Една година Машки Магазин, една година на македонскиот пазар. Прославата на едногодишното постоење се одржа во хотелот Парк, со симболика и во самиот термин на случување – 13 февруари, со почеток во 13 часот.
Во духот на симболиката на надминување на предрасурите и стереотипите за бројот 13, годишнината на М Магазин во пријатниот амбиент на ресторанот Four собра на едно место личности од сите сфери на јавниот живот во Македонија, кои со својата работа промовираат една урбана култура на живеење.
Меѓу гостите беа луѓето кои во изминатата година беа застапени на страниците на магазинот, но и пријатели од светот на уметноста, културата, бизнисот, дипломатијата, спортот, модата… кои со своето присуство дадоа поддршка и доверба во иднината и развојот на М Магазин.
Прославата на годишнината на Машки Магазин, всушност претставува своевиден вовед за една традиција. На 15 март 2019, во МНТ ќе се одржи првиот „М Маж на Годината”, во организација токму на Машки Магазин. За првичното издание на овој проект, предвидени се пет категории во изборот: Маж на годината (Гран при), Маж Урбан, Маж бизнисмен, Маж – спортист на годината и Маж од културата, сите кои оставиле свој белег во изминатава година.
За главните награди ќе одлучува 15-члено жири составено од редакцијата на Машки Магазин, но и десетина релевантни личности од јавниот живот: Виктор Кошевалиски, Снежана Богдановска – Сани, проф. Филип Фидановски , ИФББ Про Мирко Петровски, Влатко Кошевалиски, Тања Кокев, Иво Јанкоски, Чедо Поповски, Олга Костовска, Зоран Петров, Младен Ѓуроски, Радмила Павловска, Сретен Костиќ и Изет Цури.
Покрај главните категории предвидени се и награди за кои ќе се одлучува во соработка со други медиуми. За категоријата Најпосакуван маж од жените, Машки Магазин ќе одлучува во соработка со магазинот Убавина и Здравје, додека Жена по избор на мажите ќе се избира заедно со веб страницата www.mmagazin.mk.
Изборот на Автомобилот на Годината за вистинскиот маж ќе го направи сестринската редакција Авто Плус. Меѓу ревијални награди е и изборот на Странец во Македонија. Подготовките и гласањето за изборот за вистинските мажи за оваа година започнуваат од 15 февруари, а ќе траат до денот на одржувањето на манифестацијата – на 15 март, кога на еден мултимедијален гала настан во МНТ ќе бидат доделени престижните статуетки.