Во последно време некои луѓе свесни за штетите кои и ги правиме на природата, наоѓаат решенија за начинот на кој глобалното население троши ресурси. Со таа причина италијанскиот архитект Стефано Боери дизајнира Smart Forest City за Канкун, Мексико, кој покрај тоа што ќе биде дом на милиони дрвја и грмушки што ќе помогнат во намалувањето на штетните гасиво, ќе биде и центар за иновации поврзани со климатските промени.
Плановите наложуваат изградба на само-одржлив паметен град кој ќе ги ублажи штетите што градовите и луѓето ги прават на природното опкружување. „Урбано шумарство“ е потписот на италијанскиот архитект и урбанист, Стефано Боери, и е дел од компанија која е позната по вертикални шуми, неверојатни балкони што се надвиснати со вегетација во метрополи како Милано, Шангај, Каиро и Чикаго.
Филозофијата на овој архитект е дека со зголемувањето на бројот на дрвјата и шумите драстично ќе се намали загадувањето, ќе се зголеми биодиверзитетот на живите организми, што би довело до посигурна, побезбедна, здрава, привлечна и пријатна животна средина.
Smart Forest City ќе покрие повеќе од 1.376 хектари земја, изграден на локација која првично била наменета за трговски центар. Според Стефано соодносот растенија-луѓе би бил еднаков, односно 362 хектари зелена површина со популација од 130.000 луѓе, со вкупен број од околу 7,5 милиони растенија, од кои 260.000 се дрвја.
Проектот за „урбан екосистем во кој природата и градот се испреплетуваат и делуваат како единствен организам“ всушност е 100 проценти само-одржлив, со енергетска ефикасност, храна и циркуларна економија. Интегрирани фотоволтаични панели ќе ја обезбедат енергијата за градот, систем за десалинација на морската вода ќе обезбеди вода за населението и земјоделието, автомобилите нема да бидат дозволени, а целиот град и систем на функционирање ќе биде заснован на намалување, поправка, повторна употреба и рециклирање.