Идејата за искачување на највисокиот врв на Килиманџаро и највисок врв на континентот Африка, дојде од страна на Лазо Миноски, кој ме праша дали би сакала да се приклучам на тимот. Со задоволство прифатив, меѓутоа Лазо со уште двајца негови избраници во тимот имаа план за искачување со велосипеди до врвот. Знаејќи ја мојата психофизичка подготвеност, знаев дека сум доволно подготвена за искачување на тој врв, меѓутоа одлуката падна сепак да качувам пеш, а не со велосипед.

Купувањето на авионски карти во време на пандемија, каде секојдневно отвараат и затвараат граници, и менуваат правила по европските аеродроми, дополнително донесе неизвесност во нашиот план. Но сепак, храбрите ги следи среќата, па така од Софија преку Букурешт, Доха до Килиманџаро слетавме скоро во еден здив. На 13-ти Февруари во раните утрински часови веќе бевме на тлото на Африка.

На 14 февруари јас, Кирил и Филип го започнавме нашето искачување кон врвот Ухуру – 5.895 мнв. на Килиманџаро. Тргнавме од Марангу портата која се наоѓа на 1.850м надвморска висина, околу 12.30 часот по локално време. Патеката од Марангу портата до Мандара Хатс е движење низ џунглата. Па така во текот на целото искачување се чувствува отежнатото дишење од влажниот воздух, се гледаат и слушаат криците од мајмуните на кои природно живеалиште им е џунглата. Првиот ден имавме искачување на околу 1.000м висинска разлика, и првото ноќевање е во Мандара Хатс, планинарски бунгалови кои се наоѓаат на висина од 2.720м. Во овие бунгалови пристигнавме по само 2 и пол часа пешачење.

Прв ден – температура 17,6 / висина: 2720 метри

На 15 февруари во 07:00 часот наутро се упативме од Мандара Хатс кон Хоромбо Хатс, бунгалови во кои е планирано нашето второ ноќевање, и се наоѓаат на висина од 3.720м. Патеката која започнува во џунглата, излегува низ прекрасните савани на Африка, и веќе над 3.000 метри надморска висина дишењето е отежнато не само од влагата, туку и од се реткоста и притисокот во воздухот. Поради отежнато дишење, движењето е исто така побавно и искачувањето до Хоромбо хатс траеше 4 и пол часа. Така, околу 11.30 часот по локално време пристигнавме на второто ноќевалиште. По мал одмор, од тука се упатуваме до Зебра Карпите кои се наоѓаат на 4.000м надморска висина.

Аклиматизација до 3.995m до Zebra rock

Следна цел е да стигнеме до 4.720м надморска висина, односно до Кибо хатс, каде што ќе направиме одмор, и веднаш истиот ден продолжуваме нагоре кон врвот. Овој вид на искачување е со активна аклиматизација. На 16 февруари во 7 часот наутро тргнуваме кон Кибо хатс. Движењето веќе е по карпести предели, каде што нема густа вегетација, и воздухот е се поладен. Температурата на воздухот се симнува се поблиску до нулата. По неколку часовно искачување, во 12:30 часот по локално време пристигнавме цела екипа на висина од 4.720м.

Килиманџаро

На овој висински камп веќе секој од тимот почна да чувствува големи промени во телото. Отежнато дишење и движење, како и умор кој на вакви висини се чувствува поинтезивно. По ручекот, во координација со водичите од Националниот парк Килиманџаро, одлучивме на полноќ да тргнеме кон врвот Ухуру. Половина час пред полноќ почнуваме со подготовки, и точно во 12 часот тргнуваме од Кибо хатс кон врвот Ухуру. Знаевме дека не очекува долг пат, во кој треба да искачиме висинска разлика од дури 1.300м и тоа не е воопшто лесно на вакви висини.

Движењето оди бавно, и по речиси 6-часовно искачување, пред изгрејсонце тимот од Македонија успеа да се искачи на Ухуру – највисокиот врв на Килиманџаро. Температурата во тој момент на врвот изнесува околу -17 степени целзиусови, сонцето сеуште не изгреало, студот се чувствува во секој дел од телото, но на среќата и нема крај.

3 ден до 4.720m

17 февруари во 05:50 часот наутро по локално време, тимот од шест членови успешно го искачува највисокиот врв на Африка. После само 10-тина минути од искачувањето имавме прекрасно изгрејсонце, и веднаш побрзавме да направиме фотографии и видеа од тимот на врвот.

4 ден – Summit day – датум и висина

На самиот врв се задржавме околу 40 минути, и нешто по 06:30 часот го започнавме спуштањето кон висинските кампови. Од врвот до Кибо хатс спуштањето ни одзема околу 3 часа. На 4.720м направивме неколку часовен одмор, и околу 12 часот на пладне продолживме со симнување кон Хоромбо хатс.

Доколку измериме, искачувањето од почеток до самиот врв траеше околу 65 часа. Симнувањето ни одзема двојно помалку од ова. Импресиите кои ги симнав од Килиманџаро ќе останат врежани во мене до крајот на животот. Од џунглата и дивиот свет кој живее во неа, преку саваните и густата вегетација, африканското сонце кое не изгори, до минусните температури на врвот кои не премрзнаа, и снеговите на Килиманџаро кои не воодушевија. Предизвикот да се искачи највисок врв на црниот континент за мене претставува само чекор поблиску до мојата цел, а тоа се искачени седумте највисоки врва на седум континенти. Првиот е Елбрус, највисок врв во Европа со висина од 5.642м, и втор е Килиманџаро – врвот Ухуру кој е висок 5.895м.

Следниот врв на листата најверојатно ќе биде највисокиот врв во Јужна Америка, а тоа е Аконкагва кој е висок 6.962м и се наоѓа во Аргентина.

Tissot часовникот што ја придружуваше оваа експедиција на Килиманџаро го има во продажните места на Божиновски часовници и накит. Станува збор за моделот Tissot T-Touch II Titanium Ladies Watch