Сте се запрашале ли некогаш, што е тоа што некои мажи ги прави попривличени од останатите? Не зборувам за физичка убавина или извајано тело. Тоа е прашање на вкус. Ниту пак за скапа брендирана облека. Мислам на самодовербата и дозата ноншалантност која е неопходен аксесоар за целосен впечаток.

Нешто по кое ќе се извоите од толпата. Вистинските мајстори точно знаат како да ја искористат облеката како главен адут, додавајќи на секоја комбинација свој автентичен спин, креирајќи стил кој ги прави единствени. Украдете некој трик од најпознатите заводници во светот и не заборавајте следниот пат кога ќе излезете од дома, со себе да го земете „она посебното“ кое ќе ве прави уникатни.

мажи

Џејмс Дин – ноншалантен кежуал

Фармерки и бела маица – апсолутно никој на светот не изгледа толку секси и привлечно во нешто толку обично. Тајната е благо подвитканите фармерки и ноншалантноста која секогаш е толку ѓаволски привлечна.

мажи

Боб Дилан – нова димензија на оделото

Идејата оделото да се носи со обична маица, е дело токму на Боб Дилан. Што ќе постигнете? Комбинација која ќе го поттикне бунтовникот во вас. Правилата постојат за да бидат скршени.

Ален Делон – крената јака

Што е тоа што е толку неодоливо кај французите? Доза надменост, незаинтересираност, а сепак секое парче облека во совршена кохезија. Токму тоа го доловува Ален Делон со кревањето на јаката на својот тренч мантил. Малку дрскост не е на одмет!

мажи

Дејвид Бекам – игра со бои

Дефинитивно е непобедлив кога станува збор за оставање впечаток. Без разлика дали е на спортски настан, кралска свадба или на обична прошетка, тој секогаш изгледа беспрекорно и магнетски привлечно. Бекам го скрши правилото дека сакото и панталоните треба да се иста боја. Во плејадата мажи во тегет одела, издвојте се по неговиот пример.

Пирс Броснан – бондовски стил на улица

Дефиницијата за софистицираност можете да ја најдете ако погледнете како најпознатиот Џејмс Бонд се носи – беспрекорен во секој поглед и со очилата за сонце кои му се заштитен знак, господин Бонд може да ви биде инспирација кога ќе имате потреба да се чувствувате и изгледате како милион долари.

Бред Пит – микс на стилови

Совршен пример за „посебното нешто“ и самодовербата е токму Бред Пит. Доказ? Изгледа совршено добро во смокинг, во фармерки и кожена јакна, во хавајска кошула, во деним од глава до пети. Знаете зошто? Бидејќи сето тоа го носи со самодоверба!

Џастин Трудо – ѓаволот е во деталите

Канадскиот премиер важи за еден од најдобро облечените политичари во светот. Совршено скроени одела, добро стилизирана фризура и шарени чорапи. Кој вели дека не може да се најде забава и во најформалните можни изданија?

Том Харди – троделно одело

Можеби стилот на Peaky Blinders е нешто кое дефинитивно никогаш нема да излезе од мода. Барем не кога станува збор за оставање впечаток на маж кој точно знае што сака и како да го добие истото. Том Харди го присвои троделното одело од мафијашите од Бирмингем и совршено добро го пренесе на холивудските улици.

Пишува:Т. Крстевска