Нашата престолнина вторпат ја имаше привилегијата да биде домаќин на „Story Awards“ – свечена манифестација на доделување престижни признанија за хуманост, популарност, влијателност и за општествена одговорност, која со години се одржува во светот.

Носителот на лиценцата за организирање на оваа гала-манифестација, компанијата „Колор медиа плус“, и оваа година, како и лани, се потруди на присутните гости во салата на хотелот „Александар палас“, но и на сите оние што го следеа преносот во живо на „1ТВ“, да им приреди вистинска ѕвездена ноќ.

Многубројните гости на настанот навистина блескаа со сјајот на ѕвездите, во свечени тоалети, позирајќи на црвениот килим пред влезот во салата. Во рамките на програмата беа доделени награди и признанија на повеќе од 30 еминентни личности од сферата на шоу-бизнисот, естрадата, јавниот живот.

Истовремено, беше најавено и излегувањето на специјалното издание на магазинот „Story“ на македонски јазик. „Story Awards“ започна гламурозно, со црвен тепих, каде што домаќин беше водителот Марко Новески. Тој ги пречекуваше гостите кои пристигнуваа, водејќи краток разговор со некои од нив, пред сè за возбудата, очекувањата, стајлингот.

Доделувањето на наградите и признанијата, пак, беше групирано во шест блока, а во доделувањето на признанијата во рамките на секој од блоковите на водителите на програмата, актерот Горан Стојановски и актерката Силвија Стојановска, им помагаа врвни презентери на категориите, личности добро докажани во својата професија: актерите Жарко Димоски и Симона Димковска, водителите Марко Новески и Живкица Каленикова, радиоводителите Славица Ставревска – Цаци и Виктор Петров – Викса, поранешната ракометарка и тренер Индира Кастратовиќ и спортскиот новинар Зоран Михајлов, телевизискиот и радиоводител Драган Б. Костиќ и актерката Јана Стојановска, уредничката на „Стори“ Србија, Надежда Јокиќ, како и министерот за здравство, Венко Филипче, кој што ја имаше честа да го додели највисокот признание „Story личност на годината“, кое годинава му припадна на господинот Киро Стојов од Кочани поради своето дело, кое се смета за врв на хуманоста – донирање орган.

Како посебно емотивни мигови вечерта, кои буквално ја кренаа публиката на нозе и предизвикаа солзи во очите на присустните, беа „наградата за култна личност“, постхумно доделена на вечниот Горан Стефановски, специјалната спортска награда за нашите шампиони од Специјалната олимпијада, која се одржа во Абу Даби и, се разбира, главната награда за донирање дел од црниот дроб, која му припадна на Киро Стојов.

Добитници на престижните награди на „Story Awards“ се:
Едукативен проект за деца – „Светот на Биби“
Интернационален успех – „Медена земја“
Најдобра актерка – Јелена Јованова
Најдобар актер – Васил Зафирчев
Врвни актерски достигнувања – Сабина Ајрула – Тозија
Култна личност во македонската култура – Горан Стефановски
Хумани и општествено одговорни јавни личности – Кристина Арнаудова
Хумани и општествено одговорни јавни личности – ДНК
Најпопуларна инфлуенсерка на социјалните мрежи – Лила Филиповска
Општествено одговорни компании – „Пелистерка“
Општествено одговорни компании – „Халк банка“
Општествено одговорни компании – „Витаминка“
Општествено одговорни компании – „Веледрогерија Септима“
Врвни достигнувања во медицината – „Аџибадем Систина“
Најдобар забавен ТВ-магазин – „Ексклузив“
Најдобро ток-шоу – „Еден на еден“
ТВ-лице – Сергеј Варошлија
Хуманитарен ТВ-проект – „Вип на еден ден“
ТВ-проект што поттикнува промени во општеството – „На иста страна“
ТВ-камбек – Анета Кочишки
Траен белег во печатените медиуми – Јадранка Костова („Фокус“)
Истражувачки ТВ-серијал – „Код“
Телевизиски достигнувања – Ацо Кабранов, уредник на „1 ТВ“
Најдобра спортистка – Наташа Андонова
Најдобар спортист – Бобан Илиоски
Најдобра спортска екипа – РК Вардар
Врвни спортски достигнувања – Горан Пандев
Специјална спортска награда – Шампионите на Специјалната Олимпијада
Најдобар бенд – ДУПЕР
Најдобра рок-изведувачка – Дани Димитровска
Најдобар видеоспот – Тамара Тодевска
Најдобар албум – Влатко Лозаноски-Лозано
Врвни музички достигнувања – Никола Перевски – Пере (Нокаут)
Траен белег во македонската музика – Влатко Стефановски
Општествено влијателна личност – Бојан Јовановски
„Стори-личност“ за 2018 година – Киро Стојов

Програмата беше збогатена и со музички дел, во рамките на кој публиката имаше можност да ги види и слушне гудачкиот оркестар на Пламенка Трајковска, Дани Димитровска, Александар Тарабунов – Тара, Ѓоко Таневски, Пере Нокаут, Антониа Гиговска.

Организаторите на „Story Awards“ во Македонија и издавачи на „Убавина и здравје“, „Home Style“, „Добра храна“, „Руски доктор“ и на специјалното издание на магазинот „Story“, присутните гости во салата ги почестија и со забавен коктел, кој се одржа веднаш по завршувањето на церемонијалниот дел, на кој со звуците на убавата музика, со пијалак во раката и вкусна храна во чинијата, „ѕвездените гости“ на „Story Awards 2019“ танцуваа и се дружеа во хотелот „Александар палас“.