Срцевиот удар е двојно почест кај мажите отколку кај жените

Истражување во Норвешка покажува дека мажите почесто доживуваат срцев удар за разлика од жените. Причината, не е целосно позната. 

Веќе 15 години срцевите заболувања котираат на високото прво место, како водечка болест и причинител за смртност кај населението во целиот свет. И по сè изгледа дека немаат намера да го напуштат тронот. И тоа многу почесто се јавуваат кај мажите, отколку кај жените. А кога ќе се споменат срцевите заболувања, срцевиот удар прв се јавува како асоцијација. Експертите сè уште не можат со сигурност да ја потврдат причината за појава на оваа разлика меѓу половите. Едно истражување во Норвешка од 2016 година испитувалo скоро 34 илјади испитаници (мажи и жени) кои имале срцев удар помеѓу 1979 и 2012 година.

Според податоците од истражувањето, кај мажите постои двојно поголем ризик за појава на срцев удар отколку кај жените. 

Ризикот останува голем дури и во случаите каде не постојат ризични фактори за срцеви заболувања како што се високиот холестерол, висок крвен притисок, дијабетес, индексот на телесна маса и физичката неактивност. Според некои експерти, срцевите заболувања кај жените може да се појават и цела деценија подоцна, благодарение на заштитните својства на хормонот естроген. 

Симптоми и третман

Секое од срцевите заболувања бара поинаков третман, но сите се јавуваат со многу слични симптоми на кои треба да не останувате рамнодушни. Болките во градите се првата причина поради која треба да ви се вклучи црвениот аларм. Се нарекуваат уште и ангина, а се одликува со непријатност, тежина на градите, притисок, болка, жиговина. Меѓу останатите симптоми, чести се и недостатокот на воздух, нерегуларни срцеви отчукувања, забрзан срцев ритам, слабост и вртоглавици, гадење, потење. За време на срцев удар, симпотмите вообичаено траат околу 30 минути или подолго и не минуваат со одмор или орални лекарства. Во кој било од овие случаи, клучно е навременото реагирање и итната посета на лекар. 

Што можете да преземете за да го спречите ова?

Почнувајќи од 25 годишна возраст, проверувајте го ниво на холестерол во крвта на секои 5 години. Контролирајте ги крвниот притисок и холестеролот, ако се високи. Ако пушите, престанете со консумација на цигари, зголемете ја физичката активност на 30 минути дневно и внесете повеќе зеленчук и овошје во исхраната, а намалете ги заситените масти. 

Машки Магазин како промотор на доброто здравје, најтопло ви препорачува редовна контрола и ве поттикнува да закажете преглед и одговорно да се грижите за своето здравје. Месец ноември е месец посветен на подигнување на свесноста за машкото здравје.