Откажувањето на Рафаел Надал од турнирот во Париз е можеби најзначајниот настан во светот на тенисот изминатиот месец, бидејќи со неговото откажување, Новак Ѓоковиќ е човекот кој повторно се враќа на првото место на ATP листата!

По неверојатно трауматичниот период и агонијата низ која помина Ѓоковиќ, враќањето на врвот на ATP листата претставува огромна сатисфакција за сите негови фанови, но и конечен доказ пред „хејтерите“ дека Ноле е еден од најголемите во историјата на овој престижен спорт, а големите шампиони никогаш не смеат да бидат отпишани.

Ѓоковиќ долго време се искачуваше кон врвот, но потоа доживеа вртоглав пад во формата и со дури 15 порази во периодот од 2016 до 2018 се чинеше дека го загуби шампионскиот моментум. Иако направи пауза поради повреда, евидентно беше дека Ноле има и психолошки пад, како што и сам изненадно изјави во една прилика:

„Изгледа дека повеќе немам сила во себе“.

Сепак, колку што беше тежок падот, толку беше воодушевувачки кам-бекот на тронот. Од 22-та позиција во јуни годинава, ноември ќе го пречека како најдобар тенисер на планетата. Ова е негово четврто доаѓање на тронот, а останува да видиме колку време ќе успее да се задржи таму, но самиот факт што се врати, веќе го вбројува меѓу најдобрите во историјата на овој спорт.