„Имам една голема лична желба, која штом е желба сигурно ќе биде остварена: би сакал да го прелетам светот сам со мојот авион. И доколку имам некој голем дефект попат, тоа нека биде во Бразил “

Зад првиот впечаток на јогиска смиреност, преку инспиративните мотивациски зборови , при првата средба со Игор Божиновски ќе ви се разоткрие бунтовна природа на човек со силна страст за живот, вечно љубопитен дух и немирна природа, зависник од адреналин , ризик и возбуда кои ги носат предизвиците во животот.

Буквална потврда и сопствен доказ на дело за слоганот „ Победи го времето-живеј го животот“ со кој го поткрепува својот познат бренд „Божиновски“.

ММАГАЗИН: Од бунтовник без причина до професионално и приватно исполнет човек, како се изодуваше тој пат на самореализација?

Јас на моите деца им велам, дека сите три заедно не можат да бидат поголем бунтовник и попроблематичен од тоа кога јас бев дете. Растен сум со самохрана мајка и мислам дека таа имаше многу комплициран живот со мене, во смисла дека бев многу своеглав, голем авантурист и многу непредвидлив.

Никогаш не знаеше што може да очекува од мене иако бев еден од најдобрите ученици и активен во безброј воншколски активности, но и најголем бунтовник на улица.

Бев првенец електроничар на Електро во Битола, а се случуваше да ме нема по неколку дена никаде. Ќе заминев и не се јавував каде сум. Бев тешко дете, верувам дека можеби и сега некои ме доживуваат како тежок човек, се разбира, зависи кој како ме перцепира.

Игор Божиновски

ММАГАЗИН: Како започнува денес веќе препознатливата приказна „Божиновски“?

Во младоста ултимативен предизвик ми беше Њујорк. Сметав дека тоа е едиствениот град кој сериозно ме предизвикува и спремен бев да го „изедам”. Тогаш и предложив на мојата девојка ( сега моја сопруга) да заминеме таму, но таа не сакаше да ја напушти Битола. И тогаш решив, ок, Битола ќе ја правиме Њујорк.

Растргнат помеѓу многу таленти, безброј желби и многу различни полиња на интерес, често се чувствував дека тешко ќе го одберам мојот животен повик. Јас бев електроничар, имав своја лабораторија во која имам поминато многу непроспиени ноќи, вљубен во воздухопловството и конструкторството, бескрајно љубопитен во структурата и хемијата на материјалите и наѕирајќи ја интригантната мистерија на кулинарството, некако се издвои и страста за дизајнирање и изработување на накит.

Преку лето како млад одев на различни туристички дестинации, изработував накит и го продавав на улица. Една од желбите ми беше да изработувам свој накит. Научив комплетно занает за изработка на злато и сребро во времето кога немаше YouTube и туторијали и започнав со изработка на своите први дизајни.

Кога созреа моментот, во 1996 отворив продавница во Битола за златен накит каде работев најмалку 12 часа дневно/7дена неделно, месец за месец…. Но анализирајки го пазарот во Битола сфатив дека во Битола во тој момент имаше 42 златари од кои половина сигурно беа традиционално фамилијарни бизниси, па се прашував на кој начин јас можам да се натпреварувам со нив. Сфатив дека за да се издвојам по нешто, морам да вметнам нешто единствено, уникатно, недостижно.

Во тој момент бев многу навлечен на Swatch часовниците и тоа беше една од моите младешки љубови, па си реков најверојатно треба да донесам некој добар бренд во кој што јас верувам за да луѓето направат разлика помеѓу мене и другите. Така започнав со комуникација со Swatch која траеше повеќе години, бидејки швајцарците не сакаа да чујат ништо за овој дел од Балканот.

Откaкo по многу години преговори и борба го донесов Swatch, беше полесно и полека почнаа да се отвораат и другите брендови и така почна приказната со името „Божиновски“. Во меѓувреме престанав да работам накит поради неможноста да се фокусирам на две полиња, но затоа сега мојата ќерка студира дизајн на накит и има желба да ја продолжи семејната приказна.

ММАГАЗИН: Кој беше значаен пресвртен момент во опстојувањето на брендот?

Пред некои пет-шест години по неколку годишно размислување, им објавувам на домашните дека ќе ја продадам фирмата. Мислев дека во тој момент имам постигнато сè што можам да постигнам во Македонија и дека понатаму единствено може да опстојувам на тоа ниво.

Оод друга страна, не сакав моите деца да растат со чувство на обврска и без можност на избор за свој животен повик. Утредента мојата ќерка отсечно ми рече: „Ако ја продадеш фирмата, јас повеќе не сум ти ќерка. Јас сакам да студирам дизајн на накит и сакам да студирам во Италија. И сакам да продолжам со фирмата.“

И тоа беше конечна одлука и причина зошто фирмата сеуште постои. Таа е многу сличен темперамент како мене, со многу таленти. А кога имате многу различни таленти тогаш имате проблем зошто не знаете за што да се одлучите. Но ете, таа точно знаеше што сака уште на 15 години.

ММАГАЗИН: Пилотирање со сопствен авион во никој случај не може да биде прашање на престиж туку на страст не секому блиска. Неибежно е прашањето како се изборивте за оваа ретка привилегија? Беше ли тоа детска желба?

Како дете на десет годишна возраст сфаќам дека имам два големи стравови. Страв од слободен пад и страв од длабочина. Но наместо да се кријам зад своите стравови како што обично бидува, невообичаено за таа возраст, јас размислувам како да се ослободам од нив.

Тогаш го открив Аеро клубот во Битола и се запишав како моделар. Така за не цела година јас стравот успевам го трансформирам во луда љубов.

Беше тоа необјаснив инстинкт во тоа мало 10 годишно дете кој помогнал да научи како се прават големите и значајни промени во карактерот. Со само 12 години почнав да се натпреварувам по воздухопловно моделарство низ цела тогашна Југославија. До толку многу јас „забегав“ во тоа што едвај чекав да наполнам 16 години за да се запишам за пилот едриличар и да можам да летам.

Колкава е таа љубов кон небото, можам да кажам дека од тогаш до денес, не сум пропуштил утро, а прво да не го погледнам небото низ прозорецот и во еден бескрајно краток момент да се замислам таму некаде… во плаветнилото, помеѓу облаците, низ дождот или снегот сеедно.

Стравот од длабочина ми остана мистерија уште некое време и се замислував како од него да се ослободам. Иако со текот на годините тој страв се намалуваше сеуште чувствував некоја нелагодност. Но се случи да отидеме во Кушадаси со Сандра, каде запознав инструктор по нуркање и си реков: „Сега му е мајката“.

Се спријателивме и следниот ден се најдов под вода… и така и тука се случи трансформација. Мојата детска желба да бидам космонаут, одеднаш како да се остварила. Речиси бестежинската состојба, тишината на морето, неописливо различниот пејсаж и стравот целосно му го отстапи местото на љубовта и страста.

Наскоро се здобив со дозвола за нуркање и длабочините одеднаш станаа моја нова средина, предизвик и место за средба со самиот себе.

Игор Божиновски

ММАГАЗИН: Што е за Вас среќа?

Јас имам едно нешто што им го кажувам секоја Нова година на моите вработени. Мене ми е непријатно да посакувам, бидејќи нема нешто што сум го посакал, а да не ми се остварило. Порано или подоцна.

Не знам дали е тоа поради детерминираност, дали поради искреноста или можеби упорноста, но мене желбите ми се остваруваат. И се разбира нема поголема среќа од тоа.

Сакав три деца, сакав да летам, сакав да нуркам, сакав накит, часовници,… сè што сум сакал сум остварил. На тоа ги потсетувам и вработените: да веруваат во себе и да веруваат во мене и сè ќе им се оствари. Мислам дека полека ја сфаќаат пораката.

Се чуствувам дека сум си ги остварил сите мои желби. Се чувствувам смирено и исполнето поради тоа, но понекогаш имам проблем кога ќе се соочам со тој факт, бидејќи се плашам дека нема што да си поставам како некоја нова цел, зошто сите мои детски соништа сум си ги остварил. Затоа се возбудувам на предизвици а еден од најголемите предизвици ми е кога некој ќе ми каже: ова е невозможно!

Не можам да го мешам успехот со бизнис. Успехот е нешто многу полично. Успехот е задоволство. Задоволство од самиот себе. Колку се познаваш и колку си искрен сам со себе. Колку не отстапуваш од детските желби и основните принципи кои си ги зацртал и кои те детерминираат како посебен, исклучителен, понекогаш многу своеглав и екстремно упорен.

Ако човек може да го задржи правецот на детските соништа и моралните принципи колку што може повеќе тогаш е тоа успех. Сè останато е компромис. Компромисот е бизнис, но тоа не е успех. Да не си подготвен на компромис значи да си подготвен на многу жртви.

На крајот се сведува на баланс. Човек мора да изнајде еден перфектен баланс на сите контрадикторности во животот. Тогаш може да рече дека успеал и дека е среќен.

ММАГАЗИН: Во време и атмосфера кога вистинските вредности се измутирани и парите се основна мерка за вредност и успехот се перцепира низ таа визура. Што е за Вас всушност успех?

Јас не се доживувам како успешен. Мојот основен „драјв“ во животот беше да бидам човек кој ќе мотивира млади луѓе, и многу долго време живеев со таа улога – дека јас всушност мотивирам млади луѓе.

Но сега по повеќе од 20 години работење, враќајки се наназад, во ова опкружување и на начинот на кој што младите функционираат сфаќам дека немам особено придонесено да мотивирам некој да функционира квалитетно, жртвувајќи се себеси за некакви идеали ии пазејќи ги своите принципи.

Во атмосфера кога не го знаат ниту поимот идеал, во таа смисла се чуствувам неуспешен. Си имав самиот поставено некаква цел дека треба да бидам некаков мотиватор.

Секогаш кажувам дека сум човек израснат на улица. Мене улицата ме научи на сè. Од секогаш сум имал чувство дека и должам на улицата, во фигуративна смисла. Мислам на општеството, на Битола, на Македонија. И сакам да возвратам за тоа.

Го превзедов Аероклубот во Битола со желба да го ревитализирам бидејки пропаѓаше. Јас таму израснав, таму ги научив сите вештини од компетитивност и тимско работење до основите на сите технички и природни науки вклучувајки го воздухопловството. Сакав да ги вратам децата во аеро клубот.

Но општеството (кое треба да ја има главната улога овде) не дава можност да им се помогне на младите, на децата да си ги изнајдат своите вештини, своите способности или да ги откријат оние кои не ги препознаваат, да научат да ги следат и остваруваат своите соништа и на крај , да ги трансформираат стравовите во страст. Но јас нема да престанам да се обидувам да возвратам во сè она што сметам дека сум го добил од Битола како град, иако тоа оди многу тешко.

ММАГАЗИН: Електроничар, моделар, изработувач на накит, пилот, нуркач… различни интереси кои во основа се сведуваат на едно: љубопитство. Се добива впечаток дека е тоа лајтмотивот во Вашиот живот?

Како дете имам посебна пасија: било каков уред, морав, ако ми дојде при рака да го расклопам до последно делче и пофторно да го составам. Не секогаш било успешно, морам да признаам. Правев страшни штети, но тоа беше компулсзивен порив посилен од мене. Затоа дома немавме никогаш (исправен) часовник. Сите стоеја расклопени и не можев да ги составам. Но затоа денес имам најдобар сервис за часовници.

Бидејќи животот не е часовник кој одбројува време туку прекрасен и совршен механизам кој одбројува моменти вредни за паметење.

ММАГАЗИН: Ако времето е четвртата димензија, а часовниците алатки за единица мерка, колку и какво е нивното значење во нашите животи?

Јас започнав една акција првично помеѓу моите вработени, пред некоја година: „Живеј го моментот“, сакајќи да им ја пренесам страста кон животот, пред сè , животот не е часовник кој одбројува време туку прекрасен и совршен механизам кој одбројува моменти вредни за паметење. Тиe ја сфатија мојата порака и полека сите се вклучија во обидот да ги меморираат моментите вредни за паметење, но и да генерираат свои нови вредни моменти.

За мене тоа е времето – да се генерираат што повеќе моменти вредни за паметење. А часовниците да ги перцепираме како прецизни мерачи на бесценети моменти. Сакаме и на нашите клиенти да им го поставиме моментот како единица време, не секундата, туку моментот. Значи воспоставувам една нова онтолошка мерна единица со која ја мериме вредноста на протечениот живот.

ММАГАЗИН: Часовниците се едно од најгенијалните човекови изуми, а индустријата на часовници настрана од нивната основна употребна вредност се разви во една цела филозофија на животен стил. Како Вие ја пренесувате оваа филозофија на Вашите клиенти?

Еден од најголемите предизвици на човештвото е контролирањето на времето. Но бидејќи е тоа невозможно во овој просторно временски континуум, изработувањето на совршени механизми кои беспрекорно го покажуваат времето и изгледаат како да се создадени од божества, а можат да се носат на рака претставува нешто најблиску до изработувањето на временска машина.

Затоа најдобритечасовници се изработени со бескрајна внимателност и почит, и со посветеност која се поистоветува со религиозност. Затоа и од брендовите кои ги имам во моето портфолио ниту еден не е тука случајно. Секој од овие брендови имаат исклучително препознатливи карактери, започнувајки од најниско ниво како ценовна групаоние преку кои се изразуваат, оние кои имаат младешка душа како Swatch, па до најсериозните и наменети за професионалци како Omega и Breitling.

Секој од нив има силен карактер, секој во својот домен со свои посебни атрибути со историја која има огромна тежина и бесценето наследство на вредности. Одбирани се низ сите овие 20 години наназад толку внимателно да одговараат и на мојот карактер. Брендовите кои ги застапувам значат надополнување на карактерот на сопственикот кој ги носи. И на тоа сум посебно горд.

Сум го направил тој избор со кој што вистинските луѓе можат да се разберат самите себе, да ги изразат своите детски соништа, страсти и љубови, можат и да го носат и тој одреден часовник како надополнување на нивниот карактер, но никогаш, нивниот часовник нема да зборува за нив само како статусен симбол.

ММАГАЗИН: Како успеавте низ едно време – невреме на турбулентна бизнис клима да изградите респектибилен домашен бренд?

Има trend setters и trend followers. А кога некој се поставува како трендсетер треба да биде бескомпромисен во својата цел. Да биде свој. И тука секогаш стои прашањето: до каде можеш да бидеш свој, а да не почнеш да паѓаш.

Но трендсетерот никогаш не смее да отстапува од својата цел. Сум бил многу пати во искушенија да поставам брендови кои се многу комерцијални и профитабилни и кога започнував со часовници, но не секој бренд донесен во мојата компанија можеше да ме одржи на таква позиција по патот кој си го имав поставено.

Со целата недоверба од Швајцарија дека во Македонија не може нешто да се случи, јас знаев дека само добра продажба и исклучителен однос со швајцарските партнери може да ја направи разликата дали ќе ме прифатат или ќе ме отфрлат. Добра продажба секогаш можев да направам лесно надвор од моите принципи. Но мене ми беше битно да не отстапам од нив.

Низ овие години имав страшни искушенија во ситуации кога економски беше скоро неможно да опстојам. Но секогаш ги поминував со мојот единствен начин кој го си го имав предредено.

Зошто, кое би било задоволството ако го постигнеш успех на начин кој што не е според твоите принципи? Вистинското задоволство е да го постигнеш на вистински морален, етички начин кој што е предизвик. Единствено се надевам дека моите деца ќе го превземат ваквиот начин на размислување.

Големите одлуки ги носам исклучително брзо, никогаш не се двоумам и никогаш не се каамми е криво за одлуките кои сум гѓи донел.

ММАГАЗИН: Се вели: сè може да ти простат освен успехот. Колку пријателства кај вас го положиле тој тест?

Кога станува збор за пријателствата, многу е деликатно. Во ова поднебје и атмосфера тешко опстојуваат вистински пријателства. Зависта и неработливоста си го прават своето.

Ако тргнеме само од неработливоста која е генетски имплементирана во овој народ, јас и малку други луѓе сме како изроди кои не можат да бидат прифатени. Само поради неработливоста, сето друго е додатен товар. Во таа смисла малку луѓе можат да се компатибилни , со кои што може да се споделуваат нештата.

Игор БожиновскиММАГАЗИН: Освен страстите кои го поткреваат адреналинот, за кои секојдневни животни активности имате посебна наклонетост?

Готвењето е едно од моите страсти. Во безбедно опкружување на кујната, потребата за ризик и адреналин гоја изразувам преку храбро експериментирање и фузирање на различни кујни. Адреналинот го чувствувам кога треба да сервирам за прв пат зготвена храна која предходно сум ја искомбинирал само во главата.

Имам некоја дарба, истовремено можам да ги составам во главата неколку различни вкусови и знам што ќе добијам. Тоа е како кога композитор кој создава музика, јас точно знам ако измешам н.п. пет состојки што ќе добијам км.ако краен резултат.

Човек може да ме „купи” доколку знае да ужива во храната заедно со мене, и воедно, за мене е неразбирлив „нечувствителниот” однос кон храната. Имам потреба да благодарам за секое убаво зготвено јадење до толку што знам да влезам во кујна и да го гушкам куварот во знак на благодарност. Непотребно е да напоменам дека добра храна е нецелосна без добро вино, а после добар оброк задолжително и добар дигестив.

Со цигарите завршив пред 18 год. Кога се роди моето второ дете. Од тогаш ми се врати и засили чувството за вкус и мирис. Како компензација за тоа откажувањето започнав да се вовлекувам во светот на пурите. Сега со огромно задоволство го завршувам, еден убав и исполнет ден со пура.

ММАГАЗИН: Што е за Вас хедонизмот?

Мајка ми е исклучително религиозна. Јас како дете научив што значи постење и откажување од одредени задоволства. Умереноста и откажувањата се дел од мојот живот, така да никогаш не ми е проблем да се откажам од било што.

Секогаш ја знам мерката за сè, и точно го знам задоволството од имањето или немањето. Високите критериуми се учат низ тој пат на откажување и дозволување , каде балансирајки помеѓу желбата и самоконтролата ги изучуваш префинетите вкусови.

Сакам да кажам дека немам посебен однос кон предметите. Предметите сакам да ми служат мене, а не јас ним. Имам специфичен однос кон автомобилите. Сакам добар автомобил, но тој е за мене само потреба.

За разлика од моторите и авионите кои се моја страст, во однос на автомобилите имам поинаков став. Луѓето кои обожуваат автомобили ги третираат како идоли, во смисла дека го подредуваат својот живот на беспрекорноста на автомобилот. Јас никогаш немам проблем да го „измалтретирам“ мојот автомобил и да го потрошам уште во првиот ден.

На 19 години со Tomos CTX од 80 кубика со девојката заминав за Санторини, без возачка и со минимално искуство без GPS, мобилен и само со мапа. Ова лето сакав да ја пренесам страста за мотори, и со поголемиот син цело лето се возевме низ Грција со мотори истражувајки ги неоткриените барови по плажите на Халкидики.

ММАГАЗИН: Колку професионално и приватно се потпирате на планови во настојувањето да генерирате убави моменти?

Како планови на кратки патеки планирам проширување на сервисот во регионот, бидејќи нема квалитетен сервис за часовници, аи ние според швајцарската индустрија на часовници сме најквалитетниот сервис на територијата на Балканот.

Можеби еден од плановите е и проширување на брендот „Божиновски“ во регионот и се надевам дека тука ќе ми помогне и мојата ќерка ако настапи со дизајн на своја линија на накит. Во моментов немам некои други големи амбиции.

ММАГАЗИН: Имате ли свои ритуали и на кои животни навики им робувате?

Понекогаш им завидувам на луѓе кои имаат ритуали во својот живот. Јас избегнувам навики и ритуали. Одсекогаш сум сакал секој ден да ми биде поинаков. Ја избегнувам секоја можна репетитивна секвенца во мојот живот. Не сакам шаблонизирање на животниот тек. Верувам дека секој момент може да биде и малку поинаков , повозбидлив , поневообичаен, … и тоа секојдневно. Тоа е мислам тесно поврзано со тој бунтовникот длабоко во мене. Ја сакам непредвидливоста, посебно кога самиот на себе сум непредвидлив.

ММАГАЗИН: Како некој кој го живее животот по сопствени правила, што за Вас претставува лудост?

Па најголемата лудост е да не се живее животот. Го имаме најголемиот дар, тоа е нашиот живот. Лудост е да не го живееме со полни гради, без радост и возбуда, без ризик и предизвик.

Лудост е да се живее со живот како еден брод целиот живот закотвен во мирно и безбедно пристниште, а бродот е создаден да плови и пркоси на морската шир низ бури и невремиња.

ММАГАЗИН: А што слободата?

Многу погрешно толкувана , многу често поистоветувана со безредие, анархија и самоволие, слободата ја поима само човек кој знае да си ја ускрати во интерес на зачувување на својот морален интегритет.

И да … Да леташ со едрилица на 3.000 метри височина, покрај тебе орел кој те доживува како свој, како брат. И ти него… И тоа е некој вид на слобода…

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.