Во средината на септември, живи статуи од Шпанија, Бугарија, Србија, Украина и
Македонија му дадоа нова димензија на централното скопско шеталиште, улица
„Македонија“. Актерите – статуи од петте земји всушност учествуваа на фестивалот
„Статуафест – другото лице на улицата“ кој се одржа во организација на „Театроск“.
– Она што го прави овој фестивал поразличен од останатите е неговиот формат, односно живите статуи кои го разубавуваат градот и ја покажуват специфичноста на оваа професија пред македонската публика – изјавија од „Театроск“, кој повеќе од десет години се занимава со живи статуи и на фестивалот ја презентираше и својата продукција.
Целта на организаторот е да го развие овој вид уличен фестивал во Скопје по примерот на европските центри. Покрај живи статуи, фестивалот имаше и музичка програма со настапи на диџеи и бендови.