Sony годинава треба официјално да ја претстави најновата генерација на култната гејминг конзола PlayStation 5, но од јапонската компанија изгледа го потврдија изгледот на финалниот продукт.

Првичните насоки за новиот изглед на PlayStation 5 беа прикажани уште минатата година кога беа откриени патентите за дизајнот, кој радикално се разликува од PS4, но и од сите претходни генерации на популарната конзола. Наместо стандардниот правоаголен облик, новата генерација на Playstation добива футуристички изглед до доза на научнофантастичен „допир“.

Во изминатиот период се појавуваа доста фотографии од развојната единица на новата конзола на Sony, која навистина има поинаков изглед од она на што сме досега навикнати. Сепак, мора да се земе предвид дека развојните единици на конзолите често изгледаат прилично поинаку од финалниот производ. Така, обликот во форма на латиничната буква „В“ на развојната единица на PlayStation 5 наводно се користи за полесно тестирање и оптимизација на ладењето. Со оглед на тоа дека станува збор за најмоќната конзола на Sony досега, ладењето секако е еден од приоритетите.

Се уште не се знае што да се очекува од финалниот дизајн, би можело да биде нешто едноставно и елегантно, како што е Xbox Series X на Microsoft, или нешто налик фотографиите кои се појавија по „протекувањето“ на патентот за PlayStation 5. Но, како и да е, наводно веќе се појавија индиции и тоа од официјални извори за тоа што нѐ очекува престојниот период од Sony.

На еден популарен форум за гејмери беше објавена фотографија од јапонската веб-страница на PlayStation на која се прикажува иконата за PS5 во V-дизајн. Администраторот кој ја има постирано фотографијата тврди дека успеале да ја фотографираат страницата пред истата да се ажурира и да биде отстранета иконата. Затоа, останува нејасно дали ова е оригинално, но многу кратко излегување во јавноста и своевиден „тизер“ од страна на јапонската компанија, или сепак лажна фотографија, ќе покаже времето.

Како што се наближуваме кон официјалната премиера на PlayStation 5 кон крајот на овој месец, за очекување е да се појавуваат и „протекуваат“ разни „тизери“ и фотографии од новиот изглед на популарната конзола. Сепак, според шпекулациите, информациите и најавите од речиси сите светски медиуми, навистина можеме да очекуваме радикална промена на изгледот на PlayStation 5.