Изминатава недела во скоро цела Европа, беа забележани ситни светлечки објекти налик ѕвезди кои танцуваа на небесниот свод. Во Скопје беа особено видливи саботата вечер некаде околу 21 часот. Додека уживав во чаша вино на тераса и се воодушевував колку е чисто небото, па конечно се гледаат ѕвездите забележав дека некои од нив се движат.
После првичната помисла дека нешто ми се причинува, почнав да бројам колку „ѕведи“ прошетаа и што би можело да биде тоа. Идејата дека се авиони ја исклучив кога сфатив дека е невоможно да поминат толку многу истовремено. Потоа помислив дека можеби се комети или делови од астериодот кој се очекува да помине покрај Земјата кон крајот на мај, за на крај да се обратам на стариот добар Google и да најдам одговор.
И додека социјалните мрежи се полнеа со различни теории почнувајки од стандардните за посета на вознемјани, движење на комети, па дури и оживување на ѕвезди, а сведоците на ѕвездениот танц читаа различни истражувања, вообразениот билионер Илон Маск (сопственикот на Tesla), задоволно седеше во својата фотелја и се смешкаше бидејќи неговиот план за лансирање на 42.000 сателити кои ќе обезбедат глобална достапност до интернет несомнено успешно се лансира.
Се испостави дека станува збор за проектот SpaceX, тежок 20 милијарди долари на компанијата Starlink зад која стои токму Илон Маск, компанија за ракети која со новиот проект сака да обезбеди супер брз безжичен интернет од Земјината орбита, но и во иднина преку овој проект да се финансираат Starship вселенското летало наменето за 100-тина патници за мисии на Марс и Месечината.
Што всушност е Starlink? Тоа е проект кој има за цел да лансира 42.000 сателити со помош на кои целата популација на Земјината топка ќе има пристап до евтин безжичен интернет. Сателитите се планира да бидат во функција и за различни воени, научни и истражувачки цели, а истите се лансираат во орбитата, по 60 стателити одеднаш со помош на ракетата Falcon 9, на секој две недели на оддалеченост од 290 километри од Земјата, а потоа преку сопствени јонизирачки мотори ќе достигнат оддалеченост помеѓу 340 и 550 километри.
Надвор од небесниот спектакл на „ѕвездени возови,“ во кои несомнено љубителите на ѕвезденото небо уживаат и ќе уживаат (од 20 април до 24 април се очекува ново танцување на сателитите кое ќе биде особено видливо за земјите од Западна Европа), проектов е особено контроверзен за научниците и астрономите кои ги загрижува фактот дека силната светлина на сателитите (кои светат посилно од Венера и останатите ѕвезди и планети) им ги попречува опсервациите на ноќното небо.
Имено, во моментов секојдневно орбитираат околу 3.000 активни сателити околу Земјата, па токму затоа научниците се загрижени дека драматичното зголемување на бројот на сателитите може негативно да се одрази поради дополнителната светлина на ноќното небо, кое за научниците кои се занимаваат со опсервација на небото ноќе, може да биде огромен проблем, бидејќи планетите и ѕвездите кои се под опсервација, а се со помала светлина нема да бидат видливи токму поради овие сателити, па огромни научни истражувања ќе пропаднат, меѓу кои набљудувањата на планетите зад Нептун, вклучувајќи го и ловењето на мистериозната планета Девет.
Но, ќе се јави проблем и при лоцирање на масивните астероиди кои се движат накај Земјата. Научниците велат дека губењето на 30 до 60 минути обсервација секоја ноќ, додека поминуваат сателитите може да им предизвика значителна штета, имајќи го предвид фактот дека ним буквално секоја секунда им е важна, а светлината им значи многу.
Истражувачот на метеори од Универзитетото во Онтарио, Денис Вида има изјавено дека целата оптичка опсервација на метеорите може да се прекине во моментот кога целиот проект SpaceX ќе биде завршен, а тоа се очекува некаде во 2024 година. Она што е интересно е што во моментов не постои никаква регулација или закон кој го заштитува ноќното небо, ниту пак постои начин како да се спречи лансирање на нови сателити во орбитата.
Исто така, Американската астрономска заедница, за време на посебната сесија „Предизвиците за астрономијата од сателитите,“ велат дека не се проблем само сателитите на Starlink, постојат и други компании (Amazon и OneWeb) кои планираат да лансираат интернет сателити, иако не во толкав број и секако помали од SpaceX.
Проблемот со големиот број сателити ја зголемува можноста на колизија на два сателити, кои може да експлодираат и произведат илјадници мали парчиња остатоци, како што беше случајот во 2009 година, кога се судрија руски и американски сателит. Секое парче може подоцна да влијае на другите сателити кое води до најлошото можно сценарио кога делови од Земјината орбита стануваат неупотребливи или во науката познато како синдромот Кеслер.
Од друга страна пак, основачот на проектот, Илон Маск, вели дека инженерите на компанијата се уште работат на тоа да ја намалат светлината на Starlink сателитите, вкучувајќи и додавање на темен екстериер и додавање сенки кои ќе ја намалат светлината. Колку од она што го ветуваат е вистина, останува да се види.
Другата контроверзност околу проектов се поврзува со идејата на Илон Маск, дека неговите сателити ќе го спасат светот. Станува збор за тиранската злоупотреба на лажните вести преку медиумите на светско ниво, како и филтрирање на информациите кои владите сакаат да им ги пласираат на своите граѓани, секако со помош на интернетот. „The Great Firewall of China,“ можеби е најпознат пример, но не заостанува ни Руската технологија која става заштита на внатрешните мрежи, сервери и интернет корисници. И секако тука е Индија, која едноставно го блокираше интернетот целосно додека се справуваше со анти-муслиманското граѓанско право.
Како и да е, секоја влада со различен пристап контролира што граѓаните ќе видат, слушнат или прочитаат и секако ако е потребно нешто и ќе цензурираат. Тука стапува на сцена Starlink и Илон Маск – кој неодама откри како луѓето ќе имаат пристап до Starlink. Едноставно ќе се обезбеди пристап до релативно слободен глобален интернет од буквално секоја точка на планетата.
Или тоа би значело дека граѓаните на Кина конечно ќе имаат пристап до Google, русите ќе можат да гледаат странски анализи за политиките на Путин, додека на индиските протестанти нема да им биде скратено правото на пристап до интернет. Сето ова утопистички сервирано од Илон Маск, со надеж дека ќе биде во функција за помалку од една година нема лесно да помине кај големите светски лидери.
Како и да е, светлечкиот спектакл е интересен да се проследи, а точното мапирање и движење може да го проследите на веб-сајтот findstarlink.com, каде по локации се покажува во кој момент, каде ќе бидаат видливи сателитите со голо око.
Пишува: Т. Крстевска
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.