Секој оној кој е љубител на научно-фантастичните филмови од 80-тите и 90-тите години на минатиот век, сигурно ќе биде воодушевен од летечкиот мотоцикл на JetPack Aviation, наречен Speeder.
Иако првично за него се говореше во 2019 година, сега пристигнуваат нови вести. Имено, според Robb Report, овој небесен мотоцикл е се поблиску до тоа да стане реалност и би можеле да го гледаме Speeder во небото веќе од 2023 година.
Првично, Speeder бил замислен со четири мотори. JetPack го зголеми бројот на турбини на осум поради безбедноста, во случај некој од моторите да престане да работи, да не биде предизвикана потенцијално фатална несреќа. Но, сега работите стануваат уште поинтересни. Имено, 2.0 верзијата на Speeder „исто така ќе понуди импресивна моќност, овозможувајќи 136 килограми тешкиот Speeder да носи 272 килограми, што е сооднос меѓу големината и носивоста што го издвојува Speeder од останатите eVTOL модели“.
JetPack наводно веќе ја тестира најновата верзија на Sрeeder и без дилеми ќе продолжи да ги менува и унапредува работите до 2023 година, за кога е планирана премиерата. Инаку, една од новините кај овој летечки мотоцикл е што компанијата соработува со Prometheus Fuels за да го користи гориво кое не содржи CO2, што значи дека Speeder ќе биде и еколошко возило исто така.
Компанијата JetPack Aviation на својата Ѕpeeder страница исто така соопштува и една мошне разочарувачка вест за потенцијалните купувачи. Имено, планирани се само 20 рекреациони Ѕpeeder модели кои ќе се најдат во слободна продажба. Остатокот од производството ќе биде наменето за армиски и владини потреби. Но, не е исклучена можноста за производство по нарачка, но за такво нешто потребни се 381.000 долари.