Концертот на Стинг на 2-ри јуни на градскиот стадион е најамбициозниот проект на Авалон досега, изјавија на прес конференцијата по повод овој спектакуларен настан во нашиот град.

Концертот е дел од турнејата на музичката легенда насловена како „My songs” а во Скопје тој ќе изведе дел од најпопуларните нумери како од неговата соло кариера така и дел од периодот со бендот „The Police”.

Овој концерт го прави посебен и настапот на македонската музичка легенда Влатко Стефановски, како специјален гостин ,кој на 2 – ри јуни ќе настапи со неговото ново трио сочинето од синот Јан Стефановски и за него, неверојатното откритие од Струмица, Иван Кукиќ.

Нашиот домашен музички пандан за предизвикот од овој настап изјави дека за времето што го имаат мора да дадат три гола на домашен терен, а со оглед на неговата неверојатна кариера и исклучителен музички багаж тој за Авалонци беше единствена достојна алтернатива.

„После долги години, гледам дека Скопје порасна како град. Ништо не се случува случајно. Мојата историја со Стинг долго трае и споро се приближуваме еден кон друг. Можам да кажам дека тој ми давал инспирација во сите овие години наназад. Во шоу-бизнисот постојат многу ѕвезди, но не се сите музичари. Стинг е голем музичар кој заслужува огромен респект“, истакна Стефановски.

Репертоарот полека се подготвува, а Стефановски најави дека ќе внесе свежина кај присутната публика.

„Не сум сонувал дека ќе настапувам пред Стинг. Полека го бирам репертоарот. Ќе внесам нешто ново, можеби нешто неснимено досега. Тоа што не поврзува со Стинг е пристапот кон музиката, песните. Јас сфатив дека ако имаш женска публика, значи дека имаш добри песни. А Стинг има напишано многу големи песни“, рече Стефановски.

Воедно како значајно за концертот посочија за силната продукцијата бидејќи Стинг ќе настапи на иста сцена како онаа во ЕГЗИТ, што е уште една потврда за спектакуларноста на концертот. Токму оттаму, неколку дена претходно доаѓа и комплетната продукција за сè да биде навремено и соодветно наместено за настапот на 67 – годишната музичка легенда.