По долго исчекување и голема неизвесност, Олимписките игри во Токио се конечно и официјално отворени. Откако беа одложени повеќе од 12 месеци поради Ковид-19 пандемијата, церемонијалниот почеток на ЛОИ се одржа на Олимпискиот стадион во градот домаќин.

Церемонијата го одбележа формалниот почеток на Игрите, кои ќе траат од 23 јули до 8 август, но најголемата промена во однос на претходните Олимпијади секако беа празните трибини. Но, поради тоа е посебна оваа Олимпијада и истата ќе се памети во историјата. Короната притискаше од сите страни, ја оневозможи публиката да присуствува на трибините, но душата на Игрите остана жива. Иако во непарна година, што е за првпат во историјата на модерните ОИ, проследена со „милијарда“ протоколи на педнатните Јапонци, заштитни маски, дистанца… Сето ова ги прави овие Игри посебни, а Јапонија и Токио не се предадоа и останаа одлучни во намерата да го одржат најголемиот спортски самит на Планетата.

Новоизградениот Олимписки стадион ги пречека најдобрите спортисти на светот, а само аплаузот од трибините недостасуваше за чувството да биде комплетно. Неизбежен беше и спектакуларниот огномет и шоуто со дронови. Олимписките кругови повторно блеснаа, а овие во Токио беа направени од дрво кое израсна од семето кое меѓународните спортисти го донесоа и го засадија кога овој град претходниот пат беше домаќин на Игрите, во далечната 1964 година.

Македонија со осуммина претставници

На отворањето на Олимписките игри, секако, продефилираа и македонските олимпијци предводени од таеквондистот Даниел Георгиевски и џудистката Арбреша Реџепи (24 часа беше во изолација поради директен контакт со заразено лице но сепак доби дозвола да биде еден од двајцата знаменосци), кои ја добија честа да го развиорат нашето национално знаме на Олимпискиот стадион во Токио и пред стотиците милиони гледачи крај малите екрани.

Нашата делегација во Токио ќе ја претставуваат осуммина спортисти и тоа: Дејан Георгиевски (Таеквондо), Магомедгаджи Нуров (Борење слободен стил), Јован Стојоски (Атлетика, 400 метри), Пулексенија Јованоска (Карате), Борјан Бранковски (Спортско стрелаштво – воздушен пиштол 10 м), Арбреша Реџепи (Џудо), Миа Блажевска – Еминова (пливање) и Филип Деркоски (пливање).

Се одржа и минута молк за сите оние кои страдаа за време на пандемијата. Но, останува надежта дека следните Игри ќе се одржат во нормални услови. А дотогаш, ни останува да го извлечеме максимумот и да уживаме во овие необични Олимписки игри, за првпат одржани во едни вакви услови.