Еден од најславните супермотоцикли некогаш направени, Suzuki Hayabusa, ја доживеа и својата трета генерација. Надградувајќи го успехот на претходните две генерации, мотоциклот добива 550 нови делови, но сепак останува инстантно перпознатлив, иако добива унапредена аеродинамика, а дизајнот се одликува со поостри линии.

Hayabusa добива нови LED предни светла, нови LED задни светла, хромиран двоен издувен систем и аналогна инструмент табла која го „опколува“ TFT екранот, на кој пак се појавуваат секаков вид на информации. Со цел да го направи возачкото искуство побезбедно и попријатно, Suzuki на Hayabusa додаде и неколку електронски системи за асистенција и безбедност, а пред се тука се истакнува Drive Mode Selector Alpha системот на јапонскиот производител кој овозможува пристап до различни возачки режими.

Suzuki ја унапреди и шасијата на својот мотоцикл со нова подрамка која придонесува во намалувањето на севкупната тежина, а Hayabusa доби и поголеми диск сопирачки напред и целосно нов систем на потпирање. Супермотоциклот се напојува со 1.340 cm3 четирицилиндерскиот мотор, откако инженерите на компанијата експериментираа и со други агрегати. Сепак, оваа единица се покажа како најдобра, а испорачува 187 КС и 150 Nm максимален вртежен момент, додека максималната брзина е 300 километри на час.