Според законот на веројатноста, по 3-годишната доминација на Реал Мадрид, реално е да очекуваме дека оваа сезона ќе имаме нов владетел во Европскиот фудбал.
Скоро (не)реална доминација
За некои најсаканиот, но за некои најомразениот клуб во Европа. Ваков или таков, Реал Мадрид успеа да го постигне незамисливото: три сезони по ред ја освојуваат Лигата на шампионите, на тој начин создавајќи еден вид комплекс кај останатите клубови.
Токму затоа, многумина сакаат да ги девалвираат нивните успеси. Едни ќе речат дека пред две години ја искористија (наводно) жестоката караница на полувремето во соблекувалната на Јувентус и го расклопија гигантот од Торино на ситни парчиња за само 20-тина минути.
Лани, многумина го препишаа успехот на (наводно) намерниот прекршок на Рамос кој го исфрли од игра, во тој момент несомнено најдобриот фудбалер во Европа, Мо Салах. Сепак, кога страстите ќе стивнат, станува јасно дека освојувањето на Лигата на шампионите е комплексна мисија на која не влијае само еден момент, прекршок или судиска одлука. Кралскиот клуб веќе три години по ред безгрешно ја совладува таа мисија и со право го има во своите витрини најпосакуваниот трофеј во клупскиот фудбал.
Кристијано Роналдо со 120 голови е најдобриот стрелец на сите времиња во Лигата на шампионите. Зад него е Меси со 100 погодоци и тешко е веројатно да се верува дека годинава ќе има промени на врвот.
Почеток на крајот на кралската доминација
Само неколку минути по историската 3-та титула по ред, како во изопачените сценарија на филмовите на Тарантино, можеби започна почетокот на крајот на доминацијата на Реал Мадрид. Кристијано Роналдо меѓу редови го најави заминувањето од Бернабеу.
Колку и да не сакаа да поверуваат, најавата дека нешто лошо ќе се случи дојде само неколку недели подоцна. Оставка на Зидан. Некои тука го видоа останувањето на Роналдо, но уште неколку недели подоцна се случи и незамисливото. Приватниот авион на Андреа Ањели го посети Миконос, каде португалецот го користеше летниот одмор и го обезбеди најпосакуваниот потпис ова лето.
За Реал се најавуваа Азар, Нејмар, Дибала, но сите му го свртеа грбот на Флорентино Перез. Сега, останува на „ѕвездите во сенка“ изминативе сезони (Бејл, Модриќ, Бензема, Иско…) да докажат дека вредат.
Сите очи кон Италија
За многумина, трансферот на Роналдо во Јувентус и повторното враќање на 4 тимови од Италија во ЛШ е причина да го бараат новиот освојувач токму на Апенините. Јувентус под Алегри за четири години два пати игра финале, а годинава, генералноот менаџер Бепе Марота самоуверено најави дека Лигата на шампионите е приоритет број еден! Лани, потценетата Рома ги изненади дури и сопствените фанови со неверојатниот пласман во полуфинале.
Наполи под водство на Маурицио Сари како да ја жртвуваше ЛШ за сметка на крволочната борба да го симне Јувентус од тронот во Серија А, но доаѓањето на Карло Анчелоти (титули во ЛШ со Реал Мадрид и Милан) е гаранција дека наполитанците ќе се обидат да „нагазат“ и во Европа. Иако добија група со ПСЖ и Ливерпул, Анчелоти се „закани“: „Сигурен сум дека во Париз и Ливерпул не отворија шампањско да прослават кога дознаа дека ќе играат против Наполи“.
Тука, после долги години го имаме и Интер чиј состав на фудбалери гарантира жестока борба за секој бод и конечно враќање на големата сцена на гигантот од Милано.
Икер Касиљас е фудбалерот со најмногу настапи во историјата на Лигата на шампионите. Оваа сезона, никој нема да може да го стигне неговиот рекорд од 167 настапи. Најблиску е Кристијано Роналдо со 153 настапи, а доколку Јувентус игра во финале и Роналдо ги одигра сите натпревари, ќе стигне до бројката од 166 – еден помалку од легендарниот голман на Реал Мадрид.
Фудбалот се враќа дома
Пласманот на Ливерпул во финалето на ЛШ лани, а потоа и (неочекувано) одличниот настап на репрезентацијата на Англија на СП во Русија се одлична најава за нападот на нивните клубови на трофејот во Лигата на шампионите.
Ливерпул под Клоп игра можеби најдопадлив фудбал во Европа, а за Манчестер Сити и Пеп Гвардиола по неверојатната сезона во Премиер лигата лани, фокусот годинава со сигурност ќе биде кон Европа. Тотенхем веќе прерасна во созреан учесник и незгоден противник за секого, а никој не може да се осмели да ги отпише Мурињо и Манчестер Јунајтед.
Секогаш фаворити
Освен Реал Мадрид, во последната деценија се навикнавме на фаворитската улога и на Меси и Барселона кои имаат посебен мотив во фактот дека веќе три сезони по ред пехарот завршува во витрините на нивниот најголем ривал. Тука е и личната борба на Меси со Роналдо, која со заминувањето на португалецот во Италија, ќе имаме луксуз да ја гледаме само во Лигата на шампионите.
Иако е далеку од Реал Мадрид по бројот на шампионски титули, Баерн Минхен има најмногу настапи во четврт-финалето на Лигата на шампионите – дури 17! Зад нив се Реал Мадрид и Барселона со по 16 настапи, Манчестер Јунајтед со 13 и Јувентус со 11.
Фаворит „од сенка“ ќе биде и Атлетико Мадрид. За нив, Лигата на шампионите е единствениот трофеј за заокружување на повеќе од успешната ера на Симеоне и Гризман. Тука се и претставниците од Германија, предводени од традиционално силниот Баерн Минхен, но се чини оваа сезона, Бундес лигата нема да има сила да го даде новиот шампион на Европа.
За крај, можеби не поради традицијата, туку само поради силниот (богатиот) состав на фудбалери, не смееме да ги заборавиме ПСЖ. Кај „светците“ од Париз, се чини недостига она кое ние фудбалските фанови го нарекуваме „фудбалска магија“ – комбинација од тимски дух, шармантност, традиција и љубов кон клубот.
Едно е сигурно, пред нас е можеби најнеизвесната сезона во Лигата на шампионите во последната деценија. Групната фаза започнува, а наше е да уживаме во најпрестижното фудбалско натпреварување на планетата.
Сити фаворит кај букмејкерите |
|
Манчестер Сити | 5,50 |
Барселона | 7,00 |
Јувентус | 7,50 |
ПСЖ | 8,00 |
Реал Мадрид | 10,00 |
Баерн Минхен | 11,00 |
Ливерпул | 12,00 |
Атлетико Мадрид | 13,00 |
Тотенхем | 21,00 |
Ман. Јунајтед | 29,00 |