Тенка е границата, особено во спортот, кога еден натпревар е доволен да направи огромна разлика. Ако си губитник сите валкани работи излегуваат на површина, а ако си победник, се сѐ тргнува настрана. Но, тоа не значи дека целосно се заборава, туку само добиваат една сосема поинаква, помалку негативна димензија. Документарецот на ESPN, The Last Dance, за династијата на Chicago Bulls предводена од Мајкл Џордан, кој стана апсолутен хит оваа пролет, две и пол децении подоцна открива дека ниту во Илиноис не било се така идеално. Приказната за тоа како Тони Кукоч е дочекан во Чикаго е само еден од примерите, покрај веќе култните авантури со Денис Родман, кого Мајкл Џордан буквално морал да го влечка на тренинзи по неговите луди журки во Лас Вегас.

Кукоч не сакал да се забавува како Родман, но сакал да се напие некоја чаша сортно вино. Сепак, алкохолот не му бил прв проблем, туку непријателскиот пречек кој на почетокот не можел ни да го разбере. Нималку лесна ситуација за него, особено затоа што Кукоч на почетокот против себе ги имал двете најголеми ѕвезди на Chicago Bulls: Неговото „летечко“ височество, Мајкл Џордан лично, и Скоти Пипен. Иако самиот не е виновен за тоа.

Chicago Bulls

Имено, документарецот The Last Dance открива дека Џордан и Пипен биле во војна со тогашниот генерален менаџер Џери Крауз. А Кукоч бил токму „изум“ на Крауз. Тој уште во 1990, три години пред соработката да биде реализирана, го драфтуваше Кукоч по предлог на Ивица Дукан, поранешниот кошаркар на Југопластика, кој и ден денеска е еден од највлијателните скаути на Bulls. Крауз го фалел Кукоч на сиот глас што на Џордан и Пипен не им се допаднало. Особено откако станало јасно дека Кукоч ќе добие финансиски поголем договор од Пипен.

Што го чекало во Чикаго Кукоч можел да забележи на Олимписките игри во Барселона 1992 година, кога Џордан и Пипен го „пикирале“ Кукоч. Вистина, тогаш хрватскиот кошаркар чекал дете и во главата му биле сосема други мисли, па не ни сфатил дека Џордан и Пипен имаат сосема нескриена агенда. Толку сакале да му го уништат угледот што пред мечот во групната фаза се скарале околу тоа кој ќе го чува Кукоч. Единствениот вистински американски Dream Team тогаш Хрватите ги совлада со 103:70, а Кукоч уфрли само четири поени.

„Сакав да го уништам и да го понижам. Не можам да играм против Крауз на теренот, па тогаш тоа ќе му го направам на момчето на Џери“, отворено по мечот зборуваше Скоти Пипен.

Во финалето Кукоч беше многу подобар, уфрли 16 поени со 10 асистенции, бидејќи воопшто не ни размислувал за плановите на Џордан и Пипен. За сето ова дознал дури откако е интервјуиран за документарецот The Last Dance. Но, сите останати во Chicago Bulls знаеле.

„Му беше многу тешко поради тоа што беше играч на Крауз. Навистина нечесно. Го спаси тоа што беше свој. Некој друг на негово место би пукнал“, се присетува Џим Клемонс, долгогодишниот асистент на тренерот Фил Џексон.

Го нарекувале „момчето на Џери“, му замерувале на лошата дефанзива, иако тоа и самиот го признавал. Не било лесно во тоа време да се прејде од европската во NBA кошарка. Разликата во физичката подготовка била како небо и земја, а Кукоч морал да чува и по 20 килограми потешки ривали. „Изгледав смешно. Правеа со мене што сакаа, ме фрлаа, ме вртеа…“, признава Кукоч.

За се да биде полошо, соиграчите на почетокот не се ни потрудиле да му помогнат. Напротив, Кукоч морал да проживее се што и секој друг почетник. Тоа што славниот Џорџ Карл, тогаш тренер на Реал Мадрид го нарекувал „европски Меџик Џонсон“ нималку не му помогнало на веќе 25-годишниот Кукоч.

„На ветераните и увездите им ги носев торбите и им служев храна. Но, тоа беше нормално во NBA лигата и сфатив дека морам да ја заслужам почитта. Дојдов во најдобриот тим на светот и морав да ги заборавам сите дотогашни трофеи, награди, па и гордост. Се што направив претходно во Европа беше целосно неважно и немав проблем со тоа“.

Исправниот однос кон предизвикот на крајот му донесе и почит. Со Bulls од 1996 до 1998 три пати во низа беше шампион на NBA лигата, а ја освои и наградата за најдобар шести играч во првата сезона од шампионската низа. Во меѓувреме го поправи односот со Пипен и Џордан. Во легендарната мајсторка со Indiana Pacers во конференциското финале уфрли 21 поен и пет последователни скока во последната четвртина. Со тоа си го зацементира местото во златната генерација на Chicago Bulls. А каква генерација беше тоа. Ќе остане запишано – 72 победи во регуларниот дел, само Golden State Warriors со Стеф Кари и Клеј Томпсон и 73 победи е подобар, но загубија во финалето. Chicago Bulls ги совладаа Seattle Supersonics со Гери Пејтон, Шон Кемп и Детлеф Шремф.

„Тие момци беа неверојатни. Да можеа да претпостават дека некој ќе го сруши нивниот рекорд, лесно ќе оствареа уште некоја победа“, убеден е Клемонс, кој додава дека Кукоч бил врзно ткиво на тие Bulls.

Фил Џексон тоа го објаснува многу појасно: „Тони беше тврдоглав недокажан овен. Поради тоа ми беше страшно иритантен, но баш ни беше потребен еден таков овен, упорен и храбрар. Неговата главна замисла на теренот беше да направи потег или акција која е спротивна од онаа очекуваната или очигледната“.

А што вели самиот Кукоч? „Верувам дека во некој друг клуб, каде би имал повеќе топки и шутеви, лесно би имал висок просек и би бил All Star играч. Но, никогаш и по ниту една цена не би го менувал времето во Chicago Bulls за тоа“.