваат одличен и јасен графички приказ. Времето на реакција на системот со кој се управува од централниот екран и неговиот логички распоред го прават да биде еден од најлесните за командување во моментов на пазарот.

Под централниот екран, Sportage го усвојува и паметниот мал панел чувствителен на допир кој ги контролира кратенките за навигацијата и инфозабавата, или контролите за греење и вентилација, која група се менува со еден допир. Тоа е паметна идеја која работи добро, логична и едноставна за употреба како и конвенционалните физички контроли. Секако, велиме, брaво за Kia бидејќи сметаме дека ова е далеку подобро решение отколку мигрирање на тие контроли на централниот екранот на допир(и бркање на командите во возење) како што е случај кај многу од конкурентските модели.

Полн со паметни решенија

Просторот на предните и задните седишта е одличен, со многу место за главата и нозете. Седиштата, како предните така и задните се многу удобни, а забележливо е дека Sportage нуди повеќе простор за нозете во средината на задниот дел од кабината од повеќето конкуренти. Ни се допаѓаат паметните решенија како што се интегрираните закачалки на потпирачите за глава на предните седишта и приклучоците за USB-C за оние на задните седишта, кои пак се вградени од страните на предните седишта. Видливоста од возачката позиција нанапред е добра, но фактот што бришачот на задното стакло брише само мала дел значи дека погледот одзади понекогаш е малку незгоден во услови кога е врнежливо времето. Дека SUV возилата се практични и погодни за семејствата покажува и багажникот кој е длабок и со правилна форма, капацитетот во основната конфигурација изнесува 526 литри, а доколку се собори задната клупа се зголемува до 1.715 литри.

Kia Sportage Тест

Конфигурација што изненадува

Под предниот поклопец на тестираниот Sportage работи четирицилиндричен бензински турбо агрегат со зафатнина од 1.6 литри што произведува 150 КС при максимални 5.500 врт/мин. Додека максималната влечна сила од 250 Nm е расположива во зоната од 1.500 до 4.500 врт/мин. На оваа моторна конфигурација е приклучен и mild hybrid системот во вид на 48 волтен стартер-генератор со батерија која има капацитет од 0,55 kWh, неговата цел е да овозможи подобрена работна ефикасност и зголемени перформанси кога тоа ќе го побара возачот. Моделот Sportage во оваа конфигурација се одликува со прилично мазна работа, а знае силно да повлече низ средниот дел од опсегот на вртежи.

Неговата економичност зависи од условите зашто се избира, а за се да биде по највисоки стандарди свој придонес дава и исклучително добро пресметаниот автоматски менувач со двојна спојка и 7 степени на пренос што силата во овој модел ја дистрибуира кон предните тркала. За време на дружењето од неколку денови успеавме да постигнеме комбинирана потрошувачка од просечни 9,5 литри на 100 км, што е повеќе од фабрички декларираната вредност, но е една од пониските во класата. Максималната брзина е на прагот од 190 км/ч, додека од место до 100 километри на час стигнува под 10 секунди, севкупното искуство во суштина делува побрзо, а воедно и многу позабавно во секојдневно користење.

Во возење кај Sportage е забележливо дека потпирањето е сетирано малку помеко, што е особено добро од гледна точка на удобност. Кривулестите патишта не се неговиот омилен хабитат, Sportage е многу посоодветно подготвен за долго крстарење на автопат каде што особено доаѓа до израз комфорот во кабината.

Новиот, прв избор кога станува збор за семејно возило од неодамна е некоја SUV верзија, а тука моделот Sportage има многу што да понуди, мноштво напредни дигитални технологии, рафинираност и максимален комодитет се само дел од неговите атрибути кои го носат поблиску до врвот во сегментот.

 

Цена на тестираниот модел: 36.800 евра

Технички спецификации за Kia Sportage 1.6 T-GDi MHEV Reference 3
мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.598 cm3
пречник и од 75,60 x 89,00 mm
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 150 KС (110 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 250 Nm при 1.500-4.500 min-1
трансмисија на предни тркала преку 7 степен автоматски менувач
потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад независно потпирање, мулти линк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/55 R18 (напред) 235/55 R18 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.515 x 1.865 x 1.650 mm
меѓуоскино растојание 2.680 mm
траги (напред/назад ) 1.615/1.622 mm
тежина 1.460 kg
максимална тежина 2.145 kg
багажник 526/1.751 литри
резервоар 54 литри
максимална брзина 188 km/h
забрзување 0-100 km/h 9.3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,4/7,8/6,3 l/100 km
емисија на CO2 142 g/km

 

Повеќе информации во Kia Motors Македонија или на тел. (02) 25 80 300

Kia Sportage во Македонија
Sportage 1.6 T-GDi 150 HP MT6 First Edition 24.900 евра
Sportage 1.6 T-GDi 180 HP DCT7 4WD First Edition 29.300 евра
Sportage 1.6 CRDi 116 HP MT6 First Edition 26.900 евра
Sportage 1.6 CRDi 136 HP DCT7 4WD First Edition 31.300 евра
Sportage 1.6 T-GDi 150 HP MT6 Reference 2 28.500 евра
Sportage 1.6 CRDi 116 HP MT6 Reference 2 30.500 евра
Sportage 1.6 T-GDi 180 HP DCT7 Reference 3 35.900 евра
Sportage 1.6 CRDi 136 HP DCT7 Reference 3 37.900 евра
Sportage 1.6 T-GDi 180 HP DCT7 4WD GT Line 39.900 евра
Sportage 1.6 CRDi 136 HP DCT7 4WD GT Line 41.900 евра
Конкуренти:
Peugeot 3008 од 31.420 до 65.110 евра
Seat Ateca од 26.629 до 39.376 евра
Ford Kuga од 32.900 до 46.900 евра
Nissan Qashqai од 28.900 до 42.900 евра
Toyota RAV4 од 35.490 до 54.390 евра
Hyundai Tucson од 23.900 до 39.900 евра