Со почетокот на есента, Тамара Тодевска ја прекина музичката пауза, па на својата публика и ја престави новата песна „Довидување таго“, за која е снимен и видео запис.

Додека таа се посветуваше на мајчинството со ќерката Хана( а очекува и уште една принова), тимот кој веќе со години низ песна го раскажува животот на Тамара, подготви нова песна за неа. Музиката и аранжманот на „Довидување таго“ се на Роберт Билбилов, текстот на Игор Џамбазов, а видео записот на Чедо Поповски.

– Игор Џамбазов ме познава како дишам, а и Билбилов исто така. И оваа песна како и многу претходни е буквално приказна од мојот живот. Раѓањето на Хана ме промени комплетно, донесе нова енергија и во домот и во секојдневието. Игор знае како тоа да го раскаже со зборов и затоа што ја гледа позитивната промена во мене. Среќна сум и исполнета, а таква е и песната. Многу ми е драга затоа што ја отсликува позитивата што ја живеам последниве години, а најавува и нова. Видеото со Чедо го снимивме на една прекрасна плажа во Грција во петтиот месец од мојата втора бременост – вели Тамара.