Годинешново издание на Танц Фест 2019, кое започнува на 4 април, а ќе трае до 23 април, ќе се одржува во знакот на одбележување на 15 годишниот јубилиеј на оваа манифестација, која го промовира модерниот балет и театарот на движење во Македонија.
Фестивалот ќе се одвива на повеќе сцени во Скопје, а свеченото отворање е предвидено за 4 април, со почеток во 20ч. во Македонскиот народен театар. Овогодишната програма е посветена на младите, современите танчери и нови кореографски имиња од нашава земја, со цел општеството да го препознае идентитетот кој го создадовме, како резултат на долгогодишното влијание на фестивалот и неговото значење за развојот на современата танцова сцена кај нас.
Отворањето ќе започне со одбележување на настанот „Танц фест и пријателите”, за оние поддржувачи на фестивалот и современата танцова сцена, кои со години наназад на разни начини помагаат во остварувањео на сонот за квалитетна современа танцова сцена , на европско ниво, кај нас. Ќе биде доделена наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот, а фестивалот ќе се отвори со претставата насловена „Идентитети” на Скопје танцовиот театар.
Понатаму, според програмата е предвиден Интернационален натпревар за млади кореографи – Танцлаб , на кој, покрај наши, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска. „Танцлаб“ ќе се одржува на сцената на Младинскиот културен центар на 5 април (полуфинале) и 6 април (финале), со почеток во 20ч.
На деветти април следи гостувањето на „Кодартс“, од Ротердам, Холандија со претставата под наслов „Таленти во движење”, програма која прикажува кратки кореографии на извонредни светски кореографи, меѓу кои и на нашата кореографка Адријана Данчевска, која изминатиот период работеше во Холандија.
На 10 април на сцената на Младинскиот културен центар ќе го видиме „Проширување на објективот” со настап на млади танчери, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев”, како дел од Скопје танцовиот театар, како и Инкубатор на млади уметници и гости-танчери од Швајцарија и Италија.
На 16 април на сцената на МНТ во 20ч, ќе се одржи премиерата на Скопје танцовиот театар со програмата: „Луцидниот Јос” на Дејан Битровски и „Скеч” на Адријана Данчевска.
За прв пат годинава Танц фест ќе има програма во ноќниот клуб Сектор, со цел приближување на урбаното живеење во Скопје. Ќе бидат изведени две претстави: на 18 април, од 21ч.,- „Фенси сме” со млади уметници, и на 20 април, 21ч., -„Адријана Данчевска и Скопје танцов театар”, авторска вечер на младата короеграфка Данчевска.
Од 18 до 21 април, на сцената Зебра, ќе се одвива програмата наменета за деца „Танцуваме со Виталија” на која ќе учествуваат деца од Македонија и од Холандија.
Фестивалот ќе се затвори на 23 април, со претставата „Секвенци – минато, сегашност, иднина” на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина.
Во рамките на фестивалот за прв пат ќе биде доделена и наградата „Менада за млад уметник“, како поттик и признание за младите уметници.